Достапни линкови

„Револуција на здравиот разум“


Стартуваше новиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп со најавен пресврт во многу сегменти на надворешната политика и економијата. Очекувањата на македонската влада, од администрацијата на Трамп, се големи. На домашен план, откриваме нови можни тендерски манипулации. Њузлетер 24.01.2025

„Револуција на здравиот разум“ - Њузлетер 24.01.2025
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:03 0:00
Директен линк

Доналд Трамп: „Ден на ослободување“

Веднаш по свечената инаугурација, на која американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Америка ќе ја направи посилна и поголема, а тој ден го означи како ден на ослободување, го потпиша првиот сет извршни наредби.
Меѓу поважните се:

  • Ги помилува осудените за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, околу 1500 од нив.
  • Илегалната имиграција на границата меѓу САД и Мексико се прогласува за вонредна состојба.
  • Нема веќе државјанство на деца родени во САД чии родители немаат правен статус.
  • Наредба за враќање на слободата на говорот и забрана на цензурата.
  • За правата на ЛГБТ+ заедницата, во наредбата е наведено дека според политиката на САД ќе има само два пола, машки и женски, додека небинарната или разнолика опција повеќе нема да постои.
  • Ги повлече САД од Парискиот климатски договор и нареди започнување на процесот на повлекување на САД од Светската здравствена организација
  • Деблокирање на експлоатацијата на нафта на Арктикот и големите области долж американскиот брег.

Трамп најави и други приоритетни мерки. Рече дека размислува за воведување царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, кои ќе стапат на сила на 1 февруари.

Најави дека ќе има средба со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина. Изјави дека ќе го врати Панамскиот канал и оти на САД им е потребен Гренланд за националната безбедност. „Ќе биде поставено американското знаме на Марс“, заклучи Трамп.

Како ќе се одрази второто претседателство на Трамп врз ЕУ и НАТО?

Откако Доналд Трамп повторно се пресели во Белата куќа како претседател на САД, се отвораат три потенцијални клучни точки за односите меѓу Вашингтон и Брисел. Одбраната, каде што Трамп ќе бара поголемо издвојување од европските сојузници, односно 5 отсто од БДП. Трговијата и можните нови царински давачки за европските производи. И Гренланд, кој сега е данска територија.

Европејците се загрижени и од можноста Трамп да се договори со Русија за запирање на војната во Украина, без тие да бидат вклучени. Објаснува уредникот на РСЕ за Европа, Рикард Јозвијак.

Како ќе се одрази второто претседателство на Трамп врз ЕУ ​​и НАТО?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:45 0:00

Македонската влада очекува голема поддршка од администрацијата на Трамп и од неговите блиски соработници

„Вашингтон со поинаква оптика да гледа кон Балканот“, е идејата со која македонскиот премиер Христијан Мицкоски беше во Соединетите држави каде што присуствуваше на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Таму, македонската делегација имаше повеќе средби со луѓе блиски до претседателот Трамп, како и со видни бизнисмени од македонско потекло.
„Бројните средби на премиерот со влијателни личности во САД, создаваат нови можности за инвестиции во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од македонските аналитичари сметаат дека владините очекувања од новата американска администрација се многу оптимистички.
Благојче Атанасовски вели дека Доналд Трамп е нетипичен американски претседател којшто сака сам да креира односи на лична основа, но кога станува збор за меѓународни односи, во американската дипломатија е клучно влијанието на секоја земја посебно.
Поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, оценува:
„Определено индиректно влијание врз Балканот, а со тоа и врз Македонија, може да се очекува од евентуалниот нов концепт за завршување на руско-украинската војна, улогата на НАТО во нашето пошироко соседство, и можните иницијативи за решавање на конечниот статус на односите меѓу Белград и Приштина. Нашите билатерални односи не се оптоварени со отворени прашања, и се очекува поддршката што ја добиваме на политички, економски и безбедносен план да продолжи“.

А, дома, повторно истите проблеми.

Недостиг од лекови за онколошки пациенти, а пари има

„Одам по терапија, а терапија нема“, вели пациентка која се лекува на Клиниката за онкологија. „Ми рекоа дека лекот можеби ќе го нема 2-3 месеци, се чекал тендер. Господ да ни е на помош“, вели за Радио Слободна Европа(РСЕ) пациентката која сакаше да остане анонимна.

Во меѓувреме, вкупно 318 милиони денари, или пет милиони евра вратиле Клиниките во Фондот за здравствено осигурување во 2024 година. Неискористените средства се дел од таканаречените условни буџети, наменети за скапи и иновативни лекови. Иако пари имало, онколошки пациенти повторно реагираат дека нема лекови од нивната терапија.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека причините за неискористеноста на средствата се различни, но најчесто, бидејќи дел од фактурите за набавените терапии доспеваат за плаќање годинава.

„На пример, ако набавката на лекови е во декември, фактурата ќе доспее за плаќање во февруари и обврската за плаќање ќе се прелее во буџетот за наредната година. Друга причина може да биде доцнење со набавките, тендери што подоцна се спроведени или пак нереализација на предвидениот број на интервенции кои се определени во условниот буџет“, велат од ФЗОМ за РСЕ.
Во последните шест години енормно се зголемиле сумите што Фондот за здравство ги одобрува за условни или дополнителни надоместоци за лекови.

Но, ревизорите утврдија дека не секогаш има контрола како се трошат овие пари. Државниот завод за ревизија, во извештајот што го објави лани во јуни, а се однесува на состојбата од 2022 година, нотира слабости во контролите на Фондот.

Ревизорите констатираа дека не се вршени финансиски контроли на наменското трошење на средствата, на набавката и евиденцијата на лековите и на извршените здравствени услуги за 2022 година. На пример, од добиениот условен надомест, во четири клиники се искористени само 75% од средствата за набавка на лекови, а останатите биле потрошени за редовното работење.

Тендер за обезбедување државни објекти – поволен или роднински?

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), орган во рамки на Владата склучи договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, во која Власе Танаскоски, роднина на директорот Ивица Томовски е раководител на подружница во Охрид, открива РСЕ.
Компанијата која во следните три години ќе ги обезбедува државните објекти треба во следниот период само да ја достави банкарската гаранција.

Тендерот тежи околу 22 милиони денари или над 3,5 милиони евра.

СОЗР го распиша огласот на 10 октомври 2024 година. До тој момент, компанијата „Праеториан ДООЕЛ“ е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а како управител е заведена Анета Јарчева.
Сепак, документите кои ги обезбеди РСЕ покажуваат дека само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“.

Адресата на која е регистрирана подружницата на „Праеториан ДООЕЛ“ е на улица 7-ми ноември бр. 262 во Охрид.
Симптоматично е што на оваа адреса се наоѓа седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик e Дарко Гашиќ, кој пак е прв братучед на директорот на СОЗР Ивица Томовски.

Томовски за РСЕ вели дека нема информации за тоа дека Власе Танаскоски е дел од „Праеториан ДООЕЛ“ и дека подружницата на која тој е раководител е регистирана на фирмата на неговиот прв братучед Дарко Гашиќ.
За Власе Танаскоски вели дека не му е прв братучед. На прашањето на РСЕ во каква роднинска врска се, Томовски вели „може да му биде некој многу далечен роднина, а можеби и ништо“, додека за Дарко Гашиќ потврди дека му е братучед.

„Но, да не заборавиме што сум направил јас за тој тендер, сум ги олеснил условите за 50 насто за да можат повеќе компании и зголемена конкуренција и да се намали вредноста на тендерот. Сум заштедил за државата 30 милиони денари“, изјави директорот на СОЗР, Томовски за РСЕ.
Целото истражување прочитајте го ТУКА.

Со пожарите се справуваме „партизански“ и „на ура“

Колку сме подготвени за пожарите кои може да се случат претстојното лето и како беше додека се гасеа ланските? На овие теми, во поткастот „Зошто“, разговараме со пензионираниот пилот Стоје Арсовски, кој нема наследник во кабината на еден од трите Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, па лани ги прекина пензионерските денови за да ги гаси пожарите на македонските планини.

Со пожарите се справуваме „партизански“ и „на ура“
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:34 0:00

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG