Да се произведува енергија и топлина во ист процес, притоа граѓаните да дишаат повеќе чист воздух и да плаќаат пониски сметки за струја и за парно - за овој проект, изградба на т.н когенеративна гасна централа има воздржаност кај енергетските експерти и кај екологиститите откако премиерот Христијан Мицкоски го најави како значаен чекор за енергетската независност на државата и системска мерка за намалување на загадувањето.
Мицкоски рече дека инвестицијата ќе чини милијарда евра, за неа веќе има интерес од инвеститор и дека процесот ќе почне во следната 2025 година и би завршил за три години.
„Целта е државата да биде дел од овој пакет, да биде косопственик во проектот, не преку директни вложувања, туку преку обезбедување на земјиште, приклучоци и слично“, рече премиерот Мицкоски.
Но, универзитетски професори и екологисти велат дека иако се големи придобивките од една таква централа, сето ова може да биде уште еден проект без јасна стратегија или со фаворизиран инвеститор. Притоа ја посочуваат како пример инвестицијата што требаше да дојде од грчката компанија „Митилинеос“ во времето на претходната влада на СДСМ и ДУИ.
Интересите на народот или профит за инвеститорот?
Професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство на Машинскиот факултет во Скопје предупредува дека при планирањето на модалитетите за изградба на енергетски постројки во прв план треба да се имаат интересите на земјата.
„Веднаш да расчистиме, т.н. „инвеститори“ не доаѓаат за да исполнат кое и да било од клучните барања што треба да ги задоволува енергетскиот систем во една земја - енергетска безбедност, намалување на енергетската сиромаштија кај населението, релативна независност и ефикасност...Тие доаѓаат за да остварат профит“, вели Филкоски за РСЕ.
Но, вели тој, решение мора да се најде затоа што без нови термо и хидроенергетски објекти, државата набрзо може да стане енергетски целосно зависна од увоз на електрична енергија.
Причината е што енергетскиот сектор се базира врз стари објекти, на граница или со веќе поминат технички работен век и со „проблематично“ гориво - лигнит и мазут.
Според Филкоски, тешко е да се предвиди цената на струјата произведена со комбинирана термоенергетска постројка на природен гас поради тоа што гасот се набавува по берзански цени, а не како претходно, преку долгорочни договори со снабдувачите од Русија.
Мицкоски кажа и дека имал состанок со потенцијален инвеститор во когенеративна гасна централа.
„Како Влада планираме и работиме на таа цел, државата да биде дел од пакетот, да биде кoсопственик на инвестицијата и сето тоа да се прави по принципот на пазарни услови. Цениме дека приватните инвеститори коишто имаат пристап до овој ресурс, гасот, можат на многу поедноставен и пофлексибилен начин да го донесат во државата“, велат од Владата за РСЕ.
Нема информација кој е потенцијалниот инвеститор со кој се сретнал Мицкоски.
Чоловиќ Лешоска: Владата нема јасен фокус и стратегија
И екологистите имаат многу дилеми и прашања околу плановите кои ги најавува Владата за решавање и на снабдувањето со струја и против загадувањето, но и предупредуваат дека ни гасот не е решение заради емисиите на стакленички гасови.
Според Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на граѓанската организација „Еко свест“, впечатокот е дека Владата нема јасен фокус и јасна стратегија во однос на енергетскиот сектор бидејќи „паралелно започнува неколку дијаметрално спротивни проекти“.
„Од најави за проекти за обновливи извори, големи хидроцентрали, отворање на нови рудници на јаглен, па сѐ до когенеративни централи на гас и нови гасоводи, се гледа дека нема јасни приоритети. Од една страна поради желбата да прикажеме заложба за евроинтеграцијата ветуваме декарбонизација на енергетскиот сектор, што подразбира напуштање на фосилните горива, за истовремено да се задолжуваме за големи гасни инфраструктури“, изјави Чоловиќ Лешоска за РСЕ.
Според неа, за да се направи проценка колку ваква централа може да ги намали цените на електрична и на топлинска енергија и да го намали загадувањето, важно е да се земе предвид капацитетот на самата централа и колку гас како енергенс би се трошел годишно.
„Иако гасот испушта помалку штетни емисии од нафтата и јагленот, кумулативно од процесот на неговото производство па сѐ до неговото согорување, тој е главно „виновен“ за зголемување на емисиите на стакленички гасови, кои се проблем и причинител на нестабилни климатски кризи“, вели Чоловиќ Лешоска.
Приоритетни се Скопје и Битола
Од друга страна, професорот Антон Чаушевски, раководител на Институтот за елeктрични централи и разводни постројки на ФЕИТ со контра став, дека приоритетно е да се изградат две когенеративни гасни електрани - во Скопје и во Битола.
Тој вели дека државата со локалната власт треба да овозможи поголем број на објекти и станови да се приклучат на централно греење во двата града. Притоа, може да се помогне со изградба или доградба на топлификациона мрежа за снабдување во градовите и пумпни станици до објектите
„Со тоа би се обезбедило снабдување со топлинска енергија за Скопје и за Битола. Овие постројки за производство на електрична и топлинска енергија се ефикасни од околу 80% и како технологија најмалку загадуваат од фосилните горива зошто работат на природен гас“, вели Чаушевски.
Во Скопје веќе има когенеративна централа, ТЕ-ТО, која снабдува топлинска и електрична енергија. Не работи со полн капацитет, односно има потенцијал да снабди со топлинска енергија поголем број на корисници.
За Битола, се смета дека има соодветна електроенергетска структура и капацитетот на постоечкиот гасовод е доволен. Когенеративна постројка би служела за снабдување на градот со топлинска енергија, пред се училишта, градинки, комерцијални и други објекти, со што би се намалиле локалните извори на загадување.
Енергетичарите велат дека когенеративните централи се далеку поприфатливи во однос на влијанието врз околината во споредба, на пример, со блоковите од РЕК Битола на јаглен или ТЕЦ Неготино на мазут. Во продуктите од согорувањето на постројките со комбиниран циклус на природен гас нема сулфур диоксид, честици, а азотните оксиди се сведени на прифатливо ниво, во границите дозволени со европските норми.
Инвестицијата на „Митеилинеос“ заглави во Собранието
Претходната влада на СДСМ и ДУИ најавуваше енергетска стратешка инвестиција за конегергетивна централа што требаше да ја гради грчката компанија „Митилинеос“ кај скопска Железара. Според тогашните најави, оваа централа требаше да ги намали цените на парното греење во Скопје и да се создаде можност 36.000 домаќинства наместо да се греат на струја или дрва, да преминат на парно греење.
Во Собранието беа поднесени четири-предлог енергетски закони, според кои требаше да се градат енергетски централи и постројки, но со инвеститори од странство, а државата да им даде одредени бенефиции. Еден од овие предлог-закони се однесуваше на „Митеилинеос“ - грчката компанија требаше да добие државна помош од 50 милиони евра и откуп на струја и топлина без јавни набавки.
Овие предлози во февруари минатата година беа ставени на дневен ред на собраниска седница, па повлечени по реакциите во јавноста дека државата ќе има голема финансиска штета.
Повторно не беа разгледани до последната седница на претходниот парламентарен состав.
Планови за гасни централи, но гасот никако да стигне
Големи индустриски погони во Северна Македонија работат на гас, но гасот не стигна и до домовите на граѓаните.
Гасоводот во Северна Македонија, изграден во 90-тите години од минатиот век, се состои од еден магистрален гасовод од источната граница кај Деве Баир и преку Крива Паланка, Кратово и Куманово оди до Скопје. Неговата должина заедно со блок станиците и приклучните места за разводни гасоводи е околу 130 километри.
Во предлог-буџетот за 2025 година, за гасификација се предвидени само 1,8 милиони евра. Пари за когенеративни централи на гас за в година не се предвидени.
Сегашната гасоводна мрежа обезбедува годишен капацитет од 800 милиони метри кубни, а потрошувачката е околу 50 отсто, при што најмногу троши ТЕ-ТО.
Инаку, инвестицијата во когенеративни гасни централи се најавува во период на пошироки европски планови за намалување на зависноста на европските држави од руски гас и како проект од клучна важност за ЕУ и за регионот се посочува проектот за гасовод во Александропули, Грција. Со интерконекторот со Грција, Северна Македонија би добила снабдување со гас од јужниот крак, но прво треба да се изгради интерконекторот од Неготино до грчката граница.