Достапни линкови

Желби и честитки


Илустрација
Илустрација

По победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, македонскиот државен и политички врв ги испрати честитките и ги кажа желбите за подлабока соработка со Соединетите држави. За соработка дома - меѓу власта и опозицијата - ќе видиме... Њузлетер 8.11.2024

Заедно или по старо?

Барања и понуди за предвремени избори, жестока дебата со навреди и обвинувања на првите пратенички прашања, но и неколку моменти на обединување на власта со една или друга партија од опозицијата, приреди актуелниот парламентарен состав во Северна Македонија кој ги ситни првите шест месеци од својот мандат. По сè што можеше да се види досега од политичките актери, нема многу оптимизам кај дел од аналитичарите за прашањето може ли да се очекува поинаква политичка клима – издигање над атмосферата во која опозицијата од старт отфрла сè што доаѓа од власта и обратно, и постигање консензус околу важни теми од национален интерес.
Решение за спорот со Бугарија односно за уставните измени со кои бугарската заедница ќе се вметне во Преамбулата, е единствената точка за која нема дилема дека би имало обединување.

До победата и по неа

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, пред демократската кандидатка камала Харис. За време на неговата претседателска кампања, Трамп даде големи ветувања за тоа што се очекува доколку се врати во Белата куќа.
„Со ваша поддршка, ќе ја вратиме силата, доминацијата, просперитетот и гордоста на нашата нација. Ова ќе биде новото златно доба на Америка“, рече Трамп две недели пред денот на изборите.

Сега кога Трамп освои втор мандат како претседател, што може да се очекува од неговата претстојна администрација?
Одговорот на тоа прашање многу зависи од тоа кого прашувате.
Поддржувачите на Доналд Трамп веруваат дека тој ќе ја направи Америка повторно голема, дома и во странство. Неговите противници предупредија дека Трамп ќе ја поткопа демократијата во Соединетите Држави.
Гледано во поширок контекст, многумина предвидуваат дека Трамп ќе го користи „Проектот 2025“- иницијатива замислена од десничарскиот тинк-тенк на Фондацијата Херитиџ во Вашингтон за „да се урне длабоката држава“ - како образец за неговите политики. Трамп се огради од „Проектот 2025“ за време на неговата кампања, тврдејќи дека не знае кој стои зад него, но истрагата покажа дека се вклучени најмалку 140 луѓе кои работеле во претходната администрација на Трамп.

Честитки и посакувања

Покрај светските лидери и македонските политичари испратија срдечни честитки до 47-от претседател на САД - Доналд Трамп.
„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, напиша премиерот Христијан Мицкоски во честитката.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова му посака на Трамп „многу успех во извршувањето на одговорната функција“.

Кон честитките на државниот врв се приклучи и претседателот на Собранието, Африм Гаши кој посочи дека овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија.
„Му честитам на американскиот народ и на претседателот Трамп за неговиот денешен избор и го споделувам уверувањето дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш“, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Со честитка за победата на Трамп се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче: „Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи“.

Загадување, тужење, казнување...

Меѓу две честитки до новиот претседател - и по еден домашен проблем за решавање. А меѓу сите нив - загадувањето, во кое пак сме меѓу шампионите.
Скопје се наоѓа на 22-то место на најзагадени градови во светот, измери „Ервижуал“, светската страница која го мери квалитетот на воздухот на 5 ноември. На оваа непопуларна листа, главниот град на Северна Македонија лани неколку пати го држеше неславниот примат. И не е само Скопје. Тука се и Гостивар, Кичево и Охрид.
Она што е различно од претходните години е што на граѓаните сега им е отворен патот судски да ја тужат државата и да бараат надомест на штета. Сепак, иако граѓаните можат да ја тужат државата и да бараат надомест на штета ако трпат последици по загадувањето по одлуката на Врховниот суд, правници за РСЕ објаснуваат и дека за да се тужи државата прво мора да ги донесе неопходните стратегии, а за отштета, треба да се создаде судска пракса.

И Охридското езер останува загадено. Во јули 2025 година Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) повторно ќе го разгледува статусот на Охридското езеро како светско и културно наследство,најавија од УНЕСКО во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ), додека жителите и екологисти постојано предупредуваат дека претераната урбанизација, преоптоварениот колекторски систем и загадувањето на реките го уништуваат езерото.

Нови болници зјаат, пациентите во редици во стари објекти

РСЕ почна со нов серијал видео-прилози. Во него ќе можете да ги погледнете сториите за три нови болници кои со години зјаат празни, а пациентите се лекуваат во дотраени објекти:
Кичево - Еден век стара болница, а новата се гради 40 години - Крајот не ѝ се гледа.
Струмица - Градот доби нова болница, ама пациенти нема во неа. Причината е апсурдна - Кабелот не бил спроведен од трафостаницата.
Штип - Ни новата штипска болница не се користи. Објект од 34.000 метри квадратни пропаѓа, а со него и надежта дека млади лекари ќе се задржат во земјава...

Со графити против апокалиптични фасади

Модерните графити - уметност или вандализам? Ова е темата на ова издание на Зошто со Драган Китановски-Драш, еден од ентузијастите цртачи чија намера е Скопје и другите градови да станат поубави и помалку монотони.

За да ги слушате оваа и другите епизоди од поткастот Зошто на РСЕ, кликнете ТУКА.

XS
SM
MD
LG