Додека и оваа зима речиси сите градови во Северна Македонија со покриени со дебели покривки од смог, државниот мониторинг за мерење на загаденоста на воздухот и натаму работи половично и со пропусти, поради што граѓаните не ја добиваат вистинската слика за аерозагадувањето. Мерењата на 22-те мерни станици на официјалниот Мониторинг систем за квалитетот на воздухот, се дополнителен проблем на долгогодишното неспроведување на потребните мерки против загадувањето од страна на властите.
Населбата Лисиче во главниот град Скопје е позната по најголемо и највидливо загадување, но и покрај тоа мониторинг станицата со години беше во мирување. Сега таа работи, но доколку се погледнат нејзините податоци таа работела но со прекини од 16 до 20 декември 2023 година. За тој период не се знае колкаво било загадувањето на ПМ10 и ПМ2,5 честичките, а загадувањето беше толку високо што граѓаните на Скопје носеа маски на отворено.
Од мерните станици во Битола фалат податоци за часовни концентрации за сулфур диоксид од 7 до 10 јануари, а познато е дека тој регион е погоден од работењето на електраната на јаглен РЕК Битола постојано испушта високи количини. Слични пропусти се забележуваат на сите мерни станици за различните загадувачки материи кои ги мерат.
„Во текот на 2023 година се случиле повеќе од 120 дефекти од различен карактер, на различни мерни инструменти, на сите мерни места. Притоа, во 2023 година се извршени повеќе од три илјади превентивни интервенции на сите мерни инструменти на сите мерни места“, одговорија од Министерството за животна средина за Радио Слободна Европа.
Мерната станицата во скопската населба Центар долго време не мери колкаво е загадувањето од опасните ПМ2,5 честички. За овие честички има научни докази дека меѓу другото се ризик за срцеви заболувања, астма и карциноми. Количеството на ПМ2,5 честичките останува непознато и за многу други локации во државата, бидејќи поголемиот дел од мерните станици не го мерат нивото од ова загадување. Додека фалат податоци и мерки, малигните заболувања се во пораст кај цело население, меѓу другото и поради загадениот воздух, според укажувањата на здравствените работници.
Податоци недостасуваат од мерењата на скоро сите мерни станици во државата за супстанците за кои поседуваат технологија – од оние во Скопје каде се поставени во најголем број, до станиците во Струмица, Кавадарци, Куманово, Битола, Гостивар, Велес, Берово, Охрид, Тетово, Гостивар, Гевгелија, Кочани...
„Има многу градови што не знаат што дишат. Мониторинг системот е далеку од доволен и функционален. Скоро цело време е надвор од функција и постојано некој сензор на некоја од станиците не работи. Едноставно тие податоци се нерелевантни. Они (надлежните) понатаму ги користат овие податоци да прават годишни просеци и да речат - видете не било загадено - па нормално нема да биде загадено ако пола време во зима сензорите не работат“, вели Горјан Јовановски - активист, советник во Град Скопје и креатор на апликацијата „Мој воздух“.
Во градовите во Северна Македонија загадувањето доаѓа од различни извори, познати и непознати: од големата и погоните на помалата индустрија, старите автомобили, загревањето на домовите со дрва, но и со горење на разни други предмети во печките поради енергетска сиримаштија, прашината од градежните активности на фирмите кои градат, а не почитуваат стандарди за заштита, горење на диви депонии и така натаму. Во Скопје се лоцирани голем број на фабрики од големата индустрија кои подлежат на А-интегрираните еколошки дозволи.
Во оваа насока граѓанската организација „О2 Иницијатива на 17 јануари на платформата X, поранешна Твитер, објави дека една од фабриките од големата индустрија, како што наведоа - „најверојатно најголемиот индустриски загадувач во Скопје“ испушта загадувачки супстанци кои мерните станици не ги детектираат.
„Не знаеме кое е нивото на најопасните диоксини и фурани, тешки метали, флуороводороди“, се вели во објавата на „О2 Иницијатива“.
Во вакви услови инспекторатите работат со минимални капацитети. Општините имаат едвај само по еден инспектор за животна средина кој треба да контролира цела општина, а Државниот инспекторат за животна средина работи со вкупно 24 инспектори на цела територија на Северна Македонија. Од нив 18 се за животна средина, тројца за природа и тројца водостопански.
Државното Одделение за мониторинг на загаденоста работи со половина капацитет од 2022 година наваму. Оттогаш не се пополнети три од предвидените шест работни места, според одговорите кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Радио Слободна Европа во февруари минатата година објави дека Одделението кое е дел од МЖСПП работи половично, но и натаму нема вработени на овие позиции. Истовремено, државниот мониторинг систем не дава целосни податоци, бидејќи често е погоден од прекини на струја, дефекти во комуникацијата, клима уредите и пумпите за земање примероци.
Точен мониторинг систем е важен за јавноста прецизно да биде информирана за нивоата и локациите погодени од загадувањето. Така граѓаните ќе можат подобро да се заштитат, на пример да избегнуваат одредена локација или да заминат од градот, но и за државата да направи соодветна стратегија за сузбивање на загадувањето, во услови кога земјава само во 2021 година загубила дури 5.600 луѓе кои прерано починале како последица на аерозагадувањето, според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).
Во мерните станици кои се дел од државниот мониторинг е поставена технологија за мерење на честичките ПМ10, сулфур диоксид, јаглерод моноксид, озон и азот диоксид. Но, на пример недостасува мерење со елементарен јаглерод – нуспроизвод на фосилните горива од автомобилите или електраните на јаглен, нешто што е воведено во многу држави.
Јовановски, кој ја креираше апликацијата „Мој воздух“ за граѓаните да ги добиваат податоците од сите мерните станици на официјалниот државен Мониторинг систем, но и од неофицијалните мерачи, објаснува дека во државните мерења постојано има пропусти.
„Некои мерни станици целосно не даваат податоци, а на други со делумно паѓање на сензорите“, вели Јовановски кој оценува дека системот освен што е нефункционален, исто така е недоволен да го покрие мерењето на загадувањето на целата територија на државата, и покрај тврдењето на властите дека покривањето е доволно. Инаку, политичарите кои се на власт, министри во централната валст и градоначаниците во општините, постојано тврдат дека аерозагадувањето се намалува повикувајќи се на податоците од мерните станици.
Одделението за мониторинг задолжено да ја мери концентрацијата на штетните честички во воздухот веќе години работи со половина кадар од потребното. Оттаму беа објавени огласи за вработување уште во 2022 година, кога од Министерството ни одговорија дека работните позиции не можат да ги пополнат поради ниските плати кои се нудат.
Радио Слободна Европа во февруари минатата година ја објави сторијата „Спорни мерења – којзнае колку е загаден воздухот“ која се фокусираше на тоа дека вистинската состојбата околу загадувањето останува обвиткана во неизвесност поради нецелосните информации што ги дава официјалниот мониторинг систем, додека истовремено политичарите тврдат дека аерозагадувањето се намалува.
За системот да биде ефикасен мора да биде добро опремен и правилно одржуван. Потребните инструменти се скапи и бараат специјализиран персонал за оптимално да функционираат. Од Министерството за животна средина велат дека во моментов реализираат проект од 500 илјади евра од ИПА 2 програмата. Треба да се заменат сите мерни инструменти во мониторинг станиците во Скопје (Карпош, Центар) и во Лазарополе, но и да се направи замена на преостаните мерни инструменти во Лисиче, Гази Баба и Велес. Од институцијата велат дека рокот за реализација на проектот е февруари 2024 година, а како дел од него е да биде набавен и нов инструмент за мерење на честичките ПМ,2,5 во Лазарополе.