Се истражуваат и други сомнителни зделки во Државна лотарија
Обвинителството побара притвор за директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и за поранешниот вицепремиер, Артан Груби, поради проневера во Државна лотарија. Според информациите оттаму, барањето е со цел, притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето на двајцата осомничени кои во моментот не се во државата.
МВР распиша меѓународна потерница и за двајцата.
Од Обвинителството велат дека oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ лани, учествувале во дејствија на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од околу 8 милиони евра, од буџетот на акционерското друштво.
Инаку, во кривичната пријава на МВР, опфатен е и екс премиерот Димитар Ковачевски и екс генералниот секретар на поранешната Влада, Методија Димовски.
Но, истрагите за Државна лотарија не запираат по акцијата на МВР и ОЈО за случајот за набавката на ВЛТ апаратите. Институциите паралелно работат и на предметите за веќе раскинатиот закуп на деловен простор во Визбегово и сомнителните тендери во акционерското друштво, за кои пишуваше РСЕ.
Финансиската полиција, ги истражува и тендерите за купување на телевизори во различни димензии од кумановската компанија „Ритрон копи“ во сопственост на Артан Ајрули.
Пред четири месеци, РСЕ објави дека истражители проверуваат и други тендери на Државна лотарија за маркетинг и промоција.
Кој го „раздвижи“ Обвинителството?
Злоупотребите во Државна лотарија, акцијата против криминалната банда „Беланоца“ и разбивањето на една терористичка организација. На ова му претходеа и други акции кои го привлекоа вниманието на јавноста, како случајот „Адитив“ за злоупотребите во ЕСМ и подружницата РЕК Битола и одземањето записници од Судскиот совет. Сето ова во десетина дена.
Раздвижувањето на обвинителите е очигледно деновиве, но не би можело да се каже дека станува збор за притисок од извршната власт или, ако има, во прашање е „позитивен притисок“, зборуваат за РСЕ експерти од областа на правосудството. Според нив, како поттик за „раздвиженоста“ може да се смета и ажурирањето на црната листа.
„Изминатите години бевме сведоци на една намалена активност на јавните обвинители, а на што се должеше тоа може само тие да кажат. Меѓутоа, последните акции што се преземени може да се толкуваат и како позитивен притисок да си ја вршат работат што им е предвидена по закон и мислам дека ќе вроди со плод. Меѓутоа, тоа треба да биде редовна работа на обвинителите, не да биде со подбуцнување за да почнат работите“, вели за Радио Слободна Европа поранешниот обвинител и експретседател на Советот на јавни обвинители, Константин Кизов.
По преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, по парламентарните избори во мај, новата владејачка гарнитура неколку пати најавуваше целосно распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, но, засега е нејасно дали власта ќе се реши на ваков чекор или не.
До каде е ветерниот парк на Алказар Енерџи?
Првата и најголема странска инвестиција тешка околу половина милијарда евра - ветерен парк меѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш, премиерот Христијан Мицкоски ја најави уште како мандатар на новата влада.
Фондот „Алказар Енерџи“ веќе регистрира компанија во земјава, која е во сопственост на офшор фирма регистрирана во Велика Британија. А само еден ден по нејзиното формирање, инвеститорот „Алказар Енерџи“ на 25 јуни имаше и официјална промоција во Скопје.
Политичари од владејачката партија во јавноста говорат дека како инвестицијата веќе да е отпочната.
Во реалноста, ветрот во штипско-радовишкиот регион се уште дува во празно, наместо во турбините на „Алказар Енерџи“.
Но, од промоцијата во Северна Македонија до сега, ниту инвеститорот, ниту Владата немаат соопштено до каде е потенцијално новиот енергетски капацитет кој би произведувал еден терават час струја што би покривал 20 отсто од целокупното производство што го има државата.
Што е направено досега и кои фирми стојат зад овој проект, прочитајте во истражувањето на РСЕ ТУКА.
Старо-нова концепција за повеќе знаење на основците
Министерството за образование објави дека се направени измени во актуелната концепција за основно образование кои ќе се применуваат од следната учебна година.
Според нив историја, географија, биологија, физика и хемија се враќаат како посебни предмети во наставата за основците. Од моменталната концепција се задржуваат дополнителните и додатни наставни обврски како и изборните предмети, преку кои учениците ќе може да стекнуваат повеќе знаења и вештини.
Да биде појасно, погледнете го видеото.
Украинка „презимува“ во Скопје, поради руските напади и прекини на струја во Киев
Украинката Дариа Мисенг решила зимата да ја помине во Скопје, далеку од постојаниот звук на сирените кои алармираат за воздушен напад и прекините на електрична енергија поради руските напади врз енергетската инфраструктура во Украина.
Уште нема купено билет за дома, но, вели, нема ни намера да остане во странство засекогаш.
Зад затворени врати, во Москва, Киев, Брисел, Вашингтон и другите престолнини, дипломати, лидери и воените офицери се подготвуваат за она што веројатно ќе биде силен притисок да се најде решение за најголемата копнена војна во Европа по Втората светска војна.
Во западните преговарачки соби, расположението решително се помести кон обид за решавање на конфликтот во кој веќе за 34 месеци се убиени или ранети повеќе од еден милион луѓе од двете страни.
„Има многу зборување, многу шум дека некои мировни разговори се неизбежни“, изјави Роза Балфор, директорка на Carnegie Europe, тинк-тенк со седиште во Брисел, на 12 декември. „Навистина немаме план. Никој изгледа нема план во моментов. И секако, ситуацијата на терен не е во корист на Украина во моментов, па тоа е многу тежок момент.“
Еве што знаеме за идеите што се разгледуваат, било за примирје или нешто друго.
- 1. Европските и американските официјални претставници оваа недела активно дискутираа за можноста западни трупи да бидат испратени во Украина како мировни сили, откако ќе престане пукањето и ќе се постигне примирје.
- 2. Една од првичните жалби на Кремљ за оправдување на инвазијата во февруари 2022 година продолжува да биде еден од централните барања на Киев: членството во НАТО. Но, многу членки на НАТО се воздржани околу идејата за членство на Украина, меѓу кои и САД. Во Париз оваа недела, Трамп наводно рекол дека не го поддржува барањето на Киев за членство.
- 3. Територијалните прашања се меѓу потешките. Тампон зона. Путин ја спомена идејата за таква зона во март по неговиот реизбор. За Украина, најтешкото прашање е каде ќе биде поставена таа линија – и колку од нејзината економска база ќе изгуби. Голем дел од украинската рударска и тешка индустрија се наоѓа во Донбас, окупиран од Русија. Покрај тоа, поставувањето на ваква зона – било да е тампон, санитарна или демилитаризирана – носи предизвици во однос на надгледувањето и верификацијата: што секоја страна или мировните сили би можеле да направат за да ја надгледуваат другата страна.
Сепак, најголемото прашање за идните преговори може да биде најголемиот снабдувач на оружје за Украина: Соединетите Американски Држави и идната администрација на Трамп.
Принцип на „морков и стап“.
„Ќе им кажеме на Украинците: ‘Морате да седнете на маса, инаку поддршката од Соединетите Држави ќе се секне‘“, изјави Келог за Ројтерс во јуни. „А на Путин ќе му кажеме: ‘Мора да седнеш на маса, инаку ќе им дадеме на Украинците сè што им е потребно за да те уништат на бојното поле“ , е стратегијата на Кит Келог, пензиониран потполковник на американската армија, кој го советуваше потпретседателот Трамп за време на неговиот прв мандат.
Висок претставник на НАТО, кој инсистираше на анонимност, за Радио Слободна Европа изјави: „не мислиме дека [Путин] е сериозен за преговори“. Можеби е подготвен да разговара, но додека верува дека победува, нема мотив за преговори. А тој сè уште верува дека времето е на негова страна“.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org