Достапни линкови

Ветар во грб во битката против корупцијата


Дали истражните и правосудните институции се „разработеа“ во битката против корупцијата и криминалот по критиките и укажувањата од власта, ЕУ и САД? Или, секое чудо за три дена? Њузлетер 13.12.2024

Уставниот суд за „жешкиот костен„ ќе одлучува кога ќе се олади

Бурна седмица, американска црна листа, подновена, коруптивни афери, криминал... и во сето тоа и обид за подгревање на меѓу-етнички тензии во врска со Законот за јазици, кој беше на дневен ред на Уставниот суд во средата (на 11.12.)
„Стражареа“ група приврзаници на ДУИ, и нивни лидери, со цел, како што изјавуваа, да го одбранат Законот за употреба на јазиците. И, се случи ... ништо.
Законот за употреба на јазиците, по пет години откако стапи во сила, беше прва точка од дневниот ред на седницата. Дискусија имаше, но за одлука дали целиот Закон или делови од него се уставни или неуставни и ќе се укинат, ќе се почека неколку месеци.

Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки - и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред се експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат. Кога ќе биде тоа, не се знае.

„Воопшто не е едноставно прашање“, искоментира претседателот на судот, Дарко Костадиновски кој беше дециден дека без разлика дали за еден, два или три месеци, „овој суд ќе донесе одлука“.

ДУИ се незадоволни од тоа што е одлучено да има подготвителна седница, бидејќи смета дека тоа е продолжување на процесот за укинување на Законот за употреба на јазиците.
„Единствената праведна одлука којашто требаше Уставниот суд да ја донесе е да ги отфрли сите иницијативи и да се затвори ова прашање, смета Османи.

Но, ДУИ се незадоволни и од една друга одлука, ден претходно. Подновената американска „црна листа“, на која се најде екс вице-премиерот од нивните редови.

Уставниот суд не донесе одлука за Законот за јазици
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00


Ако Американците имаат докази, уште полесно е да ги обезбедат и македонските институции

Што ќе преземат македонските институции откако Артан Груби, поранешен вицепремиер од Демократска унија за интеграција(ДУИ) и Енвер Беџети, судија на Апелациониот суд, се најдоа на црната листа на американскиот Стејт Департмент, е прашање што го поставува и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер. Таа, на прес конференција изјави дека доказите за нив се достапни и македонските институции можат да ги најдат.

Амбасадорката Агелер рече дека оваа акција јасно покажува дека САД ќе ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци чии криминални активности ја поткопуваат безбедноста, стабилноста и владеењето на правото во Северна Македонија.

Груби и Беџети се најдоа на црната листа на САД со образложението дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со пресудата за екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.

Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски. Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Досега, македонските правосудни органи главно ја игнорираа американската „црна листа“.

Сега, се „размрда“ и Обвинителството

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на брифинг со новинарите, информира дека оформил предмет против поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети. Коцевски истакна дека предметот е даден на надлежно обвинителство кое треба да издаде наредба до институциите за откривање на делата. Освен за примателите, ОЈО ќе истражува и кој го дал поткупот.
Тој соопшти и дека наскоро ќе презентираат конкретни резултати од поголем број на сложени предмети од сферата на финансискиот криминал и тешки кривични дела против животот.

Според Коцевски, истрагата за случајот со клиниката за Онкологија оди во корист на тезата на обвинителите. На денешниот брифинг со новинарите беше обелоденето дека сомнежите оти пациенти биле несовесно лекувани, се потврдени со вештачење изработено во Србија.

Беше соопштено дека привршува истрагата и за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој настрадаа 14 луѓе. Фокусот е врз евентуално постоење на кривично дело за начинот на набавка на модуларните болници кои беа поставени во 17 градови во земјата за време на пандемијата со Ковид 19.
Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, исто така на „црната листа“ на САД.

Дали ќе има разврска и за наводниот криминал и корупција во ЕСМ?

Случајот „Адитив“ опфаќа 23 осомничени за криминал „тежок“ 6,5 милиони евра. Перење пари, злоупотреба на службена должност и злоупотреба на постапката за јавен повик, се кривичните дела за кои се сомничат 23 лица. Обвинители, истражители и полицајциизвршиле 77 претреси во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека се издадени и три наредби до Управата за финансиско разузнавање и низа наредби за обезбедување на податоци до надлежните институции и МВР.

Според соопштението од Обвинителството, во период од април минатата година до август годинава, дел од осомничените, во својство на службени лица во АД ЕСМ и Пошта на Северна Македонија, создале криминална група. Тие се сомничат дека свесно ги изиграле правилата за јавни набавки за адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола.

Осомничени се дел од поранешни директори на ЕСМ и РЕК Битола, меѓу кои и Васко Ковачевски, како поранешен генерален директор на ЕСМ, потоа Васко Стефанов, неговиот наследник, и Пеце Матевски, поранешен директор на РЕК Битола. Некои од осомничените се уапсени, а некои заминале во странство.

Корупција и криминал го уништува Охридско езеро, УНЕСКО повторно бара акција

УНЕСКО по трет пат предупредува дека Охридскиот регион е под закана од дивоградби, урбанизација и несоодветно планирање. Се бара итна акција од Северна Македонија и Албанија за зачувување на ова природно и културно богатство за да не биде ставено на Листата на светски наследства во опасност.
УНЕСКО во новиот извештај, објавен деновиве меѓу другото, бара ревизија на урбанистичките планови за Охрид и Струга, итно запирање на изградбите во Студенчишкото Блато, како и решавање на проблемот со дивоградбите кои го нарушуваат автентичниот карактер на регионот.

Радио Слободна Европа во октомври годинава објави сторија во која eкологистите и жителите сведочат дека во Охридското езеро продираат води од септички јами, полски клозети, фарми и депонии, но и од десетици ресторани, хотели и приватни резиденции неповрзани на колекторскиот систем.
Во одговор за РСЕ, УНЕСКО наведе дека внимателно ја следи состојбата во Охрид, и дека во јули 2025 година повторно ќе одлучува дали ќе биде ставен на листата на светско културно наследство во опасност.
Единственото природно и културно наследство во земјава го уништува корупција и организиран криминал и тоа е жртва на невладеење на правото“, велат активистите од Фронт 21/42.
Тие, за случајот, поднеле иницијативи за инспекциски надзор до повеќе надлежни институции, но, велат дека и покрај шестмесечната комуникација со државни и локални инспектори, не биле преземени ефективни мерки.

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00


Македонските народни песни се полни со емоции, мака, но и со еротика

Некогаш, вели, ја нарекувале „опинчарка“ во навредлива смисла. Денес, дружејќи се со неа, некои разбрале зошто Ленче Димовска ги сака опинците и зошто толку е голема љубовта кон фолклорот и традицијата на најмладата професорка по народно пеење со која разговаравме во видео поткастот „Зошто“.

Македонските народни песни се полни со емоции, мака, но и со еротика
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:55 0:00

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG