На овие тврдења дека со усвојување на вакви закони имплементацијата на Зелениот договор на ЕУ ќе остане само на хартија, од Владата одговараат дека се насочени кон креирање политики за стимулирање на поволни мерки за купување на електрични возила, но и доделување на субвенции за плински уреди, а дека целта на законот е да овозможи помали давачки за регистрација на возилата со странски таблички влезени во земјава пред 1 октомври.
„Ваквите предлог мерки и претходно се носеле и во време на криза да им се намалат давачките на граѓаните, да не бидат казнети при возење на територија на Република Северна Македонија, на индиректен начин да се овозможи и на правните лица, кои ги користат возилата, да ги возат со македонски регистарски таблици“, велат од Владата во одговор за РСЕ преку електронска пошта.
Инаку, Владата на крајот на овој месец го утврди текстот на Предлог-законот за регистрација на возила со странски таблици и одлучи тој да биде доставен до Собранието.
Доколку биде усвоен, Законот ќе овозможи регистрација на возила со странски таблички, со најмалку ЕУРО 4 стандард, со намалени давачки за 50 проценти од утврдената вредност на сите давачки при увоз на возила, како што наведуваат од Владата, согласно Законот за данок на моторни возила.
„Ова се утврдува со член 3 и 4 од Предлог-законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички“, наведуваат од Владата.
Дел од претставниците на граѓанските организации за заштита на животната средина со кои разговаравме, велат дека од Министерството за животна средина и просторно планирање за Предлог-законот добиле објаснување дека со него сега треба да бидат регистрирани старите возила за тие да влезат во системот во земјава, за потоа да биде забранет увоз на возила со стандард помал од ЕУРО 5.
Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, вели дека доколку властите го применат Законот за возила со клаузулата за еко-етикети на секое возило, тогаш, според неа, ова ќе биде добра работа, бидејќи во таков случај „сите возила ќе бидат маркирани“ и ќе се знае кој колку треба да плаќа за загадувањето.
„Доколку не го применат, ништо нема да се смени, само ќе бидат земени повеќе пари за регистрација“, вели Чоловиќ-Лешоска.
Од Владата не даваат конкретен одговор дали целта на донесувањето на законот е полнење на буџетот, но во соопштението од 24-та владина седница е наведено дека со мерката ќе има приход во буџетот од 25 милиони евра.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ наведуваат дека станува збор за возила кои веќе се користат по сообраќајниците низ земјава, но оти за нивната бројка немаат податоци кои би биле дел од нивните анализи и би биле земени предвид при проекции на мерки и програми.
„Со создавање на поволни услови за регистрација на овие возила во нашата држава, кои согласно постоечката регулатива не смеат да бидат под ЕУРО 4 стандардот, истите ќе подложат на задолжителна техничка контрола за исправност и мерење на издувни гасови при регистрација на возилото, што значи ќе бидат ставени под контрола. Значи не станува збор за нов увоз, туку за поголема контрола на веќе увезен возен парк“, велат од МЖСПП.
Од институцијата додаваат дека истовремено тие возила нема да се регистрираат надвор од државата, „туку ќе го полнат домашниот буџет“, со што, како што посочуваат од Министерството, ќе се оствари начелото загадувачот плаќа.
„Затоа министерот за животна средина Нуредини предложи и започна дискусии со министерот за финансии за да бидат прераспределени средства за субвенции на електрични, хибридни и плагин возила од овие собрани средства.“, велат од МЖСПП.
Од „О2 Иницијатива“ се сомневаат во стандардот на овие возила, бидејќи како што велат, тие се веќе со помината километража и имале ЕУРО 4 стандард кога биле нови во авто-салоните.
„Кога ова возило ќе се регистрира, сегашната состојба никој нема да ја измери, кој е всушност актуелниот ЕУРО стандард после изминати толку километри“, вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива.“
Таа посочува дека со измената на законот се прави „повластица за овие за возила“, што според неа, тоа треба да биде спротивно.
„Владата се има обврзано на имплементација на Зелениот договор на ЕУ. Тој договор планира комлетно забрана на сите возила на бензин и на дизел и преминување кон само електрични и хибридни возила на водород и зголемување на алтернативните начини на превоз, како што се велосипедските патеки, велосипедизмот и јавниот транспорт“, вели Чакулев.
Македонија овој месец ја потпиша Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврза да спроведува исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите членки на Европската унија.
Декларацијата има за цел Европа да биде јаглеродно неутрална до 2050 година, со што земјите потписнички се обврзаа за борба против климатскатката криза и деполуција на воздухот, водите и почвите, како што е предвидено со Зелениот договор на ЕУ.
Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан се заснова на пет столбови: првиот е мобилноста заедно со климата и енергијата. Вториот е циркуларна економија, потоа следуваат деполуција, одржливо земјоделство и производство на храна и последниот столб е заштита на био-диверзитетот.