Достапни линкови

Ќе донесат ли камерите поголема сообраќајна култура и безбедност?


Камери поставени во центарот на Скопје како дел од проектот „Безбеден град“
Камери поставени во центарот на Скопје како дел од проектот „Безбеден град“

Институциите најавуваат дека ќе биде казнет секој што поминал на црвено, возел со прекумерна брзина или непрописно паркирал. Што освен казни, ќе донесат прекршоците „уловени“ со камерите на системот „Безбеден град“? За да почнат да функционираат треба измени на Законот за безбедност во сообраќајот

Скопските возачи направиле над 5000 сообраќајни прекршоци за само два часа. Најмногу, за возење со прекумерна брзина регистрирале камерите поставени на скопските крстосници, како дел од системот „Безбеден град“. Ова го покажа пробното тестирање на камерите поставени во Скопје, но за овие прекршоци не се изречени казни.

Неискусните не ги знаат основните правила на однесување во сообраќајот. Искусните возачи ги научиле, ама џабе кога не ги почитуваат. И едните и другите се напнати додека возат, а пешаците и велосипедистите се невнимателни и се случува хаос. Вака скопјанецот Димитар ја опишува секојдневната сообраќајна слика додека вози автомобил низ главниот град.

„Само кога ќе те удрат по џеб, стануваш свесен за последиците и за одговорноста како учесник во сообраќајот“, вели тој.

Министерството за внатрешни работи (МВР) преку овој систем ќе казнува за „брзо возење“, „минување на црвено светло“ и „непрописно паркирање. Инсталираните камери ќе бидат „екстра очи“ на полицијата.

„Прво очекувам да профункционира како што треба и да се користи за намената за којашто е набавен и инсталиран. А потоа, да се подобри сообраќајната култура, но пред сѐ безбедноста“, ни изјави скопјанецот Димитар.

Сообраќаен метеж во центарот на Скопје
Сообраќаен метеж во центарот на Скопје

Во странство почитуваме правила, а дома не мора

Со самото тоа што ќе знам дека сум постојано надгледувана и јас ќе внимавам повеќе, а се надевам и другите, барем од страв да не добијат казна. Вакви се очекувањата на 32-годишната скопјанка Моника. Таа забележува дека дома и во странство македонските возачи не се однесуваат исто.

„Не знам зошто има возачи кои во странство ги почитуваат правилата, дури и да нема камери, а кога возат тука, некако владее мислењето дека: ‘па ќе се снајдам, знам кој да побарам ако ме казнат'. Се надевам дека камериве ќе влијаат позитивно на сообраќајната култура“, истакнува Моника.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостување на Телевизија Телма, најави дека ќе се казнува неселективно.

„На 'Партизанска' гледам еден тон возила коишто се оставаат на самиот булевар со четири трепкачи. Мора да знае граѓанинот дека ако го остави возилото ќе биде казнет, ама ќе биде казнет и тој, ќе биде казнет и братучедот негов којшто работи во МВР, ќе биде казнет и комшијата, па и министерот, зошто да не? Секој еден кој погрешно ќе паркира ќе биде казнет. Луѓето нема да ги паркираат возилата на 'Партизанска', ама ако знаат дека ќе бидат казнети“, изјави Тошковски и најави дека системот ќе функционира и тоа за многу брзо.

Ако видите возило кое чини 50.000-100.000 евра паркирано непрописно за да не се плати паркинг од 70 денари, тоа е одраз на сообраќајната култура. Таа пак, е огледало на културата на еден народ. Какви сме како луѓе, такви сме и во сообраќајот, вели портпаролот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Дејан Андоновиќ.

„Луѓето кои се нападни, кои сакаат да се наметнат и по секоја цена да стигнат до одредена цел, на работа, дома, каде било, такви се и зад воланот. Имаме сообраќајна култура таква - какви што сме и како народ“, додава портпаролот.

Брзо возење и алкохол - автомобилот смртоносно оружје
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Не е доволно само да се казнува

Освен казни потребна е и едукација и превенција, бидејќи ако ве казниле еднаш не значи дека нема повторно да направите прекршок. Па треба да се има култура дури и кога нема казни, заклучува тој.

„Статистиката вели дека само санкции не носат резултати. Комбинација на превентивни и репресивни мерки дава некакви резултати. Веројатно искуствата од другите градови во светот каде наголемо се користи овој систем покажуваат дека се зголемува безбедноста. Секој еден прекршок помалку е плус за сообраќајот и учесниците во него“, истакна Андоновиќ.

Но, за системот да почне да функционира во пракса, прво треба да се донесат законски измени со кои ќе се воведат нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Од МВР велат дека Предлогот за измени и дополнувања е во тек и се одржуваат редовни состаноци за доработка. Оттаму не добивме прецизен одговор за тоа кога се очекува да биде доставен до Собранието. Претходно треба да биде усвоен на владина седница.

Освен скопјани, вакви камери ќе ги надгледуваат и возачите во Тетово и Куманово. Таму, велат од МВР, надградбата на системот е во почетна фаза.

Системот на камери и казни на домашна адреса беше најавен пред повеќе од една деценија. Во меѓувреме, беа распишани тендери и поставени камери, но досега не профункционира на начинот на кој беше ветено - автоматски да ги следи и казнува сите што прават грешки во сообраќајот.

Тендерот за набавка на камерите останува класифицирана информација која МВР не ја споделува со јавноста. Не се дозна колку државата плати за камерите, колку вкупно се набавени и од кого.

Најмногу жртви заради брзо возење

Според податоците со кои располага македонската полиција, дури 60 отсто од сите сообраќајни несреќи се препишуваат на брзото возење.

Во Северна Македонија во просек годишно на македонските патишта животот го оставаат 65 жртви на еден милион жители, односно за четвртина повеќе од ЕУ-земјите, а ништо подобра не е сликата и во регионот.

Инфографика - Смртност во Северна Македонија, во Западен Балкан и во Европа
Инфографика - Смртност во Северна Македонија, во Западен Балкан и во Европа

Во просек, две до четири деца годишно го губат животот во сообраќајни несреќи.Човечкиот фактор е најголем причинител за несреќите, а тука спаѓаат и состојбата на возилата и условите на патиштата.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG