Достапни линкови

Црно бела перцепција за состојбите во државата и сива реалност


Зошто нема брзи резултати во битката против корупцијата? Кои се приоритетите на Владата и на некои општини? Њузлетер 14.02.2025

Њузлетер 14.02.2025
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:29 0:00
Директен линк

Каде заглавува битката против корупцијата?

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат, обвинителите и судиите главно си молчат, а перцепцијата на граѓаните кажува многу.
Со два поени помалку од 2023 година, Северна Македонија ја завршила 2024 година со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл.

„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите кои го тресеа судството“, изјави претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Благоја Пандовски.

Тој објаснува дека минатогодишниот скандал и докажан случај со врховен судија и член на Советот за јавни обвинители во кој тие признаа вина дека земале мито за судски процес, е само загребување на површината на судските проблеми и причини поради кои граѓаните немаат доверба во судскиот систем.

СДСМ во соопштение наведоа дека оваа Влада ветувала „беспоштедна борба против корупцијата“, но за само осум месеци испорачала најслаба позиција во последните пет години.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека падот од два поена е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме и коруптивни скандали што беа во периодот на претходната Влада“.

Актуелната владата оцени дека од извештајот на Транспаренси детално може да се види дека четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството и веднаш, (на 11 февруари) го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирање на правната држава“, изјави на прес конференција владината портпаролка, Марија Митева.

Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски реагираше преку писмена изјава во која тврди дека секогаш работел согласно закон.

Но, претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Благоја Пандовски на презентацијата на годинешниот извештај наведе: „Обвинителството не е ажурно во гонењето на високата корупција и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата“.

За Тетово, пак, наместо квалитетот на улиците, приоритет се нивните имиња

Додека тетовчани се соочуваат со еколошки, комунални и инфраструктурни проблеми, општината започна иницијатива за именување и преименување на улици, плоштади, паркови и инфраструктурни објекти. Како што велат, по барање на граѓаните.

Граѓани, пак, велат дека има други приоритети, но, никој не ги прашува за ништо.

Тетово: Дали имињата на улиците се приоритетен проблем?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:17 0:00

Платите и привилегиите на пратениците

Просечна плата во државава е 676 евра месечно, а пратениците во Собранието, според измените на законот од почетокот на годинава, добиваат плата од 1.751 евро – што е речиси 2,5 пати повеќе од просечната.

Ако се спореди пак со минималната плата, која е 367 евра, значи дека еден пратеник добива околу четири и пол пати повеќе од граѓанин што работи за минималец.

Сумата од 1751 евро претставува основна плата за пратеник без стаж, додека координаторите на пратеничките групи, претседателите на комисиите и други избрани функционери имаат повисоки коефициенти и повисоки примања.

Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и избраните функционери беше изменет во јануари 2025 година, со што коефициентите беа намалени, но и покрај тоа нивните плати се зголемија со растот на просечната плата.

Пратениците имаат право и на бројни надоместоци, како патни трошоци, надомест за одвоен живот и други.
Споредбата со платите на пратениците во другите држави од Западен Балкан, можете да ја видите во инфографиката подолу.

Инфографика - Платите на граѓаните и на пратениците од Западен Балкан
Инфографика - Платите на граѓаните и на пратениците од Западен Балкан

Специјализантите ни плата ни вработување

Во здравството недостасуваат лекари, но 600 приватни специјализанти уште чекаат владата да го оствари ветувањето и да ги вработи додека примаат само надомест од 26 илјади денари, без здравствено и пензиско осигурување. Од Владата велат дека во тек е систематизација во здравствените установи, а Министерството за финансии допрва треба да одобри вработувања.

„Пациентите се жалат дека нема доволно лекари, нема доволно термини, што го прави здравството неквалитетно. Сепак, државата не им обезбедува базични работи не само на приватните специјализанти туку на младите лекари воопшто“, вели за Радио Слободна Европа, студентката на Медицинскиот факултет, Рита Ајдарага.

Министерот за здравство Арбен Таравари на 10 февруари годинава изјави дека се очекува да бидат вработени сите специјализанти, но не прецизираше кога.
Лани, на протестот под мотото „Пет до 12 за македонското здравство“ специјализантите симболично излегоа со куфери за да доловат дека се подготвени да ја напуштат државата во борбата за подостоинствен живот, доколку нивниот проблем не биде решен.

До каде сè ќе се лета од Скопје?

Македонските граѓани годинава ќе можат авионски да патуваат и до Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел, Истанбул, Париз и Женева. Повеќето од летовите ќе се реализираат од скопскиот аеродром, а дел и од охридскиот.

Државата субвенционира по 9 евра за патник што ќе пристигне на скопскиот, а 12 евра за патник што ќе дојде на охридскиот аеродром.

До каде сè ќе се лета од Скопје?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG