Достапни линкови

 
Земјотресот со американските царини индиректно ќе ја погоди македонската економија

Земјотресот со американските царини индиректно ќе ја погоди македонската економија


Потпишаната одлука на американскиот претседател за зголемување на царинските тарифи
Потпишаната одлука на американскиот претседател за зголемување на царинските тарифи

Новите американски царински давачки повеќе на индиректен отколку директен начин ќе ја погодат македонската економија, велат економските аналитичари. Најпогодени од царините од 33% за извозот во САД ќе бидат услугите кон американски компании и оние фирми кои се дел автомобилската индустрија.

Со одлуката на американскиот претседател Доналд Трампза зголемување на царините на 33 отсто за увоз на македонски производи во САД, и македонските производи на американскиот пазар ќе поскапат и може да станат неконкурентни.

Во јануари годинава македонската економија забележала позитивен трговски биланс со САД, односно поголем извоз од увоз на американски производи, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Според статистичките податоци вкупната вредноста на македонски производи кои се нашле на американскиот пазари изнесува 22 милиони долари. Сега со царинската стапка од 33%, цената на тие производи ќе биде за третина поскапа.

Но, одлуката за зголемување на основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и повисока царина за Северна Македонија од 33 отсто со одложено дејство ќе има и посериозно влијание врз целокупната македонската економија, велат економските аналитичари.

Професори по економија забележуваат дека новата царнинска тарифа ќе има поголемо индиректно отколку директно влијание врз македонската економија, затоа што македонскиот извоз на американскиот пазар е мал, додека кон европскиот каде што земјава извезува многу поголема количина на производи ќе биде сериозно погоден.

Професорот и поранешен министер за финансии Трајко Славески вели дека увозот од САД е многу мал дел од целокупниот македонски увоз и дека тоа не мора да значи дека ќе има посилен ефект врз цените, но падот на глобалната економија поради најавите за рецесија во втората половина од годината сериозно ќе не погоди.

„Ако бидат погодени нашите најважни трговски партнери , многу повеќе од Македонија, како што ЕУ и Германија со автомобилската индустрија, секако дека тоа ќе се одрази и врз нас“, вели професорот Трајко Славески.

Графикон за нов износ на царина за производи увезени од балканските земји во САД
Графикон за нов износ на царина за производи увезени од балканските земји во САД

Од земјите до Западен Балкан, највисока царинска стапка ќе плаќа Србија од 37 отсто, додека со најниска од 10 проценти ќе бидат царинети Црна Гора, Албанија и Косово.

Според досегашните пресметки на дел од економистите директните последици засега се сведени на минимално ниво, но дел од индиректните последици веќе се чувствуваат во неколку сектори.

Неочекувано висока царинска стапка за македонските производи на американскиот пазар

Според професорката Никица Мојсовска Блажевски одлуката за воведувањето на високата царинска тарифа за извозот на македонските производи кон САД е неочекувана, бидејќи, како што вели, не била доволно јасна јасна пресметката.

„Според домашните податоци, Македонија има дефицит со Америка, извозот е околу 110 милиони евра, увозот е околу 180 милиони евра и заради тоа не се очекуваше ваква висока царинска тарифа. Меѓутоа, за жал податоците кои се официјални од Американското биро за статистика сепак покажуваат други податоци, дека Македонија има суфицит во надворешно-трговската размена со САД и оттука произлегува оваа виска царинска стапка за извоз на македонските производи“, вели професорската Мојсоска Блажевски.

Професорот Славески објаснува дека причината за тоа е во формулата со која е изведена пресметката.

„Аналитичарите во Фајненш Тајмс забележале една формула како е дојдено до оние цифри со кои оперираат САД. Тие дефицитот кој тие го прикажуваат, го делат со вкупниот увоз што го имаат со некоја земја и така добиле 66 или 67 кај нас, па сега ни ставаат 33 отсто царина“, вели Славески.

Кои индустрии ќе бидат најмногу погодени од новите царини?

Во американската одлука потпишана од Трамп се вели дека од 5 април стапуваат на сила нови правила на глобалната економија.

„Златното правило за златната ера- пристапот до американскиот пазар е привилегија, а не право “, се вели во одлуката.

Од ова ново правило на директен начин влијание ќе почувствуваат неколку компании кои нудат таканаречени „аутсорсинг“ услуги на американскиот пазар, додека на индиректен начин ќе бидат засегнати компаниите кои се занимаваат со производи за автомобилската и петрохемиската индустрија.

Професорката Никица Мојсоска Блажевски, која е главен извршен директор на Македонија 2025, смета дека индиректниот ефект од царините ќе го почуствуваат компаниите кои своите производи преку европскиот пазар ги пласираат на американскиот.

„Исто така мислам дека ќе доведе до намалување на идни можни инвестиции од САД, особено зборувам за дијаспората наша во САД којашто се повеќе почна да отвора свои компании во Македонија кои примарно се со цел извоз во САД“, изјави таа.

Во изминатиот период дел од фабриките од автомобилската индустрија во Северна Македонија најавија намалување на бројот на вработени поради намалена потрошувачка како што е „Џонсон Мети“ која спаѓа во групата на најголеми извозници, а една фабрика целосно ќе се затвори и пресели на друга локација. Станува збор за фабриката „Адитив“ која што ги снабдува со делови германскиот автомобиски гигант „Фолксваген“.

Последниот бран на зголемување на американските тарифи за автомобилската индустрија кој силно го погоди европскиот пазар, сега дополнително ќе ја погоди македонската економија каде што оваа гранка е најпродуктивна во извозната листа.

Според одлуката на Трамп, дел од производите од челик и алуминиум како и делови за автомбили нема да подлежат на новите тарифи, што значи дека македонската челична индустрија во ова ситуација ќе одбегне „куршум“. Иако нема да има директно влијание, може да има индиректно врз синџирот на снабдување за овие производи велат експертите.

Во новите царински тарифи како исклучоци се наведени фармацевтските производи, бакарните и полу проводниците, производите од дрво и минерали кои не се достапни во САД, се вели во одлуката.

Какви мерки треба да преземе македонската Влада

До објавувањето на овој текст од македонската влада не одговорија на прашањата, дали Северна Македонија како стратешки партнер на САД може да очекува да се најде на листата на исклучоци за новите американски царини.

Но, во соопштение до јавноста посочија дека владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и дека имаат подготвен план за надминување на ситуацијата, без да прецизираат за каков план станува збор.

„Оваа одлука нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме јасен план како понатаму“, се вели во владиното соопштение.

Владата смета дека нема место за паника, ниту пак, од избрзани реакции и дека ова е очекувана одлука од американската администрација.

„Ова е обид за репреговарање на трговските односи во светот – нешто што беше неопходно и што, иако сега за некои претставува шок, за други ќе значи можност“, се вели во владиното соопштение.

Поранешниот министер за финанси Славески вели дека Владата сега треба да размисли како да го намали ударот. Еден од начините според него е да не се воведуваат реципрочни мерки како што направиле Јапонија и како што планира ЕУ.

„Мислам дека е најдобро ние да видиме колку може она што ни се забележува дека е трговска бариера од нашиот увоз од САД да го намалиме, со тоа да ги одоброволиме и тие веднаш да реагираат со намалување на царините. Тоа е можно“, вели Славески.

Според него, во американската одлука нема политичка порака, затоа што и многу поважни децениски партнери на САД се многу повеќе погодени.

Според професорката Мојсовска Блажевски потребно е претставниците на Стопанските комори заедно со Владата преку дипломатските претставништва да лобираат за намалување на царините.

„Прво да видиме зошто имаме разлика во податоците, а потоа и да се воспостави соодветна царинска тарифа. Мислам дека тоа треба да биде првиот чекор на државата“, вели таа.

Што извезува Северна Македонија во САД?

Северна Македонија во 2024 година имала извоз кон САД вреден 118,2 милиони американски долари, додека увозот изнесувал речиси 196 милиони долари. Во споредба со 2023 година, извозот е зголемен, а увозот е намален. Во 2023-та извозот на земјава кон САД бил 95,3 милиони долари, а увозот 267 милиони долари.

Повеќе од половина од извозот за американски пазар лани им припаѓал на групата производи „машини и транспортни уредни“ – околу 67,5 милиони долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Податоците покажуваат дека во вредност од 16,2 милиони долари земјава лани извезла „разни готови производи“, додека извозот на храна и живи животни бил 13,5 милиони долари. Меѓу поголемите ставки се и пијалоците и тутунот во вредност од 11,6 милиони долари.


Слично како и во извозот, ако се погледне увозот на американски производи на македонски пазар, може да се заклучи дека „Машините и транспортните уреди“ имаат најголема вредност. Од вкупниот увоз што Северна Македонија во 2024 го направила од САД во вредност од 196 милиони лани, на оваа група припаѓаат речиси 57 милиони долари.

Истите групи на производи се меѓу најзастапените кога е во прашање извозот и увозот и во 2023 година.

ЕУ подготвува контрамерки, реакции на светските економии

Голем удар за светската економија што ќе има големи последици, реагираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен откако Трамп ги објави царините.

Таа во својот говор во Европскиот парламент во Стразбуристакна дека целта на ЕУ е да се најде решение преку преговори.

„Сепак, доколку е потребно, ќе ги заштитиме нашите интереси, луѓе и компании“, фон дер Лајен.

Според неа, ЕУ не сака да возврати, но Брисел има силен план за тоа и ќе возврати ако треба.

Царините што Доналд Трамп ќе ги воведе ќе имаат негативни последици ширум светот, предупреди претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард.

Лагард рече дека обемот на штетата ќе зависи од тоа колку ќе бидат обемни царините, колку долго ќе траат и дали ќе доведат до успешни преговори.

„Да не заборавиме дека ескалацијата на царините, бидејќи тие често се штетни дури и за оние кои ги воведуваат, честопати доведува до преговарачки маси каде што луѓето всушност седнуваат, разговараат и на крајот отстрануваат некои од тие бариери, изјави Лагард за ирската радио станица Њузток (Newstalk).

И Кина најави дека ќе возврати со контрамерки на новите царини.

„Кина цврсто се противи на ова и решително ќе преземе контрамерки за да ги заштити своите права и интереси“, соопшти кинеското Министерство за трговија.

Британскиот министер за претприемништво и трговија Џонатан Рејнолдс најави дека владата ќе го брани националниот интерес доколку е потребно.

„ Никој не сака трговски војни, но имаме алатки и нема да се двоумиме да дејствуваме“, рече Рејнолдс.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, кој се смета за близок со американскиот претседател Трамп, изјави дека царините наметнати од неговата администрација се „погрешни“ и нема да бидат од корист за САД.


  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG