Достапни линкови

Многу планови во енергетскиот сектор, а државата увезува струја


Работник, соларни панели
Работник, соларни панели

Енергетскиот сектор е на крстопат - треба да се ослободи од јаглен, обидот за Чебрен пропадна, а предлог законите за стратешки инвестиции во гасни и соларни постројки не се донесени. Во меѓувреме државата увезува струја. Документи и стратегии има, но не се почитуваат докрај.

Зелена транзиција и ослободување од јаглен, инвестициски бум во соларни паркови, но без јасна идеја како да се чува енергијата, пропаднат и 14-от обид захидроцентралата Чебрен и нови закони за стратешки партнери од странство кои треба да инвестираат во гасни и соларни постројки, го одбележаа енергетскиот сектор изминатиот период. А во меѓувреме државата е увозна зависна и троши милиони евра за да набави струја.

Актуелната државна стратегија за енергетски развој е со важност до 2040-тата година. Професор Константин Димитров, кој е претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, вели дека во тек е тендер за „освежување“ на плановите за борба со климатските промени.

„Ние имаме документација, но не се почитува, државата нема визија да спроведе тоа што е во таа документација. Но и тоа што ќе се направи, се прави без ум, без знаење, се прават планови, а не се добро размислени“, вели професорот.

Во актуелната стратегија е предвидена можна изградба на три гасни централи, но рокот е до 2023, што значи дека е истечен. Останува рок од една година, до 2025, да се изгради гасна термоелектрана со можност од 450 мегавати, но на тој план не се прави ништо.

Во меѓувреме, се отвори можност државата да добие нешто повеќе од три милијарди евра од странски кредитори за да ја исполни зелената агенда и да се ослободи од јагленот. Што и како треба да се направи е опфатено во Патоказот за праведна транзиција.

По кој пат во енергетскиот сектор се движи државата

На почетокот на годината пропадна и 14-тиот обид за градба на хидроцентралата Чебрен, која требаше да произведува струја колку што произведуваат сите други хидроцентрали во земјава заедно. Хидроцентралата Чебрен, пак, требаш да ја гради грчката компанија „Архидрон“ за една милијарда евра.

А, пак, во собраниска процедура се четири енергетски предлог - закони со кои во државата треба да се изградат централи и постројки, но со инвестиции од странство.

Соларната централа во Пехчево, кога треба да ја градат бугарски сопственици треба да чини околу 52 милиони евра. Соларниот парк Стипион ќе ја гради француската Акуа енерги, преку македонската фирма Остро солар. Тие ќе градат во околина на Штип, а треба да чини 270 милиони евра и да има моќност од 400 мегавати. Предлог законот предвидува грчката компанија Митилинеос да изгради когенеративна гасна централа во Скопје што ќе чини 290 милиони евра, а Северна Македонија ќе и даде државна помош од 50 милиони евра. АИМ Треен Тецх, со белгиски сопственици ќе гради соларен парк, со гасна централа и опционално батерии за 174 милиони евра. Сите овие капацитети чинат помалку од 800 милиони евра.

Професор Димитров вели дека на државата не и требаат инвестициите од стратешките инвеститори.

„Сè што ни е потребно се две когенеративни термоцентрали, една во Скопје, една во Битола, и тоа итно, преку ноќ да се изградат. Тие би чинеле максимум 400 милиони евра. А ова со стратешките партнер е пљачка. Ние насекаде зборуваме дека реалната вредност е далеку пониска од таа што е наведена во договорите. Тоа може да се види и во соседството. Тоа не е крадење, бандитизам е, те пљачкаат, а не можеш да се одбраниш“, вели тој.

Зошто државата сама да не гради енергетски капацитети?

И за Чебрен и за четирите предлог -закони за стратешки инвестиции и експертите за енергетика и опозицијата инсистираат државата да ги прави и да не им ги остава на странците да ги користат бенефитите. Соларните и гасните централи што треба да се градат со стратешките закони, пак, вкупно нема да чинат повеќе од 800 милиони евра. А за гасната централа во Скопје, што треба да ја гради Митилинеос од Грција, Северна Македонија треба да даде 50 милиони евра. За останатите централи и постројки државата ќе дава одредени бенефиции, а струјата и топлината ќе ја откупува без јавни набавки.

Професор Дејан Трајковски, од Техничкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Битола е меѓу инженерите кои се противат на тоа стратешките инвестиции во енергетиката да им се препуштат на странци.

Трајковски наведува и примери на скоро изградени гасни централи во светот за двојно пониски цени. Тој посочува пример во Полска каде приватна електроенергетска компанија ЗЕ ПАК во ноември 2023 година со Сименс Енерџи договорила изградба на комбинирана гасна централа со електрична моќност од 600 MW, по цена од 2,3 милијарди злоти, што е 526,2 милиони евра, односно 0,877 милиони евра за мегават, што е дури поевтино и од Те-ТоПанчево, изградена од кинеската компанија Шангај Енерџи Груп Цо. Лтд.

„Пресликано на централата на „Митилинеос“, цената би требало да изнесува 127,2 мил. евра, односно повеќе од двојно помалку од она што ни го кажуваат. Двете цени се двојно пониски од она што ни го кажуваат нашите домашни-грчки адвокати, според кои цената ќе изнесувала 2 милиони евра/MW, односно 290 милиони евра за 145 MW инсталирана електрична моќност“, вели Трајковски.

За власта поарно некакви, отколку никави инвестиции

Власта, пак, вели дека овие инвестиции ѝ се потребни на државата, за да не зависи од енергетски капацитети стари по неколку децении. Според властите подобро е да има некакви инвестиции, оти сега нема никакви.

Во Северна Македонија со децении не е изграден ниту еден грандиозен енергетски капацитет. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, неодамна во интервју за Радио Слободна Европа рече дека ако можела и ако сакала досега ќе изградела енергетски капацитети. Тој стравува од корупција ако државата реши самата да ги гради, а смета дека приватниот инвеститор повеќе ќе се грижи за парите од државата.

Во меѓувреме Северна Македонија не произведува доволно струја и е увозно зависна. Околу 60 проценти си обезбедува сама, 40 отсто од јаглен, и 20 од обновливи избори -вода, сонце и ветер, а другото го увезува. Во последните две години има наплив од градба на фотоволтаици, но вишокот на енергија нема каде да се складира и таа што нема да се потроши пропаѓа. Според Патоказот за енергетска транзиција, земјата треба да го исфрли јагленот до 2030, а обновливите извори на енергија треба да се распоредат и да се поврзат во мрежата.

Што предвидува Патоказ за праведна транзиција?

Северна Македонија до 2030 треба да ја исполни зелената агенда и да ги намали емисиите на стакленички гасови. Најголем дел од работите треба да се завршат до 2030-та, а околу еден процент од работите ќе останат за понатаму.

Државата ќе добие повеќе од три милијарди евра од странски кредитори за да го направи тој процес помек, предвидува Патоказот за праведна транзиција.

Ќе треба да се затворат РЕК Битола и Осломеј, кои работат на јаглен, да се обештетат вработените или да се преквалификуваат, предвидени се пакети за предвремено пензионирање, а може да се искористи и нивната експертиза, потоа треба да се отворат нови енергетски капацитети кои ќе работат на обновливи извори на енергија. Најголем дел од проектите се насочени кон Битола и Кичево, каде се наоѓаат енергетските капацитети на јаглен. Ќе треба да се формираат и тела за праведна транзиција, како Совет и Секретаријат. Советот треба да биде составен од релевантни министерства кои ќе управуваат политички со правичната транзиција, а Секретаријат ќе биде задолжен за оперативното спроведување на транзиција, вклучувајќи техничка координација на бројни засегнати страни.

РЕК Битола, составена од три блока има моќност од 233 мегавати по блок, но централата е стара и никогаш не се користи во полн капацитет. А Осломеј, на периферијата на Кичево, има инсталирана моќност од 125 мегавати.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG