Достапни линкови

Отчет на Обвинителството: Црни листи, Онкологија...


Јавните обвинители Љупчо Коцевски, Ислам Абази и Гаврил Бубевски на брифинг со новинарите
Јавните обвинители Љупчо Коцевски, Ислам Абази и Гаврил Бубевски на брифинг со новинарите

Обвинителството со предмет за Артан Груби и судијата Беџети кои се најдоа на „црната листа“ на САД. Меѓу повеќето случаи за кои првите луѓе на обвинителствата информираа е и дека е при крај истрагата за Онкологија, во која вештачење во Србија ги потврдило сомнежите за несоодветно лекување пациенти.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешниот брифинг со новинарите информира дека оформил предмет против поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети, откако пред два дена завршија на црната листа на САД за примање мито со цел да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ за масовното прислушување.

Коцевски истакна дека предметот е даден на надлежно обвинителство кое треба да издаде наредба до институциите за откривање на делата. Освен за примателите, ОЈО ќе истражува и кој го дал поткупот.

„Со оглед на сериозноста на наводите ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази за да ја утврдиме кривичната одговорност на споменатите лице за поткуп и трговија со влијание. Нашата соработка со амбасадата на САД е одлична и ги помагаат нашите напори за успешен кривичен прогон“, рече обвинителот Коцевски.

Но, не се само Груби и Беџети. Државниот обвинител Коцевски кажа дека за сите луѓе кои се нашле на црната листа на САД веќе има постапки, набројувајќи ги градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски и поранешниот вицепремиер во Владата на СДСМ-ДУИ и бизнисмен Кочо Анѓушев.

„За овие лица има постапки. За Кочо Анѓушев во Обвинителството за организиран криминал имаше предмет, но знаете дека со носење на измените на Кривичниот закон и член 353 многу предмети ни пропаднаа. Во тој дел од наша страна се е преземено. Понатаму се што ќе успееме да гониме – доказите тешко се добиваат“, рече шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.

Најава за обзнанување на тешки предмети

Во следниот период, Државниот обвинител Коцевски соопшти дека ќе презентираат конкретни резултати од поголем број на сложени предмети од сферата на финансискиот криминал и тешки кривични дела против животот. На овие предмети интензивно работеле неколкумина обвинители.

„Повеќе сме насочени на дела од корупција. Европската унија очекува конкретни резултати од нас, согласно последниот реформски извештај. Новото упатство е во таа согласност. За 10-тина дена чекаме информации од пониски обвинителства за постапки и предизвици за постапување. Спроведување на финансиски истраги во предмети каде има незаконски принос од кривично дело ќе биде правило, а не исклучок“, рече Коцевски.

Обвинителството информира дека во годината што изминува со поддршка на САД се опремени истражните центри во скопското и обвинителството за организиран криминал и корупција. Веќе во функција се истражните центри во Куманово и Тетово, а до крајот на 2024 година да профункционираат и оние во Битола и Штип.

Надежите се дека на краток рок правдата за граѓаните ќе биде видлива.

Пациенти биле лекувани несовесно, откри истрагата за „Онкологија“

Истрагата за случајот со клиниката за Онкологија оди во корист на тезата на обвинителите. На денешниот брифинг со новинарите беше обелоденето дека сомнежите дека пациенти биле несовесно лекувани се потврдени со вештачење изработено во Србија. Се очекува уште едно вештачење од Словенија кое исто така треба да даде одговори на прашањата како биле лекувани болните од рак.

„Нема онколошки вештак во државата па издадовме наредба до Србија и Словенија во која испративме истории на лекување на 16 пациенти во Србија, и тоа вештачење е готово. Резултатите од другото се уште гои чекаме. Испративме 51 историја во Словенија и добивме повратна информација дека би требало вештачењето да биде изработено д ојануари следната година. Нашите сомнежи по однос на несоодветно лекување е потврдено од Србија, за другото немаме потврда“, велат од обвинителството.

Инаку според обвинителството истрагата е започната од нула бидејќи немало ни кривична пријава па обвинителите веднаш започнале да истражуваат повеќе аспекти од работењето за тоа како биле лекувани пациентите.

Инаку истрагата започна после медиумските написи за злоупотреби во лекувањето на пациентите болни од рак, а меѓу другото беше објавено и дека скапа биолошка терапија завршувала на црн пазар во Косово.

Јавното обвинителство истрагата ја отвори пред околу една година а сомнежите за злоупотреби беа за 30 милиони евра.

Двајца поранешни директори и тројца лекари се осомничени за измама во службата.

Според обвинителството од досегашната истрага не се потврдило дека скапата терапија е препродавана на Косово, но дека некои пациенти воопшто не добивале терапија, а било впишувано како да ја примиле.

Рокот до кога обвинителството треба да донесе одлука е до 31 јануари следната година.

Привршува истрагата и за модуларната болница во Тетово

Нови моменти во истрагата поврзана со пожарот во модуларната боолница во Тетово ја одолговлекуваат постапката. Сепак на брифингот со новинарите од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека и оваа постапка привршува. Сепак од таму велат дека не работат на истражување на причините за настанување на пожарот бидејќи друго обвинителство работи на тоа.

Истрагата на која се фокусирани е во однос на евентуално постоење на кривично дело за начинот на набавка на модуларните болници кои беа поставени во 17 градови во земјата.

Велат дека истрагата ја работат самостојно. Извршени се потребните анализи и готово е финансиското вештачење.

Инаку пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени се случи на 8 септември 2021 година. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.

Основниот суд Тетово донесе условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка.

Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG