Достапни линкови

(Не)безбедни работници - бројот на несреќи поголем од статистиката


Илустрација
Илустрација

Четворица работници загинале во првата половина од 2024 година, додека 1.130 се повредиле за време на работа, покажуваат бројките на Државниот инспекторат за труд. За невладиниот сектор, податоците на државните институции се нецелносни и не ја одразуваат реалната состојба.

54 годишниот работник Ј.И. од Скопје, во попладневните часови на 29 септември, извршувал градежни работи во куќа во општина Чаир, кога врз него паднал бетонски столб и го усмртил на лице место. Случајот беше пријавен во МВР и на градилиштето дошла екипа на СВР Скопје. Полицијата не откри дали на локацијата каде се извршувале градежни работи имало и други вработени.

Четири дена подоцна, тројца доктори загинаа во сообраќајна несреќа при судир со камион. Возачот на товарното возило беше тешко повреден и заврши во болница. Несреќата се случи на магистралниот пат Прилеп-Битола.

Овие два случаи се меѓу последните од низата несреќи на работно место кои ги евидентира Министерството за внатрешни работи во дневните билтени. Во годината што изминува, со повреди, несреќи и смртни случаи на работните места се соочиле градежници, рудари, земјоделци, полицајци, пожарникари...

„Уште еден“

Под овој хаштаг во посебна Фејсбук страница, Македонското здружение за заштита при работа ги објавува несреќите и фатални случаи на македонските работници. Ова е единственото здружение од ваков вид, кое од 2008 година активно објавува извештаи за случени несреќи на работното место.

Претседателот на здружението, Милан Петковски, за РСЕ вели дека во Северна Македонија нема официјални и целосни податоци за несреќите кои се случуваат на работните места.

„Ние како граѓани плаќаме да имаме институции кои се занимаваат со тоа. Во пракса, надлежните институции не излегуваат на терен на увид. Ако имаме транспорт на леб при што се случува сообраќајна несреќа, не излегува Трудова инспекција иако треба, бидејќи се случува на работно место и според законот за осигурување тоа е во рамки на работното време. Туку излегува само МВР. Работниците преку државниот апарат треба да добијат правда за несреќите што им се случуваат, а тие заглавуваат во судските лавиринти“, вели Петковски за РСЕ.

Надзори, казни, повреди и смртни исходи

Државниот инспекторат за труд кој спаѓа под Министерството за социјална политика, демографија и млади е задолжен да прави контрола на терен во областа на безбедност и здравје при работа и ги регистрира инцидентите на работното место.

Со 123 инспектори по областа на работните односи и безбедност и здравје при работа, Државниот инспекторат за труд има извршено 11.510 инспекциски надзори. Ова го покажува шестмесечниот извештај на институцијата во периодот од јануари до јуни 2024 година. Од нив 2,586 се редовни инспекциски надзори, 2,734 се контролни и 6,190 се вонредни инспекциски надзори. За период од една година, инспекторите регистрирале 2,622 неправилности.

„При непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа и подзаконските акти доведува до ризик на појава на зголемен број на повреди при работа, професионални болести како и негативно влијание на превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа“, се вели во извештајот.

Како ризични области се наведуваат трговијата на големо и мало, преработувачката индустрија (текстилна, кожарска, дрвна), градежништвото, металургијата, рударство и вадење камен, транспорт и скалдирање.

Најмногу повреди во преработувачката индустрија

Статистиката на Државниот инспекторат за труд за првите шест месеци од 2024 година, покажува дека металургијата, како дел од преработувачката индустрија предничи според дејноста во бројот повреди на работа со 128 случаи. Во другите дејности, текстилна индустрија има 38 такви случаи, во прехранбената 52, додека во дрвната индустрија 13 случаи на повреда на работа. Според сите дејности на работа, ДИТ нотира вкупно 1.130 случаи на повреди.

Во првата половина на 2024 год се случиле 9 колективни повреди. И тоа една во рударство и вадење камен, една колективна повреда во текстилна индустрија, две во прехрамбена индустрија, по една колективна повреда во металургија, информации и комуникации, во здравствена и социјална заштита и во други услужни дејности.

Во првата половина на 2024 год има четири повреди со смртни последици во градежништвото, еден починат во земјоделство, и еден во услужни дејности.

РСЕ се обиде, но не успеа да стапи во контакт со директорката на инспекторатот Весна Томовска со прашања во однос на релевантноста на податоците и дали постојат случаи на повреди на работни места кои работниците не ги пријавуваат поради страв од губење на работата.

Во рамки на Институтот за јавно здравје постои посебно одделение за медицина на труд и проценка на здравствени ризици.

Институтот има обврска да води здравствена статистика во Северна Македонија, да собира и чува статистички податоци на национално ниво и според законската обврска, да води здравствени регистри вклучувајќи ги и оние за повреда на работа и за професионални болести.

Од Македонското здружение за заштита при работа велат дека ако се земе во предвид дека бројката од Меѓународната организација за труд дека 4 насто од бруто домашниот производ во сиромашните земји оди во компензација на повредите, тогаш директните загуби кои ги трпи Северна Македонија се над 400 милион евра.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG