Германската економија, една од најголемите европски сили е во стагнација, со речникот на економистите. Германскиот бруто домашен производ, две години по ред, благо се намалува, со што земјата влегува во најдолгата рецесија по повеќе од две децении.
Ефектите од германските економски проблеми ги чувствува и 45 годишниот Славе кој работи во фабрика во индустриската зона Бунарџик, која се наоѓа во околината на Скопје.
Фабриката во која работи Славе произведува и извезува делови за германската автомобилска индустрија, па поради намалената побарувачка, фабриката намалува и на работна сила. Во оваа фабрика, бројот на работници е намален за една четвртина односно како технолошки вишок заминале околу 70 луѓе, а тие што останале сега работат во три наместо во четири смени.
„Ние што останавме на работа, во овој период имаме помалку работа, но и помалку работни часови имаме. Тоа е првиот бран, тие засега амортизираат, стабилна е фабриката, ама намалена е работата. Фабриката се труди да биде ефективна,“ вели нашиот соговорник кој побара да остане анонимен за да не му влијае на работното место.
Вкупно 40 отсто од целиот македонскиот извоз на производи завршува на германскиот пазар. Последните статистички податоци покажуваат дека за една година извозот е намален за 568 милиони евра. Најголемиот дел од македонските производи кои завршуваат на германскиот пазар се делови за автомобилската индустрија.
Работниците во македонските економски зони стравуваат за своите работни места, особено оние кои што извезуваат производи и делови за автомобили кои работат на гориво, велат синдикатите.
„ Загрижени се тие од компаниите кои се занимаваат со производство во металуршката индустрија. Нивното производството и лани и годинава е намалено, работат со 50 проценти од капацитетите, затоа што и нарачките им се намалени,“ вели Игор Герасов од Синдикатот за слободните економски зони ( ТИРЗ).
Од друга страна, оние кои работат во фабрики што произведуваат делови за електрични автомобили се во подобра состојба, додава тој.
„Аптив“ од ТИРЗ се сели во Полска и Португалија
Досега компанијата Аптив која во слободната економска зона Бунарџик произведува електрична и електронска опрема за возила, најави дека ќе ја затвори фабриката и со тоа околу 500 луѓе ќе останат без работа. Според најавата своето производство ќе го пресели во Полска и Португалија.
Од Дирекцијата за технолошко индустриските зони ( ТИРЗ) велат дека се запознаени со плановите на компанијата Аптив за повлекување од македонското производство, но како што велат, тоа не било поврзано со локалните услови, туку со глобално преструктуирање.
„Според јавно достапните информации, Аптив планира да се подели на два ентитета глобално, со намера да го продаде ентитетот ЕДС. Македонската фабрика, која е под гаранција на Аптив Унгарија и припаѓа на дивизијата „Електрик", исто така може да биде вклучена во оваа продажба. Овие промени укажуваат на значајно преобликување на Аптив на глобално ниво, со потенцијално влијание врз нивните операции во Македонија“, велат од ТИРЗ за РСЕ.
Во однос на најави за намалување на бројот на работници во британската Џонсон Мети, која во индустриските зони близу Скопје произведува делови за моторни возила, од ТИРЗ велат дека не добиле таква информација.
Премиерот Христијан Мицкоски бил запознаен со проблемите на странските компании поради кризата во Германија, но решението го гледа во нови инвестиции.
„Преговараме со дел од инвестититорите кои што се заинтересирани да инвестираат и многу брзо од денес ќе се надмине овој процес, така што јас повеќе сум загрижен дали ќе имаме доволно работна сила за сите оние инвестиции кои што се во процес на инвестирање“, изјави Мицкоски на 6 февруари.
Премиерот Мицкоски не прецизираше дали државата има план за автомобилскиот сектор кој е на удар од кризата и во кој работат илјадници македонски работници.
Според одговорот од ТИРЗ, иако постојат одредени предизивици во германската економија кои влијаат врз трговската размена со Македонија, нема конкретни информации за намалување на работната сила или напуштање на индустриските зони во земјата.
„Напротив, според неодамнешни изјави, германските инвеститори и понатаму покажуваат интерес за Македонија, а некои дури и размислуваат за проширување на своите инвестиции“, велат оттаму.
Последиците од германската стагнација врз македонскиот извоз
Претседателот на Советот за странски инвестиции Виктор Мизо, вели дека економските случувања во Германија и прогнозите за годинава, како и целокупната европска економија која и годинава ќе се соочи со низок економски раст од околу еден процент предизвикува стагнација на побарувачката од македонскиот извоз.
„Но, ако се земе по индустрии и фактот дека автомобилската индустрија допринесува со над 50 проценти на нашиот извоз кон Германија и кон Европа, а воедно и контрибуцијата на автомобилската индустрија кон целокупниот извоз од Македонија, и фактот што состојбите кај најголемите европски производители на возила се во состојба на несигурност, намалување на производство, редукција и затварање на дел од фабриките, како и очекување на оптимизација на европското производство, сето тоа има влијание врз нашиот извоз кон тие пазари“, објаснува Мизо.
Еден од клучните фактори кој влијае врз германската автомобилска индустрија е енергетската криза и руско-украинската војна. Дополнителен притисок направи и најавата на американскиот претседател Трамп дека за Европската унија планира нова царина за производите кои се пласираат во Америка и тоа од 10 отсто. Но, економска закана за германската автомобилска индустрија е и зголемената конкуренција од Кина на светскиот пазар со наплив на поефтини електрични автомобили.
Нема голем простор за маневар
Економистите велат дека овие индустрии кои зависат од цената на енергенсите и од кинеската конкуренција се први на удар во рецесија. Професорот Димитар Николовски од економскиот факултет во Прилеп, вели дека компаниите во македонските економски зони кои произведуваат делови за автомобили немаат голем простор за маневр во ваквата ситуација.
„Пред се зборуваме за компаниите кои се основани со странски капитал, и кои се основани како аутсорс на централи од Германија. Тука за нашите компании не постои поголем маневрски простор за да интервенираат, затоа што нивните порачки се директно се поврзани со централите за кои што работат“, вели Николовски.
Тој додава дека постојат одредени сигнали за завршување на рецесијата, во политичките најави за можно постигнување на мировно решение за конфликтот во Украина, очекувајќи намалување на цените на енергенсите. Според него, во таква ситуација како предизвик ќе остане кинеската конкуренција со електрични возила.
Николовски вели дека предноста на кинеските компании е што од самиот почеток се отвораат како фабрики за електрични возила, додека европските а тука влегуваат и германските кои имаат децениска традиција на производство на возила со внатрешно соговорување.
„ Тие сега се наоѓаат пред стратешки одлуки како да го трансформираат производство, затоа што кинеските компании од старт се наменети за производство на електрични возила, имаат ниски трошоци и се многу поконкурентни на светскиот пазар“, вели Николовски.
Долгорочно да се размисли за реформа на извозната структура
Еден од начините со кој може да се подобри и да се направи поотпорен на удари македонскиот извоз е реформирање на структурата на извозот, вели Мизо. Според него потребно е да се размислува на среден и долгорочен план за проширување на извозната структура, од дополнитени приходи од извод на домашните компании од различни секотори.
„Но, истовремено и во процесот на привлекување на странските инвестиции, да имаме други компании од други сектори, и од производствена дејност, но и од сервисна индустрија кои се различни од производството и автомобилската индустрија“, вели Мизо.
Во Северна Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал каде што работат близу 30 илјади граѓани . Очекувањата на економистите се дека до крајот на годината економската криза во Германија ќе се стабилизира. Македонските рабаотници како Славе се надеваат дека до тогаш ќе го задржат работното место во фабриките и дека „ќе ја преживеат“ неизвесноста што ја носи годинава.