Основното јавно обвинителство - Кочани даде наредба за истрага против 27 лица и три правни лица за кои постои сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност со пожарот во „Пулс“.
Сите осомничени во истрагата се обезбедени. Кочанското обвинителство бара притвор за сите осомничени со исклучок на тројца кои се хоспитализирани. До овој момент, 16 притвори се веќе определени, а за другите осомничени рочиштата се во тек.
Обвинителството соопшти дека сите осомничени од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство и надлежности, не постапиле по прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност по сите.
„Верижните пропусти и незаконски дејства довеле до тоа да со користење на пиротехника за време на настапот на ДНК во кабаре „Пулс“ се предизвика пожар во кој настапила смрт на 59 лица во кои шест се деца и повредени се 197 од кои 25 се деца. Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица, кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на прес конференција пред зградата на Обвинителството во Кочани.
Меѓу осомничените за кои е отворена истрага се и тројца сопственици или косопственици на диксотеката „Пулс“во Кочани.
За што се теретат осомничените?
Како што соопшти обвинителот Коцевски, постои основано сомнение дека првоосомничениот за периодот од 13 фебруари 2024 година до 13 фебруари 2025 година, директно на службеник во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Без да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана лиценца за вршење на угостителска дејност. Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик.
Ова била последната дозвола што сопственикот на клубот ја добил со мито, но и врз основа на основен проект што една од сега осомничените го изготвила уште во 2010 година.
„Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови објектот да биде пренаменет од категорија лесна индустрија во кабаре. Овој незаконит проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност“, рече Коцевски.
Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца.
Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции.
Според деталите што ги соопшти државниот обвинител Коцевски, поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, не ги извршиле своите службени должности.
Во периодот од 09 јануари 2020 година до 16 март 2025 година, во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на дискотеката за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре. Со тоа, овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.
Истрагата опфаќа и тројца градоначалници
Обвинителството соопшти и дека осомничените тројца градоначалници на Кочани,поранешните Ратко Димитровски, Николчо Илијев и актуелниот во оставка, Љупчо Папазов, од 2012 година до 16 март 2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле „Пулс“ незаконито да продолжи да работи, кршејќи го законот за угостителска дејност.
За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.
„На 16 март 2025 година, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК и заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете.
Еден од осомничените вршел продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот“, изјави Коцевски.
Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле групата ДНК да внесат пиротехнички фонтани, иако за тоа немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на таква пиротехника.
За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на ДНК.
Осомничени се и сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата, но вршело одредени работи за неа.
„Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот“, соопшти Обвинителството.
Некои од обезбедувањето кобната вечер се осомничени, иако граѓани на Кочани бараат да бидат ослободени затоа што ги спасувале лушето во дискотеката која горела.
Да се казнат одговорните за катастрофата
Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, сите докази за дискотеката „Пулс“ упатуваат на кривично дело - тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна затвор до 20 години.
„Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија“, изјави Коцевски, во вчерашното интервју за белградскиот весник „Политика“.
Претходно, Коцевски најави дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна и оти ќе одговараат и тие кои со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината за катастрофата.
Лекување во Италија, Шпанија, Турција, Литванија
Според последните информации од Министерството за здравство, состојбата на повредените лица во пожарот е стабилна и се подобрува.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес конференција по состанокот со Кризниот штаб, информираше дека моментално се лекуваат 162 лица од пожарот во Кочани.
Рече дека добра вест е што денеска 10 пациенти кои се лекуваат во земјава ќе бидат пуштени дома.
Инаку 115 пациенти се лекуваат во странство. Покритична е состојбата на двајца пациенти хоспитализирани во Грција и тројца во Словенија. Состојбата на останатите е стабилна, а дел се екстубирани, односно дишат самостојно.
„Денеска ја отворивме и темата за враќање на пациентите во земјава од идната недела, имаме најави од одредени држави дека пациентите веќе се движат, за да подготвиме протоколи какво ќе биде нивното враќање“, рече Таравари.
Ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување. На домашните лекари им помагаат колеги од Израел и Чешка, а тим од Велика Британија ќе помага за следната фаза од лекувањето.
Министерството за здравство објави и список со медицински центри во странство каде се лекуваат пациентите од пожарот. Листата содржи медицински центри во Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција, Италија, Австрија, Белгија, Литванија, Турција, Шведска, Унгарија и Полска.
Како што соопшти директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски, досега за 142 лица од семејствата на повредените од пожарот на лекување во странство државата обезбеди авионски карти и сместување потрошени се почетно околу 3,5 милиони денари.
Одлуката на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица за еден повреден, но, како што посочи, ќе бидат покриени трошоците ако заминале и по тројца-четворица.
Преку Црвениот крст заклучно со вчера се обезбедни 42.739.931 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани.
Несреќата се случи во раните утрински часови во неделата во дискотеката „Пулс“ каде настапуваше групата „ДНК“. Починатите во пожарот се на возраст од 16 до 48 години. Најголем број се на возраст на 24 и 26 години.
Во несреќата животот го загубија и три лица од бендот ДНК.
Починатите во пожарот вчера беа погребани во Кочани, Штип, Облешево и Скопје.