Кога ќе се активираат камерите низ улиците?
Поставувањето на системот со камери со кои ќе се казнуваат сообраќајни прекршоци и кои се очекува да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и на граѓаните воопшто, треба да се заврши во текот на оваа 2025 година.
Ова е дел од одговорот што го доби Радио Слободна Европа од Министерството за внатрешни работи за тоа до каде се подготовките за ставање во функција на системот „Безбеден град“.
Според одговорот од МВР, камерите ќе регистрираат неколку сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање.
Дел од подготовките за ставањето на системот во функција, веќе се спроведуваат во пракса. Граѓани кои изминатиот период ги регистрираат своите возила раскажуваат дека полицајците им земаат повеќе податоци за контакт.
За ваквата новина неодамна зборуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Телефонски број што го оставил сопственикот ќе биде број на кој согласно измени на закон, МВР ќе мора задолжително да достави информација дека на тој и тој ден, е сторен таков и таков прекршок. Истата информација ќе ја доставуваме и на мејл, а на почетокот ќе се доставува и по пошта“, изјави Тошковски.
Системот „Безбеден град“, како што беше најавено и претходно, првично ќе се имплементира во Скопје, Куманово и Тетово. Амбициите на Тошковски се дека на почетокот ќе може да се користи и за коридорите 8 и 10, а понатаму и низ цела држава.
Револт од неказнивоста и дивеењето
Чекајќи го „Безбеден град“, кој е само делумно решение, наталожени фрустрации, толеранција на криминалот и пропусти во системот ги извадија македонските граѓани на улица за да побараат „Правда за Фросина“, вели политикологот Трошановски, кој смета дека ова е порака до целиот естаблишмент.
На 29 јануари Фросина беше прегазена додека минувала на пешачки, од 20-годишниот возач, кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Ова предизвикаа бурни реакции кај граѓаните, главно студенти и млади кои одржаа протестен марш на 31 јануари и втор, уште помасовен, на 2 февруари.
Слоганот дека „корупцијата убива“ сега е точен повеќе од кога било и многу луѓе преку оваа трагедија се поврзаа уште посилно со проблемот што не се адресира, смета Трошановски.
Во Македонија, во просек годишно на патиштата животот го губат 65 лица на еден милион жители, односно за четвртина повеќе од ЕУ-земјите.
„Ниту систем, ниту казни, ниту полиција може да не заштити од несовесни возачи, кои веруваат дека се семоќни“, порачува професорот Никола Дујоски, од Факултетот за безбедност. Драконски казни би помогнале, но не би го решиле проблемот со нетолерантно ниската сообраќајна култура, смета тој.
Опасна по живот е и негрижата за превенција од болести
Старата мудрост „подобро да се спречи, отколку да се лечи“ се чини дека не е баш одомаќинета во македонскиот здравствен систем, покажуваат податоците на РСЕ од анализите на таканаречените скрининзи преку кои треба да се откријат потенцијални болести кај граѓаните.
Државата секоја година определува буџет за превентивни програми, односно скрининзи. Ги има десетина - за задолжителна вакцинација, здравствена заштита на мајки и деца, заштита на населението од сида, рана детекција на малигни заболувања...Тие се речиси константни со години, тоа што се менува се сумите за нив.
За 2025 година за овие скрининзи е усвоен вкупен буџет од околу 10,5 милиони евра. Процентуалното учество на буџетот за превентивна здравствена заштита во буџетот на Министерството за здравство опаѓа во изминатата деценија - од 10,4 отсто во 2015 година на 8 отсто во 2024 и 2025 година, ни изјави Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Но, не е се само до парите. Дека нешто не „штима“ во превенцијата, потврди и Клиниката за онкологија преку соопштение пред десетина дена, откако снема дел од билошката терапија за болните со рак.
„Додека нема скрининг програми што се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната метастатска болест само ќе се зголемува. Следната година се очекува поголем број на пациенти“, соопштија тогаш од Клиниката.
Пациенти, пак, велат дека тоа што не „штима“ е дека или нема термин за преглед, или нема апарат, или нема кој да прочита резултат.
Ќе има ли повеќе пари за одбраната?
Северна Македонија тешко ќе може да го достигне барањето на американскиот претседател Доналд Трамп до земјите членки на НАТО за зголемување на одбранбениот буџет на 5 отсто од бруто домашниот производ, но е подготвена за постепено зголемување на воените трошоци, како што сметаат актуелни и поранешни функционери и експерти за одбрана.
Според Методи Хаџи Јанев - вонреден професор од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски вакво зголемување на одбранбениот буџет ќе претставува сериозен финансиски товар за Северна Македонија, која, како што вели, и сега има тешкотии да го одржи прагот од 2 отсто.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски вели дека сумата од 5 отсто би претставувала сериозен финансиски товар за многу влади, но, дека на последните состаноци на НАТО, вклучително и на самитот во Вашингтон, бил поставен пореален фокус – надминување на 3 проценти.
„Во овие нестабилни времиња, постојано се бараат дополнителни инвестиции во опрема и раст на одбранбениот буџет. Ќе видиме дали некоја земја ќе го достигне овој процент, но ова ќе биде една од главните теми на првиот НАТО самит со Трамп во јуни или јули“, рече Мисајловски.
Парламентарни избори на Косово без предлози за дијалогот со Србија
На Косово во недела (9-ти февруари), ќе се одржат редовни парламентарни избори.
Четворицата најсериозни кандидати за премиер: Албин Курти од владејачката партија Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Лумир Абдиксику од Демократската лига на Косово и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово, ја фокусираа својата кампања исклучиво на внатрешните прашања со меѓусебни обвинувања.
Дебатираа за поскапувањата, просечна плата од 570 евра и невработеност поголема од десет проценти, давајќи ветувања насочени кон подобрување на животниот стандард, верувајќи дека на тој начин ќе влијаат врз волјата на гласачите.
Косовскиот сервис на Радио Слободна Европа испрати прашања до канцелариите на сите кандидати за премиер - како ќе пристапат кон дијалогот со Србија доколку победат на изборите. Од никого не доби одговор.
Дијалогот, поточно нормализацијата на односите со Србија, е услов што меѓународната заедница му го постави на Косово за членство во Европската Унија и другите меѓународни организации како НАТО, Советот на Европа и други.
Доника Емини, од Советодавната група за европска политика на Балканот, вели дека актуелниот премиер Албин Курти ниту за време на кампањата пред четири години не го вклучил меѓу своите приоритети дијалогот со Србија, со што, како што вели, покажал дека не е конструктивен во односите со меѓународните сојузници.
И кандидатите на опозицијата, чии партии се претставија како флексибилни во однос на соработката со Западот, во актуелната изборна кампања не го спомнуваа дијалогот со Србија.
Демус Шаша, од Косовскиот институт за политички студии, вели дека кој и да биде избран за нов премиер на Косово ќе мора да ги исполни барањата на меѓународната заедница.
Не може да се забрани странска музика, но има како повеќе да се слуша македонска
Зошто од кафулињата да ечи странска, кога може македонска музика, колку и како етно звукот може да им биде близок на новите генерации? Вакви теми во поткастот „Зошто“ отворивме со композиторот и инструменталист Николче Мицевски.
Тој, вели, се радува кога на концерт гледа како и младите пеат на неговите преработки на македонски народни песни, изведени од Некст Тајм, или пак оние со староградски шмек кои ги направи за Каролина Гочева.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org