По речиси пет години поминати во судски рочишта, Кривичниот суд во Скопје ги прогласи за виновни шестмината обвинети за автобуската несреќа кај Ласкарци. Најголемата затворска казна ја доби возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кој на 13 февруари 2019 управуваше со автобусот кој излета од патот, при што загинаа 16 луѓе, а над 30 беа повредени. Тој е осуден бидејќи возел со недозволена брзина од 99 километри на час што предизвикало сообраќајна незгода со смртни последици.
Но, првообвинетиот во овој процес, сопственикот на фирмата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули беше осуден на 4 години затвор, а одговорниот во неговата фирма за транспорт Ремзи Мифтари доби построга казна, вкупно 6 години затвор.
„Тие се осудени затоа што во период од 2017 до 2019 година не се придружувале до прописите за безбедност на автобускиот сообраќај, и свесно и континуирано дозволувале во сообраќај да учествува неисправно возило, без да преземат мерки за негова поправка, иако биле свесни за можните последици“, се вели во пресудата.
Вработените во техничкиот центар на истоимената фирма, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, добија по пет години казна затвор како соучесници во делото, затоа што иако утврдиле дека автобусот е неисправен, сепак потпишале записник во кој се тврди дека автобусот бил технички исправен, по што бил пуштен во сообраќај.
Судот им одреди и споредна казна на сите обвинети, а тоа е забрана за вршење на должност во времетраење на пет години. Фирмата „Дурмо Турс“ по автобуската несреќа во изминативе речиси пет години продолжи да сообраќа на истата траса Скопје – Гостивар.
Обвинителството ќе ја преиспитува пресудата
Обвинителот Дарко Јакимовски изјави дека осудителната пресуда е очекувана, но сепак најави нејзино преиспитување.
„Очекувано беше дека казните нема да се движат поблиску кон законскиот минимум на казнување за ова дело кое може да се движи во распон од 4 до 20 години, во тој поглед секако дека ќе се преиспита казната и битна алка во одговорноста е секако одговорното лице и управител на фирмата“ изјави Јакимовски.
За роднините на загинатите во автобуската несреќа, Судот бил благ кон прво-обвинетите.
„Како да бидеме задоволни, особено кон прво обвинетите, сметаме дека казните се минимални, ова беше најтешката несреќа во историјата на постоењето на Гостивар,“ изјави еден од роднините на загинатите по читањето на пресудата.
Судијката која го водеше процесот Диана Груевска Илиевска по читањето на пресудата посочи дека е очекувано да има незадоволни.
„Судечкиот совет е свесен дека ќе има многу незадоволни од оваа пресуда, но и дека таа каква и да биде никогаш нема да биде безрезервно примена од сите учесници. И ние како човечки суштества, како секој граѓанин на земјава, длабоко не погоди оваа трагедија, но основна должност на судот при одлучувањето е да не се раководи од чувствата туку исклучително од понудените докази“ изјави таа.
Пет години до првата пресуда
По 150 поминати судски рочишта и речиси пет години по судници, дел од роднините на загинатите ја дочекаа правната завршница, првата пресуда. Сега почнуваат да течат роковите за жалби на оштетените како и на осудените. Додека да стане правосилна пресудата ниту еден од осудените нема да оди во притвор, затоа што на сила се мерките за претпазливост кои им биле претходно утврдени.
Во меѓувреме дел од роднините на загинатите не ја дочекаа пресудата. Митко Аврамовски чии 19 годишен син единец загина во незгодата, почина од срцев удар во 2021 година.
Загинатите во оваа собраќајна несреќа се жртви на неправедниот систем, велат нивните роднини. Дел од нив се сомневаат дека пролонгирањето кое настана со супер вештачењето е со цел - заштита на обвинетите. За нив, настраданите не се жртви ниту на несреќата, ниту на судбината, туку на неодговорноста и немањето контрола.
„Сомневањата се во сите насоки, со само тоа што траеше повеќе од 4 и пол години, за три недели се навршуваат пет години, ни дава сомнеж дека во прашање се притисоци, политички влијанија, или не дај боже некои други влијанија. Ние се надеваме дека во овој случај судот ќе се надмине себе си и дека еднаш за секогаш правдата ќе победи во Македонија“, изјави пред читањето на пресудата за РСЕ Синиша Ристевски, брат на починатиот 38 годишен Дејан Ристевски.
Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, на само 5 месеци по несреќата, но предметот со години остана заглавен во формални процедури во судот.