Достапни линкови

Ограничување на увозот на стари возила бараат активистите, владата анализира


Екоактивистите доставија писмено барање до Владата за построги услови за увоз на автомобили
Екоактивистите доставија писмено барање до Владата за построги услови за увоз на автомобили

Екоактивистите бараат построги услови за увоз на возила во Северна Македонија. Возилата, велат, испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени и влијаат на мутација на гените, а најпогодени се децата. Владата засега не планира промени бидејќи сака прво да направи анализа.

Во Северна Македонија да се забрани увоз на користени возила кои се постари од 10 години и под „еуро 5“ стандардот, а новите што се увезуваат да бидат со минимален „еуро 6“ стандард.

Вакво барање упатија екоактивистите од десет граѓански организации до Владата и лично до премиерот Христијан Мицкоски откако, посочија, има најави дека во 2025 година ќе се намалат даноците за емисијата на јаглерод диоксид и на данокот за додадена вредност (ДДВ).

Но, на Илиденска бр.2, барем засега, не се размислува ниту за измени во ограничувањата за увоз, ниту за пониски даноци.

Претставниците на невладините организации денеска, 13 декември, барањата ги упатија и јавно и писмено ги доставија до Владата. Ова, нагласуваат, е само една од мерките за борба против аерозагадувањето.

„Државата мора да ограничи кои возила ќе ги увезува особено што сите постари возила и со поголема помината километража испуштаат поголем број токсични канцерогени соединенија“, вели Татјана Чакулев од О2 Иницијативата.

Во Северна Македонија само од јануари до ноември оваа година увезени се 53.826 автомобили. Од нив, речиси 70 проценти или 37.292 биле половни, а само 12.170 нови. Во јавно достапните податоци од Царинската управа нема податок која е староста и еуро-стандардот на возилата.

Според податоците од МВР, пак, просечната старост на автомобилите што ги возат македонските граѓани е 20 години.

Владата прво анализира, па ќе менува правила

Од Владата во моментов не предвидуваат ништо во однос на тоа дали ќе се воведат построги стандарди или, пак, ќе се намалат трошоците за увоз, од што стравуваат екоактивистите. Како што велат, прво сакаат да заврши деталната анализа.

„Засега овие теми кои се предмет на Ваш интерес не се разгледуваат во рамки на Царинската управа, промена на даноците на увоз исто така не е предвидена. За сите состојби кои се посочени, се работи на подетална анализа и јавноста ќе биде информирана за какви било состојби кои ќе бидат предмет на промена“, велат од Владата за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Невладините организации, пак, сметаат дека нивните барања во однос на увозот на возилата не се нешто нереално бидејќи таквите услови веќе се воведени во Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

„Ние апсолутно почитуваме дека Владата со ваква мерка (намалени давачки за увоз) би сакала да обезбеди економски придобивки за граѓаните, но мора да имаме контрола на тоа што се увезува“, вели Татјана Стојановска од О2 Иницијативата.

Инфографика - Колку автомобили имаат државите од Западен Балкан
Инфографика - Колку автомобили имаат државите од Западен Балкан

Зошто се бараат построги услови?

Пред да го достават барањето во Владата, екоактивистите пред новинарите ги образложија своите аргументи.

Сообраќајот, потенцираше, Чукалев, учествува и до една третина во аерозагадување кога се мери покрај сообраќајниците.

„Возилата испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени и мутагени што значи влијаат врз генетскиот материјал, мутираат гените. Тие се особено токсични за децата кои се во развој. Сите ние како граѓани по пешачките патеки се движиме покрај сообраќајниците, кога чекаме на пешачки премин сме на крстосници каде имаме издувни гасови. Децата се приближно на висина каде директно овие издувни гасови ги вдишуваат и навистина се најпогодени“, рече Чукалев.

Не се само автомобилите, туку и јавниот превоз

Потенцирајќи дека ова е само една од точките за борбата против аерозагадување, Ели Пешева, која исто така доаѓа од О2 Иницијативата, порача дека „нема оправдувања дека некој не знае од каде да почне или нема начин“ за справување со загадениот воздух.

А во сегментот на сообраќајот е и јавниот превоз за што скопјани со месеци мака мачат поради нередовноста предизвикана од низа проблеми со кои се соочи Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје.

„Бараме од Владата, иако знаеме дека не е сè под ингеренција туку има и на останатите институции и општини, да се најде начин како да се регулира јавниот превоз. Не одиме подалеку од регионот, но околните држави сите веќе функционираат на база на јавен транспорт кој не загадува – електрични автобуси. Тука исто така не можеме да ги одвоиме ниту такси превозниците, нивните возила апсолутно мора да подлежат под овој принцип. Не може никој да биде привилегиран бидејќи едноставно проблемот е заеднички и се бориме за заедничко надминување“, вели Пешева.

Покрај О2 Иницијативата, како потписници на барањето за построги услови за увоз се и „Гоу грин“ (Биди зелен), Фронт 21/24, Македонското здружение на млади правници, Институтот за комуникациски студии, Зелен институт, Националниот ромски центар од Куманово, здружението На точак, Зелен хуман град, Шанса за Центар и иницијативата Подобро за Тетово.

Инфографика - Колку се стари возилата на македонските патишта
Инфографика - Колку се стари возилата на македонските патишта

2024 – втора по бројот на увезени автомобили

Иако сè уште незавршена, 2024 година со 53.826 увезени возила (нови и користени) се искачи втора на листата од последните 15 години. Единствено, повеќе увезени возила, според јавно достапните податоци на Царинската управа, е 2010 кога во земјава биле увезени 62.519 возила – од нив само 7.183 нови, а 51.399 користени.

Лани, пак, имало увоз на 47.050 од кои 9.999 нови, а 33.213 нови.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работа, како што пишуваше РСЕ, просечната старост на автомобилите во земјава е околу 20 години. Ако во 2012 просечната старост била 16,8 за само десет години „остарела“ за уште 3 години. Податоците од МВР покажаа дека покажуваат дека според годината на производство по патиштата преовладуваат возила кои се произведени 2005, 2006 и 2007 година чија бројка достигнува вкупно 140 илјади од вкупно 480 илјади возила во 2022 г.

Но, од вкупниот број на возила во Северна Македонија се возат возила и од минатиот век и тоа не е бројка со која може да се гордее бидејќи 173 илјади возила се регистрирани со дата на производство од 1990 до 2000.

Статистиките покажуваат и дека преовладуваат возила на дизел гориво. На пример, во 2022 година во МВР биле регистрирани 388 илјади дизел возила, наспроти 211 илјади на бензин.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG