Достапни линкови

 
Протести за правосуден систем што ќе донесе правдина и одговорност

Протести за правосуден систем што ќе донесе правдина и одговорност


Протестен марш 2 февруари 2025 во Скопје
Протестен марш 2 февруари 2025 во Скопје

По трагичната смрт на Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин, граѓаните се обединуваат во борба за правда и безбедни улици, а протестите станаа глас на семејствата на сите жртви. Граѓанското движење “Кој е следен“ најавува и барање за конкретни реформи во правосудството.

Стојан Ангеловски, чии татко Слободан во 2022 година загина на пешачки премин во центарот на Скопје, е редовен на протестите за правда за младата дизајнерка Фросина Кулакова, која на 29 јануари годинава беше прегазена од возач под дејство на алкохол, исто така на пешачки премин.

За Стојан, овие протести се повеќе од симболичен чин – тие се повик за одговорност од судовите кои, според него, покажуваат инертност во справувањето со трагичните случаи.

„Судството мора да биде поажурно и побрзо да работи на вакви чисти предмети. Излегувам за Фросина, за татко ми и за сите што го доживеале истото“, вели Стојан за Радио Слободна Европа.

Тој објаснува дека на 26 јануари 2022 година неговиот 76-годишен татко се обидел да го премине пешачкиот премин под мостот на булеварот Гоце Делчев.

Два автомобила застанале за да го пропуштат – еден во првата и еден во средната лента – но возачот во третата лента не застанал и го удрил, предизвикувајќи смрт на лице место.

И покрај јасните околности, вели Стојан, три години подоцна случајот на нивното семејството сè уште тапка во место во судовите.

Протести за промена и одговорност

„Не умираме од несреќи, умираме од корупција“ – оваа порака е централна на протестите организирани по трагичната смрт на Фросина Кулакова. Досега беа одржани три протести во Скопје, а собири имаше и во Неготино - родниот град на Фросина Кулакова и во Кавадарци.

Граѓанското движење „Кој е следен?“ беше формирано по несреќата, како реакција на системското нефункционирање кое бара: итна акција за создавање безбедни градови; одговорни институции и крај на толерирањето и глорификацијата на девијантното однесување на улиците. Последниот протестен марш се одржа во неделата на 16 февруари во Скопје.

Што следува?

„Во овој момент не најавуваме нов протест, но остануваме будни. Борбата продолжува преку конкретни барања, јасни решенија и создавање култура на одговорност, заедништво и колективно делување,“ велат за Радио Слободна Европа од иницијативата „Кој е следен?“. Ова е во сумиран став од сите нивни работни групи бидејќи никој од нив не комуницира самостојно, ниту пак се појавува раководство на движењето.

Главна цел на протестите, се три клучни точки за општествена промена, ни одговорија од иницијативата: Правосудство што служи на граѓаните; Здрав и безбеден град; Промена на културата на однесување во сообраќајот.

„Македонскиот правосуден систем долго време работи под внатрешен притисок и политички калкулации, наместо под будното око на јавноста. Не ни треба само смена на судии од една боја во друга, туку судии кои ја носат бојата на граѓаните – професионалци, независни од политички влијанија, кои ќе носат праведни и непристрасни одлуки. Дополнително, правосудниот систем мора да гарантира социјална заштита и правата на најранливите, особено системот за заштита на деца во судир со законот,“ велат за РСЕ од „Кој е следен?“

Во однос на барањете за безбеден град, од иницијативата нагласуваат дека градовите „треба да бидат наши пријатели и поддржувачи, а не простор во кој се чувствуваме несигурно, загрозено или небезбедно.“

Дополнително, за промената на културата велат дека сите треба да бидат вклучени, од политичари до пензионери, студенти и уметници.

„Вистинската промена не е само во институциите, туку и во нашата перцепција за општеството и градот во кој живееме. Не можеме да дозволиме девијантното однесување да биде новото нормално. Време е да изградиме општество кое не толерира корупција, злоупотреба на моќта и системски неправди,“ додаваат од „Кој е следен?“

Актуелни податоци за сообраќајните прекршоци

За тоа како се вози низ Скопје доволно говорат бројките што ги објави полицијата по засилените контроли викендов во главниот град.

Казнети се 3.142 граѓани за сообраќајни прекршоци, од кои 1.498 за брзо возење над дозволеното и 535 казни за непрописно паркирање.

Значителна бројка од 247 возачи возеле без возачка дозвола, а 111 возеле под дејство на алкохол.

153 возачи се казнети за возење без појас, 56 за користење мобилен телефон при возење, а 58 возеле со нерегистрирани возила.

Само викендов, една сообраќајна несреќа заврши со фатален исход, а четири други несреќи резултираа со шест лица со тешки повреди, вклучувајќи возачи, сопатници, мотоциклист и пешак, наведе МВР.

Протест за правда за жртвите и револт кон корумпираните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Решавање на проблемите на сообраќајот и правосудството

Мисијата на граѓанската иницијатива е да се решат овие проблеми.

„Граѓаните се на потег, бидејќи секој може да биде следен“.

Првите протести по загинувањето на Фросина Кулакова се одржаа на 30 јануари на булеварот Партизански Одреди, на местото каде што Фросина го загуби својот живот. Оттаму граѓаните маршираа пред Собранието, а потоа пред Обвинителството и Кривичниот суд.

На 16 февруари се одржа третиот протест, кој почна пред Универзалната сала, а потоа пред Влада, пред Собранието и завршија пред Апелациониот Суд.

Граѓаните, со пароли како „Ние сме гласот на Фросина“ и „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, бараат од власта и опозицијата да се вклучат во промената на законите и нивната строга имплементација.

Од судската власт бараат да престане заштитата на нечесните меѓу нив и да се покаже дека правдата може да победи.

На протестот беше семејството на Фросина, но се придружија и семејствата на други жртви на вакви сообраќајни несреќи кои уште чекаат пресуди за сторителите.

На социјалните мрежи, од „Кој е следен?“ наведуваат дека иницијативата не е насочена против одредена институција или политичка група, туку се бара колективна акција за создавање поодговорно и побезбедно општество за сите.

На социјалните мрежи во објавите за протестите се вели дека на нив се забранети партиски обележја и дека протестот е граѓанска иницијатива која не смее да се партизира.

Иницијатива за работни групи

Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ сега започна да организира учество на граѓани преку две работни групи.

Првата работна група е фокусирана на темата „Безбеден град“, за која од иницијативата велат дека има за цел да ги идентификува и реши проблемите поврзани со урбана безбедност, инфраструктура и квалитет на живот во градовите.

Втората се занимава со важни прашања во областа на „Неказнивност, правосудство и систем за заштита на децата и младите кои се во судир со законот“, со цел да се побараат реформи во правосудниот систем и да се осигури правична и ефективна заштита на ранливите групи.

Граѓаните имаат можност да се приклучат како волонтери или да учествуваат во една од овие две работни групи, во зависност од нивните интереси и целите што сакаат да ги поддржат.

Работната група „Безбеден град“ е формирана со цел да ја подобри урбаната безбедност и квалитетот на живот во градовите преку идентификација на критичните точки за пешаци, велосипедисти и возачи.

Секој еден може да е следен
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:19 0:00

Таа има за задача да формулира конкретни предлози за реконструкција на пешачки и велосипедски патеки, подобрување на осветлувањето и одржување на јавните простори.

Дополнително, групата ќе врши притисок врз институциите за преземање итни мерки во сообраќајот и создавање долгорочна стратегија за почист, зелен и организиран град, со посебен акцент на заштитата на жените, децата и маргинализираните групи.

Целта е да идентификува и предложи конкретни реформи во судството, обвинителството, МВР и системот за социјална работа за деца и млади во судир со законот.

„Преку категоризација на барањата на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, групата ќе работи на создавање транспарентен и праведен систем кој ќе биде во служба на сите граѓани, а не на привилегираните групи“, велат од иницијативата „Кој е следен“.

Сообраќајната несреќа во која беше прегазена Фросина Кулакова не е единствената која предизвика гнев и загриженост кај граѓаните поради опасностите на улиците.

Трагични примери

Само на булеварот „Партизански одреди“ во изминатите години загинаа неколку млади луѓе.

Во 2015 година, на истиот булевар, беше прегазена студентката Фросина Цековска од страна на 26-годишен возач кој управувал под дејство на алкохол и со пречекорена брзина.

Исто така, во јануари 2022 година, 24-годишната Викторија Николова од Радовиш беше прегазена на истиот булевар, кај трговскиот центар Сити мол, од 22-годишен возач кој, според Обвинителството, исто така возел со поголема брзина од дозволената.

Во врска со трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загуби Фросина Кулакова, Основното јавно обвинителство во Скопје отвори истрага против возачот, кој е осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Кривичниот суд му одреди притвор во траење од 30 дена.

Според Кривичниот законик, најтешката казна за вакви случаи, кога има тешко повредени или загинати лица, е до 10 години затвор, согласно член 300.

Новиот член, кој е на сила, има превентивен карактер и се очекува да ја зголеми свесноста кај возачите и да влијае на намалување на ваквите трагедии на улиците.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG