Новите делници Штип - Кочани и Штип - Радовиш, кои влегуваат во категоријата на експресни патишта, се своевидни црни точки на сообраќајќи во Северна Македонија. Според евиденцијата на МВР, на овие делници се случуваат најголемиот број на несреќи.
Сепак, кои се црните точки на македонските патишта и каде се губат човечки животи може да се определат откако МВР ќе го воведе КАДАС - системот, што постои во рамки на Европската унија, а кој покажува каде и зошто има најмногу несреќи.
Иако за прв пат се најави уште во 2020 година, сепак, Северна Македонија се уште го нема имплементирано.
Оваа дата база би требало да е „мост“ на поврзување меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и МВР, каде со размена на податоци, треба да се утврди дали одредена локација ќе биде означена како црна точка.
И покрај неспроведениот КАДАС-систем, од МВР велат дека имаат база на податоци кои се анализираат и се преземаат мерки.
„Ние постајно правиме анализи каде имаме најголеми проблеми, каде се најтешките сообраќајни несреќи и се прават планови за реализација. Таму се зајакнуваат сообраќајните контроли и превентивните активности со цел да се намали бројот на жртви“, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Според податоците со кои располага македонската полиција, дури 60 насто од сите сообраќајни несреќи се препишува на брзото возење.
Во Северна Македонија во просек годишно на македонските патишта животот го оставаат 65 жртви на еден милион жители, односно за четвртина повеќе од ЕУ-земјите, а ништо подобра не е сликата и во регионот.
Во просек, две до четири деца годишно го губат животот во сообраќајни несреќи.
Човечкиот фактор е најголем причинител за несреќите, а тука спаѓаат и состојбата на возилата и условите на патиштата.
Просечни патишта и стари возила
Според ЕУ стандардите, македонските патишта имаат просечна оценка од три ѕвезди од вкупно можни пет. Според експертите за безбедност, Северна Македонија потребно е веднаш да ги забрза изградбата на модерните патишта кои стојат незавршени долги години. Но, и да се постават камери долж новите делници кои се изградени по стандарди, а сепак, смртноста на нив е голема од невнимание на возачите.
„Инфраструктурната мрежа на централно и локално ниво е доста разгранета, меѓутоа состојбата и квалитетот на коловозната мрежа е во лоша состојба. Она што треба да се прави е подобрување на квалитетот на коловозите, квалитетот на сигнализацијата, за да на тој начин се делува за подобрување на безбедноста“, смета Јасмина Буневска - Талевска, професорка на Техничкиот факултет во Битола.
Според деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, до 2030 година мора да се завршат започнатите автопати, но и да се подобрат состојбите на сите патишта каде се бележат големи сообраќајни незгоди.
„Нам ни недостига јавен превоз. Да имаме јавен превоз ќе се намали интензитетот на сообраќај на главните делници. Скопје нема јавен превоз, тоа е многу дискутабилно. Железничкиот сообраќај не функционира. Сите други видови на сообраќај во Европа се многу позастапени. Треба да се тргне доминантно сообраќајот од коловозната мрежа и да се оди на јавен превоз дали автобуски или железнички превоз“, смета Дујовски.
Но, на улиците и патиштата низ Северна Македонија доминантно превозно средство се автомобилите. И тоа - половни.
Вкупниотувоз на стари патнички автомобили е за пет и пол пати пати поголем од увозот на нови. Во последниве пет години од 2019 - 2023 година, според податоците на Царинската управа, увезени се околу 177 илјади половни, наспроти 28 илјади нови. Просечната старост на возилата на македонските патишта е 20 години, а над 170 илјади се од минатиот век.
Состојбата на возилата влегуваат со четири отсто во големата слика на несреќите.
Северна Македонија има и свои домашни, но и меѓународни цели за исполнување во поглед на елиминирање на смртноста на патиштата. Во македонската Национална стратегија за транспорт, целта е до 2030 година бројот на жртви на патиштата да се намали за 50 отсто, а да нема ниту едно дете кое ќе загине во сообраќајка.
Во европски рамки, Северна Македонија треба да го следи и документот на Европската комисија „Визија нула“ (Vision Zero) кој цели да нема жртви од сообраќајни незгоди на европските патишта до 2050 година.
Србија урива рекорди
Освен високата стапка на смртност на патиштата, Северна Македонија и Србија ги поврзува и транзитниот правец на Коридорот 10. Во летниот период, како што вели Мирко Кoковиќ од Агенцијата за безбедност за сообраќајот на Србија, преку 100.000 возила го поминуваат на дневно ниво, од кои голем дел се возачи од Србија кои одат на летен одмор во Грција.
„Во 2023 година ја спроведовме кампањата „Вози одморен“ за транзитните патници. Работевме со македонскиот Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата за подигнување на свеста возачите да прават паузи на секои два часа во траење од 15 минути, бидејќи заморот е еден од клучните причини за несреќите. Тоа вроди со плод и минатата година во летната сезона имавме намалување од 37 насто на настрадани на Коридорот 10“, изјави Коковиќ.
Во 2022 година, во Србија на патиштата загинале 502 лица, додека во 2011 година - 731 лице. Тоа според Коковиќ „претставува значително намалување ако се земе во предвид зголемувањето на бројот на возилата од 1,8 милиони во 2011 година на 2,7 милиони возила во 2022 година“.