Достапни линкови

 
Загадувањето во Струмица - бизнис интереси посилни од законите?

Загадувањето во Струмица - бизнис интереси посилни од законите?


Загадување на воздухот во Струмица.
Загадување на воздухот во Струмица.

Граѓаните на Струмица бараат одговорност за загадениот воздух што го труе целиот град. Протестите открија сомнежи за бизнис интереси зад палењето кабли и индустриските емисии без филтри, додека институциите покажуваат немоќ да ги докажат прекршувањата.

Значително повисоките концентрации на сулфур диоксид во споредба со другите градови го разгореа револтот кај струмичани кои протестираа барајќи решение за загадениот воздух.

Сомнежите на активистите и граѓаните за загадувањето со сулфур диоксид се насочени главно кон два можни извори – фабриката „Еленица“, која како гориво користи петрол кокс за производство на тули, и палењето на кабли за добивање бакар, за што велат дека е честа појава во околината на градот.

Официјалните податоци од мониторинг системот за квалитет на воздухот покажуваат дека во јануари и февруари дневните концентрации на сулфур диоксид во Струмица биле значително повисоки во споредба со сите други градови каде што има поставени мерни станици.

Инфографика - Дневни концентрации на сулфур диоксид од 17 до 26 февруари 2025
Инфографика - Дневни концентрации на сулфур диоксид од 17 до 26 февруари 2025

Протести изминативе денови немаше додека воздухот беше со подобар квалитет, но се до денеска кога граѓанското здружение „Здрава Котлина“ повторно обвини дека минатата вечер во Струмица повторно се горел отпад на отворено, при што за само два часа градот бил загаден со токсични гасови со мирис на изгорена пластика и гума.

Според здружението, зад овие активности стојат интереси на „мафија со отпад“ која остварува милионски приходи од трговија со метален отпад, а дека институциите не покренуваат истраги за потеклото и обработката на отпадот што се прикажува како рециклиран.

Фабрика со дозвола – но без филтри

Во однос на работата на поголемата индустрија во градот, според активистите од „Здрава Котлина“ проблематично е што во А- Интегрираната еколошка дозвола на ИГМ Еленица не е наведено дека фабриката користи филтри за прочистување на емисиите, што според нив е алармантно бидејќи петрол коксот како гориво содржи големи количини сулфур.

„Ако ИГМ Еленица цело време работи без филтри и согорува петрол кокс, тогаш крајно време е да се погрижиме тоа да се промени, привремено да престане со работа и евентуално да почне со работа откако ќе стави филтри што ќе ги користи“, вели Ѓорѓи Танушев активист од Здрава Котлина и советник во Советот на Општина Струмица.

Тој вели дека Интегрираната еколошка дозвола што ја поседува фабриката од јуни 2019 година, иако предвидува преминување на гас кога ќе биде достапен, тоа не е направено и покрај тоа што во Струмица има гасификација.

„Самата дозвола е лиценца за убивање“, вели Танушев.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање до објавувањето на текстот не добивме одговор зошто на фабриката ѝ е издадена А-интегрирана еколошка дозвола без да наведе дека користи филтри.

Според податоците од Бизнис мрежа, меѓу членовите на Надзорниот одбор на Акционерското друштво индустрија за градежни материјали „Еленица“ – Струмица е и Катерина Бојовиќ Заева, братучетка на поранешниот премиер и ексградоначалник на Струмица, Зоран Заев.

Инспекторатот не утврдил загадување

Во одговор за Радио Слободна Европа што го добивме од Државниот инспекторат за животна средина, државните инспектори во текот на 2024 и 2025 година извршиле четири надзори во фабриката Еленица, но утврдиле дека емисиите на сулфур диоксид (SO₂) се во рамки на дозволените граници, иако во одговорот не е наведено дали фабриката користи филтри.

Според Инспекторатот, печката за печење тули била исклучена од 28 декември 2024 до 10 февруари 2025 година, што било пријавено до институциите.

Од ДИЖС велат дека фабриката „Еленица“ врши мерења на емисиите во воздухот преку акредитирана лабораторија, а резултатите ги доставува до Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Тунелската печка што користи петрол кокс како гориво при производството на тули испушта емисии што се во рамки на дозволените гранични вредности, без надминување на концентрациите на сулфур диоксид (SO₂)“, велат од Инспекторатот.

Дополнителна загриженост предизвикува и одредбата од дозволата според која фабриката може да преработува и одлага опасен и неопасен отпад, иако Инспекторатот тврди дека тоа не се случува.

Граѓаните бараат преиспитување на дозволата, воведување филтри за прочистување на емисиите и привремен прекин на работата додека не се исполнат еколошките стандарди.

Во Струмица, покрај фабриката за тули, која гори петрол кокс, активистите укажуваат и на други извори на загадување, особено палење на кабли за добивање бакар, но и сомнителни активности со транспонирање на отпад во депонијата Доброшници во близина на Струмица.

Танушев на средба на 3 февруари со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов и со инспекторите на општината изнел информации дека индустриски отпад од подалечни општини, како што е Кавадарци, се транспортира во депонијата Доброшинци во Струмица.

Така е наведено во записникот од состанокот во кој Радио Слободна Европа имаше увид, а во документот е наведено дека Костадинов потврдува дека е запознат со овие наводи и дека веќе презел мерки во врска со проблемот.

Палењето кабли - најпроблематично

Согорувањето на кабли за бакар, е меѓу најпроблематичните прашања за аерозагадувањето што според Здрава Котлина се случува на одредени локации во градот, а за кое се сомневаат дека е поврзано со бизнис интереси на фирми кои се занимаваат со трговија на отпаден метал.

Контролата на вакви активности е ограничена, бидејќи во Општина Струмица работи само еден инспектор за животна средина – Зорица Партенова, која добива помош од уште неколку комунални инспектори.

Партенова за Радио Слободна Европа вели дека кога ќе затекнат лица кои палат кабли на отворено, во половина од случаите тие одбиваат да се идентификуваат, по што инспекторите повикуваат полиција.

Постапката за ова дело е прекршочна, а предвидената казна изнесува 250 евра, но наплатата речиси никогаш не се реализира, сведочи Партенова за РСЕ.

Во еден од поретките случаи кога сторителите биле затекнати од полицијата, Партенова составила записник кој бил доставен до секторот за економски криминал при МВР, од каде била направена иницијатива за поднесување кривична пријава.

Но, Обвинителството во Струмица го отфрлило случајот со образложение дека не постојат докази дека согорувањето предизвикало загадување од големи размери што го загрозува јавното здравје.

„Кривичната пријава се достави од Основното јавно обвинителство во Струмица, јас бев повикана на распит, но од обвинителката беше кажано дека не поседуваме докази од колкав размер било тоа загадување и затоа не може да поднесе обвинителен акт и дека тоа било чист прекршочен предмет“, вели Петранова.

За покренување кривична постапка, инспекторите треба да обезбедат мерење на загадувањето од акредитирана лабораторија со подвижни инструменти – услуга што во моментов не е достапна во Струмица.

Барањата остануваат – алармантни податоци за здравјето

Во изминативе денови протести нема, но Танушев посочува дека барањата од протестите остануваат.

Меѓу нив е да бидат вработени минимум четири нови инспектори за животна средина и обезбедување на нивна обука за користење современа опрема.

Барања на активистите и граѓаните претставуваат конкретни чекори кои велат дека се неопходни за подобрување на животната средина и здравјето на граѓаните во Струмица и околината.

Меѓу клучните барања се привремена забрана за работа на индустриските капацитети што загадуваат, додека не се инсталираат соодветни филтри, засилен инспекциски надзор, санкционирање на загадувачите и ревизија на еколошките дозволи.

Активистите бараат нови мерни станици, мобилни патроли со рачни мерачи и дронови, како и построги закони со повисоки казни за прекршителите.

Побарано е и формирање на сектор за животна средина во општината, зголемување на зелените површини, забрана за употреба на петрол кокс како гориво и поголема транспарентност во објавувањето на податоци за загадувањето.

Последниот протест постави рок од 30 дена за имплементација на првичните мерки и најави одговорност за функционерите кои нема да ги исполнат барањата.

Активистите посочуваат на податоци од Институтот за јавно здравје, според кои Струмица е меѓу градовите со највисоки стапки на заболувања на нервниот и циркулаторниот систем кај деца и млади, што медицината ги поврзува со аерозагадувањето.

Тие велат дека градот е на прво место по заболувања на нервниот систем кај малолетници, а високата стапка на кардиоваскуларни болести и канцери дополнително го потврдува здравствениот товар од загадениот воздух.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG