Достапни линкови

Вести

Три години од несреќата во модуларната болница во Тетово, одговорност нема

Пожар во модуларна болница - Тетово
Пожар во модуларна болница - Тетово

Денес се навршуваат три години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.

Во Основен суд Тетово се водеше судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.

Првата беше условна пресуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.

Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
По жалба на обвинителството Апелацискиот суд во април 2024 година донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка.

Во првостепената пресуда за директорите беше изречена казна затвор од по една година и шест месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Во меѓувреме Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави сторија со која ги откри недоследностите при креирањето на обвинителниот акт и вештачењата за причината за пожарот.

Во време на пожарот Министер за здравство беше актуелниот лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој веднаш по настанот си даде оставка од морални причини, но тогашниот премиер Зоран Заев не ја прифати.

Модуларната болница ја градеше фирмата „Брако“, во која пак удел имаше поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Денеска на својот фејсбук профил портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски истакна дека само кабелот останал крив за несреќата.

„Три години кабелот е крив за тоа што корумпираниот Менгеле на пациенти тестираше запалливост на пурпена. Денес кога Венко опкружен со неколкумина ќе упати патетика, сетете се дека истите организираа аплаузи за да му обезбедат неказнивост.“, напиша Стоилковски.

Филипче пак во неодамнешно интервју за неделникот „Фокус“ одговарајќи на прашањето дали, според него, судскиот процес даде одговори на сите прашања и дилеми, рече дека само Судот е тој што може да ги даде одговорите, при што посочи дека во овој период кога имало низа обвинувања на негова сметка не влегол во конфронтација, туку ги чекал судските одлуки.

„Од оваа позиција на која сум сега, би било крајно неумесно било што во тој поглед да коментирам. Знам само дека мојата совест е чиста. Јас и мојот тим вложивме натчовечки напори да се спасат што поголем број луѓе, работевме дење и ноќе. Како лекар и хирург, човечкиот живот за мене нема цена и никогаш не би ризикувал ничиј живот за ништо на светот “, рече Филипче.

На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.

види ги сите денешни вести

Сиљановска Давкова во ОН побара пресудите на Хаг да бидат обврзувачки за сите

Гордана Сиљановска Давкова, Претседател на Северна Македонија
Гордана Сиљановска Давкова, Претседател на Северна Македонија

Меѓународниот суд на правдата мора да добие послина улога, а неговите пресуди да се задолжителни за сите. Ова го истакна Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова која се обрати на дел од сесиите посветени на т.н. Пакт за иднината, за кој се расправаше во Обединетите нации.
Со овој пакт се предвидува поголема меѓународна соработка со што ќе се работи на зачувување на мирот во светот.

„Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспарентноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста, иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите“, рече македонската претседателка во обраќањето.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на истите сесии истакна дека земјите мора да ја вратат меѓусебната доверба во период на глобални тензии, како што се руската агресија против Украина и случувањата во Газа и Блискиот исток.

Земјите-членки на ОН го усвоија Пактот за иднината, со кој се обврзуваат да исцртаат „подобра иднина“ за човештвото заглавено во војни, мизерија и климатско затоплување, и покрај противењето на неколку земји, вклучително и Русија. Пактот предвидува посветеност на мултилатерализмот, почитување на Повелбата на ОН и зачувување на мирот, а се повикува и на реформи на меѓународните финансиски институции и Советот за безбедност на ОН.

САД испраќаат војници на Блискиот Исток додека конфликтот меѓу Израел и Хезболах се интензивира

Илустрација
Илустрација

САД испраќаат дополнителни трупи на Блискиот Исток како одговор на наглото зголемување на насилството меѓу Израел и Хезболах во Либан, што го зголеми ризикот од поголема регионална војна, објави Пентагон во понеделникот (23-ти септември).

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер (Рајдер), не даде детали за тоа колку дополнителни сили ќе бидат испратени и каква ќе биде нивната мисија. Во моментов, САД имаат околу 40.000 војници во регионот.

„Во светло на зголемените тензии на Блискиот Исток и како мерка на претпазливост, испраќаме мал број дополнителен американски воен персонал за да ги зголемиме нашите сили веќе во регионот. - рече Рајдер.

Новото распоредување на американските сили доаѓа по значајните напади на израелските сили врз цели во Либан во кои загинаа стотици луѓе и додека Израел се подготвува за понатамошни операции израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот во видео порака ги предупреди либанските цивили да ги евакуираат своите домови. на понатамошни воздушни напади.

Тој зборуваше додека израелските воени авиони продолжија да гаѓаат наводни цели на Хезболах во јужен и источен Либан.

Стејт департментот ги предупредува Американците да го напуштат Либан бидејќи расте ризикот од регионална војна.

„Поради непредвидливата природа на тековниот конфликт меѓу Хезболах и Израел и неодамнешните експлозии низ Либан, вклучително и Бејрут, Амбасадата на САД ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан додека остануваат достапни комерцијалните опции“, предупреди во саботата Стејт департментот.

Рајдер не сакаше да каже дали тие дополнителни сили би можеле да ја поддржат евакуацијата на тие граѓани, доколку е потребно, министерот за одбрана Лојд Остин одржа повторени разговори со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во текот на викендот, барајќи прекин на огнот и намалување на тензиите во регионот, рече Рајдер.

„Со оглед на тензиите и ескалацијата, како што истакнав, постои потенцијал за поширок регионален конфликт. Мислам дека сè уште не сме стигнале до таа точка, но ситуацијата е опасна“, рече Рајдер.

„Одлична и конструктивна средба“ Муцунски и Герапетритис заеднички ќе работат на обврските од Преспанскиот договор

Илустрација
Илустрација

Прашањето за примена на Преспанскиот договор било отворено на денешната прва билатерална средба на Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис. Муцунски средбата која се одржа во просториите на Мисијата на Грција во ОН во Њујорк, ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна.

Инфирмираше дека на неа се разговарало „многу повеќе за она што може да не обедини отколку она што може да не раздели“.

„Сметам дека во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските кои што ги имаме. Зборувавме за коридорот 10, за енергетското поврзување, за стимулирањето на трговијата и деловната активност од двете страни за потребата од подобување на меѓусебните политички односи и за тоа како да го движиме процесот на европска интеграција напред, рече Муцунски.

Според грчките медиуми, Герапетритис и неговите колеги размениле мислења за реформската агенда и унапредувањето на процесот на интеграција на земјите од регионот во Унијата за време на мандатот на новата Европска комисија.

Дополнително, истакнувајќи ја политичката поддршка на Грција за ЕУ перспективата посочил, дека станува актуелна поради сегашните големи геополитички предизвици, но и нагласил дека за пристапувањето во Унијата постојат конкретни и фиксни обврски.

„Почитувањето на европското законодавство, придружено со цврстата посветеност на меѓународното право и посветеност на добрососедските односи е единствениот пат кој води до интеграција во европското семејство. Паралелно, посебен акцент треба да се стави на спроведувањето на реформите, особено во однос на консолидацијата на владеењето на правото и заштитата на човековите права. Грција е подготвена со сите свои сили да ја поддржи европската ориентација на земјите од Западен Балкан преку техничка помош и експертиза што ја стекна благодарение на нејзиното учество во Унијата повеќе од четири децении. Но, останува на самите земји да ги исполнат пропишаните критериуми, истакнал шефот на грчката дипломатија, пренесе државната агенција АНА-МПА

Муцунски го поканил грчкиот министер за надворешни работи Герапетритис кога ќе може да дојде во посета на нашата земја. - Протоколарно сега е на редот на посета од страна на Грција да ја посети државата, додаде Муцунски.

Министерот кажа дека засега нема најава за средби на претседателско или на премиерско ниво.

Муцунски и неговиот грчки колега учествуваат на активностите во рамки на 79. Генерално Собрание на ОН во Њујорк. Тука исто така е и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, а денеска допатува и министерот за здравство Арбен Таравари. Во Њујорк е и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но исто така и многу други светски лидери.

Казната за „русофобија“ ќе се додаде во рускиот кривичен законик

Кривичниот законик на Руската Федерација
Кривичниот законик на Руската Федерација

Руските власти планираат да го изменат Кривичниот законик со додавање на казна за „русофобија“, дефинирана како дискриминација на руски државјани и жители на Руската Федерација од страна на странци и странски функционери или повици за такви дејствија.

Новинската агенција Интерфакс на 23 септември објави дека добила владин документ со кој се одобрува нацрт-законот наведен од група пратеници според кој судењата на лица обвинети за русофобија може да се одржуваат во отсуство.

Кабинетот го одобри нацртот, но рече дека казната за лицата осудени за русофобија треба да се ревидира.

Нацрт-законот вели дека казната за русофобија мора да биде „забранување на осудените лица да заземаат одредени позиции и да вршат одредени активности во Русија“.

Сепак, владата рече дека таквата казна нема смисла бидејќи ќе влијае на поединци кои живеат надвор од Русија.

Новиот член во Кривичниот законик кој предвидува казнување за русофобија ќе биде насочен само кон случаите на русофобија во странство. Во документот не е прецизирано што се смета за дискриминација на руските граѓани и жителите на Руската Федерација.

Во последниве години, особено откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, руските власти ги обвинија западните претставници за, како што ја нарекоа, русофобија.

Рускиот претседател Владимир Путин јавно го наведе, како што рече, „откажување на руската култура“ на Запад.

Некои руски власти, вклучително и Министерството за надворешни работи, ги нарекоа западните санкции наметнати врз руски официјални лица и ентитети поради целосната агресија на Москва против Украина како „израз на русофобија“.

Терминот русофобија првпат беше воведен од рускиот поет и дипломат Фјодор Тјутчев во 19 век за да ги опише прозападните руски либерали.

Тимоти Снајдер, професор по историја на Универзитетот Јеил, за време на неговата презентација во Советот за безбедност на ОН во март 2023 година го опиша терминот русофобија како алатка што ја користи модерна Русија за да ги оправда наводните воени злосторства на нејзините вооружени сили во Украина.

Русија нема да биде поканета на 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц

Илустрација
Илустрација

На Русија ќе и биде забрането да учествува на церемонијата следната година по повод 80 години откако советската Црвена армија го ослободи логорот на смртта Аушвиц-Биркенау во нацистичка Германија, објави музејот во градот во понеделникот (23-ти септември).

Музејот, кој се наоѓа во јужниот полски град Аушвиц, одлучи да ја исклучи Москва по трет пат откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Членка на НАТО и ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина од инвазијата.

„Тоа е годишнина од ослободувањето (на логорот). Се сеќаваме на жртвите, но таму ја славиме и слободата“, рече во изјавата директорот на музејот Пјотр Цивински.

„Тешко е да се замисли присуството на Русија, која очигледно не ја разбира вредноста на слободата“, додаде тој.
До инвазијата на Украина, Русија секогаш присуствуваше на церемонијата на ослободување, која се одржува секоја година на 27 јануари.

Музејот ја осуди руската офанзива како „варварски чин“ на денот кога Русија ја нападна Украина.

Нацистичка Германија го изгради логорот на смртта Аушвиц-Биркенау по инвазијата на Полска во Втората светска војна.

Кампот стана симбол на геноцидот на нацистичка Германија врз шест милиони европски Евреи, од кои еден милион загинаа таму помеѓу 1940 и 1945 година, заедно со повеќе од 100.000 кои не биле Евреи.

Јапонија со сигнални ракети предупреди руски шпионски авион да го напушти воздушниот простор

Илустрација
Илустрација

Јапонските власти соопштија дека нивните воени авиони користеле ракети за да го предупредат рускиот извидувачки авион да го напушти северниот јапонски воздушен простор во понеделник, 23 септември.

Јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара изјави за новинарите дека руски авион Ил-38 го нарушил јапонскиот воздушен простор над островот Ребун, веднаш до брегот на најсеверниот главен остров во земјата Хокаидо, во рок од една минута во три наврати за време на неговиот петчасовен лет во областа.

Инцидентот се случи еден ден откако заедничката флота од кинески и руски воени бродови исплови крај северниот брег на Јапонија. Кихара рече дека нарушувањето на воздушниот простор може да биде поврзано со заедничка воена вежба најавена од Русија и Кина претходно овој месец.

Јапонија активираше неодреден број борбени авиони Ф-15 и Ф-35, кои за прв пат употребија ракети откако руските авиони очигледно ги игнорираа нивните предупредувања, рече Кихара.

„Нарушувањето на воздушниот простор беше крајно жално“, рече јапонскиот министер за одбрана. Тој рече дека Јапонија упатила „силен протест“ кон Русија преку дипломатски канали и побарала превентивни мерки.

„Ние ќе ги спроведеме нашите операции за предупредување и набљудување притоа обрнувајќи големо внимание на нивните воени активности“, рече тој.

Кихара рече дека употребата на ракети е легитимен одговор на повредите на воздушниот простор и „планираме да го користиме без двоумење“.

Јапонските одбранбени претставници се многу загрижени поради растечката воена соработка меѓу Кина и Русија и зголеменото влијание на Кина врз јапонските води и воздушниот простор. Како резултат на тоа, властите во Токио во голема мера ја зајакнаа одбраната на југозападна Јапонија, вклучително и оддалечените острови кои се сметаат за клучни за одбранбената стратегија на Јапонија во регионот.

Претходно во септември, руски воени авиони летаа околу јужниот јапонски воздушен простор. Кинески извидувачки авион И-9 накратко го наруши јужниот воздушен простор на Јапонија Кинескиот носач на авиони Лиаонинг, придружуван од два разурнувачи, пловел меѓу најзападниот јапонски остров Јонагуни и блискиот Ириомот, минувајќи блиску до јапонските води.

Телеграм ќе ги открие телефоните и ИП-адресите на властите по нивно барање

Извршен директор на Телеграм, Павел Дуров
Извршен директор на Телеграм, Павел Дуров

Телеграм ќе им ги открие телефоните и ИП-адресите на корисниците на властите на нивно барање, изјави на 23 септември основачот и извршен директор на апликацијата, Павел Дуров.

„За дополнително да ги одвратиме криминалците од злоупотреба на пребарувањето на Телеграм, ги ажуриравме нашите Услови за користење и Политика за приватност, осигурувајќи дека тие се конзистентни низ целиот свет. Јасно ставивме до знаење дека ИП адресите и телефонските броеви на оние кои ги прекршуваат нашите правила може да бидат откриени до надлежните органи како одговор на валидни правни барања“, напиша Дуров на Телеграм.

„Во текот на последните неколку недели, посветен тим на модератори, користејќи вештачка интелигенција, го направи Пребарувањето на Телеграм многу побезбедно. Сите проблематични содржини што ги идентификувавме во Пребарување повеќе не се достапни“, напиша Дуров.

Дуров, роден во Русија, беше приведен во Париз минатиот месец, а подоцна беше ослободен со кауција од 5,5 милиони долари за наводно „соучесништво во администрирање на онлајн платформа за да се дозволи недозволена трансакција, во организирана банда“.

Француските обвинители го обвинуваат 39-годишниот Дуров за соучесништво во дозволувањето трговија со дрога и споделување на сексуални слики на деца на Телеграм, како и за одбивање да сподели документи што ги барале властите кои истражуваат незаконски активности на апликацијата.

По неговото ослободување со кауција, Дуров кој има државјанство во Франција, како и во Русија, Обединетите Арапски Емирати и карипскиот архипелаг Сент Китс и Невис, на почетокот на септември рече дека неговото апсење било „погрешно“.

Тој тогаш призна дека Телеграм не е „совршен“ и дека „болките на растење“ „го олесниле криминалците да ја злоупотребат платформата“, но Дуров рече дека апликацијата е водена од „намерата да донесе добро и да ги брани основните права на луѓето, особено кога овие права се повредени“.

Минатата недела, Националниот координативен центар за сајбер безбедност на Украина, земјата која се бори против руската инвазија од февруари 2022 година, ја забрани употребата на Телеграм за државни службеници, воен персонал и вработени во клучната инфраструктура, наведувајќи безбедносни прашања.

Русинките се соочуваат со притисок откако побараа враќање на сопрузите и синовите од Украина

Илустрација
Илустрација

Најмалку две од околу 20 сопруги и мајки на мобилизирани руски војници кои се бореле во Украина се обвинети за одржување на неовластен јавен настан пред Министерството за одбрана во Москва со барање нивните мажи да се вратат дома.

Жените биле повикани во полициска станица и сослушани откако развиле транспаренти со нивните барања.

Две од нив, Ана Богатченко и Анастасија Славиќ, беа обвинети, објави ОВД-Инфо, која го следи кршењето на правата во Русија.

Протестот во руската престолнина на 21 септември се совпадна со датумот пред две години кога претседателот Владимир Путин потпиша указ со кој се повикуваат мажи на, како што ја нарекуваат руските власти „специјалната воена операција“ во Украина.

Жените побараа средба со министерот за одбрана Андреј Белоусов и демобилизација на нивните најблиски.

Откако жените рекоа дека ќе кампуваат пред зградата на министерството во текот на ноќта, полицијата насилно ги растера, а некои од нив накратко ги приведоа.

Во октомври 2022 година, Путин објави дека делумната мобилизација е завршена, но никогаш не потпиша соодветен декрет, јавно велејќи дека нема потреба од тоа.

Тој подоцна најави дека мобилизираните луѓе ќе останат во вооружените сили до крајот на конфликтот.

Отсуството на декрет за завршување на делумната мобилизација им овозможува на властите да ги задржат луѓето распоредени во Украина бидејќи правниот режим продолжува да биде на сила.

Откако Путин ја најави мобилизацијата пред две години, стотици илјади руски граѓани ја напуштија земјата, главно во Казахстан, Грузија, Монголија и Турција, за да избегнат да бидат повикани.

Мицкоски: Mора да воспоставивме мерит систем за напредок по способности

Премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски
Премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски

Државата предолго е соочена со распространетата корупција која не е санкционирана, и со тоа на некој начин системот создава култура на корумпираност. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната (23.09) втора седница на Националниот совет за развој, на која присуствуваше амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, како и претставниците на Обединети Нации и УНДП, Рита Колумбиа и Армен Григорјан.

„Наследивме институции каде е нормално да се нудат суми во четири очи, мито, и да се корумпираат службениците или барем да се направи обид за корупција на службениците. И изненадени се кога ќе ги одбиете, кога ќе ги пријавите, кога ќе дојдат луѓе на позиции кои се некорумпирани. Ваквите неславни наследства од минатото се реликвија на една тажна реалност која мораме да ја промениме, подвлече премиерот.

И воедно, рече тој, мораме да воспоставивме мерит систем каде точката за единствениот критериум по кој ќе се напредува се способностите, стекнато знаење и квалитетот на визијата кој се нуди.

„Мора оние кои учеле, вложиле труд и стекнале знаење да ја имаат својата шанса, истакна Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека постои огромно разочарување од постапките и колективните политики изминатите 30 години. Според него системот е деградиран и премногу пати во минатото злоупотребуван, додека администрацијата во државните институции демотивирана и силно деградирана преку лоши примери кои се прикажуваа како колективна приказна во која паѓа духот и заедничкиот мотив на нацијата.
Сепак рече дека ќе посветат внимание на еден од најсериозните проблеми, корупцијата и борбата против криминалот.

Минатата недела регистрирани нови 64 позитивни случаи, се зголемува бројот на заболени со Ковид-19

Илустрација
Илустрација

Институтот за јавно здравје информира дека месецов е зголемен бројот на заболени со Ковид-19. Во периодот од 16 до 22 септември регистрирани се 64 нови позитивни случаи што е зголемување од 12,3 отсто во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица од девет градови. Најголем дел се од Скопје, а нависока инциденца е регистрирана во Пехчево.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години. Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 69 лица. Во текот на минатата недела пријавено е едно починато лице асоцирано со КОВИД-19, од Тетово, од возрасната група над 65 години. Лицето е вакцинирано со 2 дози против КОВИД-19, поминати 3 години од последната доза на вакцина, со регистрирани коморбидитети. Позитивното лице е починато во болнички услови, информираат од ИЈЗ.

Во текот на годинава, регистрирани се вкупно 1.624 заболени и 21 починато лице, додека од појавата на првиот случај на Ковид-19 во земјава, пријавени се вкупно 251.940 заболени и 10.000 починати лица асоцирани со Ковид-19.

„Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка, соопштуваат од ИЈЗ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG