Достапни линкови

За да дишеме чист воздух во зима, инвестиции треба уште во лето


Аерозагадување во Скопје (фотоархива)
Аерозагадување во Скопје (фотоархива)

Власта и оваа сезона излезе со краткорочни мерки против аерозагадувањето, додека екоактивистите се скептични и порачуваат дека клучот е во долгорочно инвестирање во чист воздух. Што предвидуваат краткорочните мерки, имаат ли институциите капацитет да ги спроведат и ќе дадат ли резултати?

Од проверка на испусните гасови на автомобилите и забрана за товарни возила во урбаните средини до вонредни контроли во индустриските капацитети и на градилиштата…

Вакви мерки за справување со аерозагадувањето на хартија има и оваа грејна сезона – период кога Скопје и други градови во Северна Македонија денеска, но и често се наоѓаат на листата најзагадени во Европа. Кај еколошките организации и активисти има сомнежи – од една страна колку тие може да бидат ефективни, од друга дали воопшто може да се спроведат и почитуваат.

„Овие мерки во суштина ги извлекуваат од Законот за квалитет на амбиентален воздух. Тие се наједноставни, но никој не пресметал колку се ефективни. Вака делуваат дека се со мало ограничено влијание, тоа не го решава проблемот со главните извори на загадувањето“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) Блаже Јосифовски, претседател на еколошката организација „Гоу грин“ (Биди зелен).

Станува збор за краткорочни мерки кои се дел од последниот Акциски план усвоен од страна на Владата, за кој Министерството за животна средина и просторно планирање информираше минатата недела. Оттаму објавија и листа со десет мерки кои се составен дел на наредбата што ќе треба да се изврши кога ќе има надминување на праговите за алармирање за загаденоста на воздухот.

Скептични дека тоа што е на хартија ќе се спроведе во пракса се и во невладината Иницијатива О2. Покрај тоа, нагласуваат дека вакви краткорочни мерки може да бидат ефективни само ако се пресретне аерозагадувањето така што ќе се земе предвид временската прогноза.

„Од тие причини во голем број европски земји мерките се активираат најчесто 24 часа пред почетокот на предвидената алармантна епизода. Честичките PM2.5 и PM10 откако ќе достигнат високи вредности, тешко се спуштаат без промена на временската состојба, како ветер, дожд, снег и слично“, вели за РСЕ, Татјана Чакулев од Иницијативата О2.

Скопјани и загадувањето - Што може државата, а што би направиле тие?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Како МВР проверува испусни гасови?

Една од краткорочните мерки во владиниот план, на пример, е зајакнати контроли на возилата. Како што наведе Министерството за животна средина, тоа подразбира дека „сообраќајната полиција ќе спроведе засилени и вонредни контроли со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусни гасови“.

Објаснувајќи како ќе одговори на ваквата задача, од Министерството за внатрешни работи (МВР) посочуваат дека полицајците вршат вакви проверки и при секојдневното редовно работење и во акциските контроли што ги спроведуваат.

„Возилата и возачите се упатуваат во станица за технички преглед каде од страна на стручни лица се утврдува техничката исправност. Согласно резултатите, полицајците ги исклучуваат од сообраќај возилата кај кои ќе се утврди дека не ги исполнуваат пропишаните услови за учество во сообраќај, вклучително и возилата кои со нивната емисија на издувни гасови ја загадуваат животната средина“, велат од МВР за РСЕ.

На дополнителните прашања дали праќањето на технички преглед е единствениот начин да се утврди емисијата на гасови и каква е проценката за тоа колку возила на дневна основа може да се проверат на ваков начин, до објавување на овој текст не добивме одговор.

За да се исклучуваат возила, граѓаните треба да имаат алтернатива

Ако најголемите загадувачи меѓу возилата не бидат исклучени, ефект од ваква мерка ќе нема, децидни се од О2. Оттаму сметаат дека соодветна мерка во однос на возилата би биле законски измени со кои тие задолжително ќе се означуваат со еколошка налепница.

„Во тој случај кога загаденоста е над дозволена, ќе возат само возила со зелена налепница, а другите ќе се исклучени од сообраќајот“, вели Чакулев додавајќи дека и за ова е потребно време.

Но, согласни се и таа и Јосифовски, за сето ова да може да функционира на граѓаните им е потребна алтернатива, како што е функционален градски превоз нешто со што Скопје не може да се пофали изминатиот период, подобри велосипедски патеки итн. За сето тоа треба работа, велат од „Гоу грин“, во текот на цела година.

„Недефинирани“ мерки за индустријата

Екоактивистите забелешки имаат и кога се во прашање краткорочните мерки што се однесуваат на загадувањето од индустријата.

Според акцискиот план, предвидени се вонредни контроли за емисиите во воздух од инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи, како и намалување на производствените капацитетите (кај инсталациите со А дозволи), но да се внимава да не дојде до значително намалување или исклучување на технолошкиот процес.

Вака поставени, според О2, оваа мерка е недефинирана и во „голема мерка неефективна“.

„За овие инсталации, потребно е што поскоро носење на Законот за контрола на индустриски емисии, кој повеќе од две години седи на ЕНЕР, со кој се воведува задолжителен автоматски континуиран мониторинг кај овие субјекти. На овој начин ќе се знае кој колку загадува и колку треба да го намалат производството кога се очекува зголемено загадување“, вели Чакулев.

Нема доволно инспектори

Надлежен да ги спроведува ваквите контроли во индустријата е Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Тој пак, кубури со кадар. Директорката Ивана Гиновска за РСЕ вели имаат 20-тина инспектори, а им недостигаат уште толку.

Сепак, уверува дека иако со потешкотии ќе успеат да одговорат на задачите од акцискиот план, а ако треба инспекторите ќе останат и после работното време.

„Еве сега новата влада има некоја стратегија да ги спојува општинските инспектори со нашите државни, така што тоа ако се спроведе планот, ќе се покриеме. Така нема да имаме делегирање на надлежности, туку сите ќе ги имаме ние (ДИЖС) и нема да играме пинг-понг, ова е на општината, ова е на државата“, вели Гиновска додавајќи дека веќе започнале со состаноци на оваа тема.

Покрај контролите низ фабриките и низ возилата, дел од акцискиот план се и намалување на употребата на службени возила за 50%, забрана за дотур на стока и пренос на градежни машини од 7:30 до 18 часот, пренасочување на тешки товарни возила од урбаните средини кон обиколни патишта. Дел од мерките се однесуваат на заштита на граѓаните, како што е ослободување од работа на ранливи категории (бремени жени, лица со малигни заболувања и астма, лица кои прележале инфаркт или мозочен удар) и реорганизација на работното време од 11 до 17 часот и обезбедување маски за тие што работат на отворено.

Инвестиции треба цела година

Сепак, според екоактивистите, она што е клучно во борбата со аерозагадувањето се долгорочни мерки и надлежните треба да се фокусираат на тоа.

Повикувајќи се на истражувања кои го детектираат загревањето како најголем извор на загадување во зимските месеци, тие порачуваат дека тука е потребно интензивно и континуирано инвестирање – и кога се во прашање домаќинствата, и кога станува збор за државните објекти како училишта и болници кои се греат на мазут и нафта.

Во мапата на граѓанската иницијатива Шанса за Центар детектирани се близу 800 јавни објекти кои склучиле договори за набавка на мазут, нафта и јаглен изминативе три грејни сезони.

Премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека 60% од причините за загадување се во начинот за загревање, и најави спроведување план за затоплување на гас преку когенеративни централни. Тоа, рече, нема да го исчисти воздухот веднаш туку можеби за три-четири години.

Тој ја обвини и минатата власт предводена од СДСМ дека седум години ништо не направила, додека социјалдемократите речиси секојдневно критикуваат дека актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди дека во буџетот за следната година ги намалила парите за чист воздух за 51%.

Додека аерозагадувањето секоја сезона е тема и на политики прозивки, граѓаните и активистите резултати чекаат со години.

„Поминаа 13 години од последниот протест што намерно го правевме во јуни за да порачаме дека преку цела година е загаден воздухот, само е помалку видлив и дека треба да се решава во текот на цела година. И 13 години подоцна ние скоро немаме поместување од еден чекор. Тоа е страшно“, заклучува Јосифовски од „Гоу грин“.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG