Достапни линкови

 
Стоп за сообраќајното насилство-порака од протестниот марш во Скопје

Стоп за сообраќајното насилство-порака од протестниот марш во Скопје


Протестен марш за правда за сите жртви на сообраќајни несреќи, Скопје, 16 февруари 2025 година
Протестен марш за правда за сите жртви на сообраќајни несреќи, Скопје, 16 февруари 2025 година

Трет протестен марш за правда за младата дизајнерка Фросина Кулакова. Со триминутен молк и ѕвездено небо, демонстрантите побараа правда за сите жртви на сообраќајни несреќи. Тие бараат суштински промени во системот и ригорозни казни за пијаните возачи.

„Светлината сега да им го осветли патот на пијаните возачи и сите корумпирани во нашите институции“, е пораката која ја испратија стотици демонстранти со запалени светла на нивните телефони пред Апелацискиот суд во Скопје.

Стотици граѓани излегоа на протестен марш по скопските улици во чест на починатата млада дизајнерка Фросина Кулакова која на 29 јануари годинава беше прегазена од пијано дваесетгодишно момче.

„Светлината што ја праќаме да ни го осветли патот за поубава иднина за сите кои сме излезени овде“, гласеше пораката на дел од демонстраните кои говореа пред Судот.

Тие бараат одговорност од институциите, суштински промени, во како што велат, корумпираниот систем и правда за жртвите загинати во сообраќајни несреќи.

„Судовите постојат, но правдата ни е на продажба“, рече еден од демонстрантите пред Судот.

Протест за правда за жртвите и револт кон корумпираните
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Овие барања демонстрантите ги искажаа пред Апелациониот суд, по протестниот марш кој започна од скопскиот булевар „Партизански одреди “ каде што загина Фросина Кулакова.

Дваесетгодишниот возач, кој во моментов е во притвор во Шутка со огромна брзина и под дејство на алкохол, без возачка дозвола, поминал на црвено и удрил директно во Кулакова која почина од здобиените повреди.

Демонстрантите со триминутен молк и ѕвездено небо, на третиот по ред протест, одадоа почит за сите загинати жртви во сообраќајни несреќи. Организатор на денешниот марш беше граѓанската иницијатива „ Кој е следен?“.

Малолетник без возачка дозвола удрил во две млади лица

Непосредно пред денешниот протест на скопските улици се случи уште една сообраќајна несреќа со млади луѓе, во која има двајца повредени. Несреќата се случила на крстосницата од улица „Дринска“ и улица „Галичица“ доцна вечерта на 15 февруари.

Таа била предизвикана од 17-годишен косовски државјанин кој возел автомобил со скопски таблички без возачна дозвола. Повредени се две млади лица на возраст од 17 и 18 години кои се хоспитализирани поради повредите.

„Ние сме гласот на Фросина, валкани пари- смртни последици“ пишуваше на големиот црн транспарент со кој стотици граѓани на 16 февруари излегоа на протестен марш барајќи правда за загинатите во сообраќајни несреќи како и ригорозни казни за прекршителите на сообраќајните правила кои предизвикале смртни последици.

Револтот на јавноста се интезивираше откако се дозна дека осомничениот и претходно имал сообраќајни прекршоци за кои до несреќата не сносил одговорност. Против него имало и обвинение за поседување дрога, судски процес кој завршил со мерка со која тој требало да оди во поправен дом во Тетово. Но, предметот „заглавил “ во Апелација, па пресудата не станала правосилна, по што тој не бил упатен на издржување на казната.

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков пред почетокот на протестот апелираше до демонстрантите да учествуваат во мирен марш.

„Станува збор за исклучително племенито девојче и во нејзина чест ве молам ова да биде мирен протестен марш“, изјави Кулаков.

„Бараме да направиме нов систем во кој правдата ќе биде еднаква за сите, а не селективна“, рече сестрата на Фросина, Росица Кулакова.

Семејството на Фросина го предводеше протестниот марш, и во првите редови до нив беа семејства на жртви во сообраќајни несреќи кои бараат правда за своите најблиски. Родители со црно бели фотографии од нивните загинати деца се пожалија на селективна правда и застарени судски предмети.

„ Мојот син пред 3 години загина во сообраќајна несреќа, не беше пешак, беше учесник во сообраќајот, но не беше виновен. Ама во овој систем како починат беше прогласен за виновен, сите работи се заташкаа, не ме повикаа ни на суд“ изјави за медиумите мајка со слика на починато момче.

Правда за Ласкарци, правда за Фросина

Меѓу демонстрантите имаше и луѓе со транспаренти кои бараат правда и за загинатите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.

Станува збор за автобуската несреќа на автобус на „Дурмо турс“ која се случи кај Ласкарци во февруари 2019 година, во која загинаа 16 лица, а 38 беа повредени.

Несреќата се случи кога автобус на „Дурмо турс“, на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар, излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја пробил заштитната ограда на автопатот.

Шестмина осудени за несреќата добија вкупно 39 години затвор. Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, на само 5 месеци по несреќата, но предметот со години остана заглавен во формални процедури во судот.

Правда за Ласкарци, правда за Фросина, бараат демонстрантите
Правда за Ласкарци, правда за Фросина, бараат демонстрантите

Дел од пораките на демонстрантите беа и „кој ќе биде следен?“ алудирајќи на благата казнена политика и системските пропусти поради кои прекршителите на тешките сообраќајни несреќи поминуваат со „полесни казни“.

Демонстрантите со транспаренти во рака на кои пишуваше „Сакаме правда за жртвите“,„ Правда за Теодора“, „Правда за Викторија“ ги повикуваа по случајните минувачи да им се приклучат на протестот.

Протестот се оддржуваше под силно полициско обезбедување.

Демонстантите порачаа дека бараат правда и дека нема оправдување за судските одлуки со кои, како што велат, судиите ги пуштаат на слобода „бесните и пијани возачи“.

Денешниот протест започна од пред Универзална сала од каде демонстрантите се упатија кон Владата. Во повикот за протест кој што го објави сестрата на Фросина, Росица е наведено дека „ова е граѓански протест, протест на народот, протест на тагата, на револтот и на желбата да се остане тука“.

Потоа демонстрантите се упатија кон Собранието каде што повторно со триминутен молк им одадоа почит кон загинатите во сообраќајни несреќи.

Најмалку три жртви за десет години на „Партизанска“

Сообраќајната несреќа во која беше прегазена Фросина Кулакова не е прва која предизвикува бурни реакции и гнев кај граѓаните за „дивеењето“ по улиците. Само на истиот булевар, „Партизански одреди“, изминатите години згаснаа неколку млади животи.

Во 2015 година беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така возел под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената.

Дваесет и четиригодишната Викторија Николова од Радовиш во јануари 2022 година, беше прегазена на истиот булевар, но кај трговскиот центар Сити мол. Дваесет и двегодишниот возач, според Обвинителството, тогаш возел со поголема брзина од дозволената.

XS
SM
MD
LG