Достапни линкови

Црната листа и критиките го размрдаа обвинителството?


Јавно обвинителство на Северна Македонија (фотоархива).
Јавно обвинителство на Северна Македонија (фотоархива).

По низата критики за непостапување, јавноста деновиве е сведок на неколку отворени истраги. Меѓутоа, гонењето криминал и корупција треба да биде редовна работа на обвинителите, а не евентуално да биде последица на „подбуцнување“ од страна, коментира ексобвинителот Кизов.

Раздвижувањето на обвинителите е очигледно последниот период, но не би можело да се каже дека станува збор за притисок од извршната власт или ако има во прашање е „позитивен притисок“, зборуваат за РСЕ експерти од областа на правосудството. Според нив, како поттик за „раздвиженоста“ може да се смета и ажурирањето на црната листа.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во 50-тина минути ги објаснуваше трите операции во кои учествуваше полицијата под раководство на Јавното обвинителство кое за секоја одделно објави и соопштенија – за злоупотребите во Државна лотарија, против криминалната банда „Беланоца“ и разбивањето на една терористичка организација. На ова му претходеа и други акции кои го привлекоа вниманието на јавноста, како случајот „Адитив“ за злоупотребите во ЕСМ и подружницата РЕК Битола и одземањето записници од Судскиот совет.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, претходно, повеќе пати ги прозва обвинителите за непостапување, саботирање итн.

„Изминатиот период бевме сведоци на една намалена активност на јавните обвинители, а на што се должеше тоа може само јавните обвинители да кажал. Меѓутоа, последните акции што се преземени може да се толкуваат и како позитивен притисок да си ја вршат работат што им е предвидена по закон и мислам дека ќе вроди со плод. Меѓутоа, тоа треба да биде редовна работа на обвинителите, не да биде со подбуцнување за да почнат работите“, вели за Радио Слободна Европа поранешниот обвинител и експретседател на Советот на јавни обвинители, Константин Кизов.

Ако има транспарентност, ќе нема сомнежи за притисоци

Една од поострите прозивки кои ги упати извршната власт кон правосудството беше и на последната седница за пратенички прашања кога премиерот од собраниската говорница кажа дека имал информации оти неколку стотици случаи од МВР и финансиската полиција се наоѓаат во Обвинителството и дека по нив не се постапува.

Дека станува збор за притисок, велат од невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“, засега не може да се каже. Меѓутоа, забележуваат дека ваквите сомнежи може да се отстранат.

„Мора да напоменеме дека многу е важно јавното обвинителство и судството да ја зајакнат транспарентноста во нивното постапување како би се избегнале сомнежите за влијанија врз нивната работа. Доколку јавното обвинителство и судовите отчетно и одговорно ја вршат својата работа би се избегнале сите сомнежи за политички притисоци врз нив“, вели Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, која долги години ја следи состојбата во правосудството и врши мониторинг на случаите со висока корупција.

И црната листа ги активира постапките?

И Петковска и Кизов забележуваат дека последните случувања, конкретно со отворената истрага за Државна лотарија, следуваат и по најновото ажурирање на црната листа на САД, а не само по критиките дома.

„Јавното обвинителство и другите органи се должни да ги откриваат криминалите. Гледате што се случи и со црната листа, САД да ги имаат тие докази на 8-9 илјади километри оддалеченост, а ние овде да не можеме да ги откриеме. Дали не можеме или не сакаме е прашање кое треба да го докажат други органи. Треба раздвижување, треба што повеќе да се потсетува на законската должност на обвинителството да си ја врши работата“, вели Кизов.

На 9 декември САД ги ставија на црна листа поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, со потесното семејство, како и судијата Енвер Беџети поради вмешаност во „значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање“. Обвинителството веднаш оформи предмет, а по една недела следуваше уште еден предмет против Груби. Овојпат се отвори истрага, каде тој е еден од шестмината осомничени за набавката на ВЛТ апаратите во Државна лотарија. МВР поднесе кривична и против експремиер, но тој засега не е опфатен со истрагата што ја отвори обвинителството. Со Груби, осомничени се и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и четворица членови на Комисијата за јавни набавки.

Како што забележува Петковска од „Сите за правично судење“, раздвижување на обвинителските предмети имаше и претходно во јуни 2023 кога поради вмешаност во корупција САД го санкционираа и актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.

„За жал, мора да констатираме дека јавното обвинителство и претходно кога градоначалник на општина беше ставен на црна листа на САД започна истраги по допрен глас. Од тој аспект, јавното обвинителство пред сè треба да биде ефикасно и да остави впечаток на навремено постапување по предметите особено оние од јавен интерес. Што се однесува пак до судството, клучен фактор е улогата на самите судии, односно потребно е судиите да станат проактивни во заштита на судската независност“, посочува Петковска.

Зборувајќи за црната листа, американската амбасадорка Анџела Агелер, во интервју за „Слободен печат“ на 16 декември, рече дека не е изненадена туку е задоволна што Груби и судијата Беџети се најдоа на неа.

„Моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, Боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран“, рече Агелер.

Најави за нови случаи и обвинувања за партизација

Премиерот Мицкоски, пак, се воздржа од коментари за црната листа бидејќи рече таа си е на американската влада, но вчера изјави дека од тоа што слушнал таа „не е затворена“ и ќе има нови имиња врз основа на доказите со кои се располага.

Претходно на 13 декември, откако беше отворена истрагата „Адитив“ за тендерите во ЕСМ и РЕК Битола, каде меѓу осомничените се двајца поранешни директори, Мицкоски паралелно со критиките кон правосудството, најавуваше дека ќе следуваат уште десетици други случаи.

Додека тој зборува за „робусна борба“ против криминалот, опозицијата го обвинува за мешање и партизација во судството.

Меѓу причините за вакви обвинувања беше и изборот на судијката Данка Ристова за нова членка на Судскиот совет. СДСМ обвини за партизација бидејќи Ристова е сопруга на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов.

Социјалдемократите ова го оценија како скандал и „партиски инсталации во судството како во време на режимот на експремиерот Никола Груевски“.

Премиерот Мицкоски, пак, не негираше дека таа е сопруга на радовишкиот градоначалник, но, рече дека изборот го направиле судиите на непосредни избори.

На негова адреса критиките за мешање во судството претходно упати и Весна Дамева поднесувајќи оставка од фунцкијата претседателка на Судскиот совет. Таа остана член на ова тело, но рече дека се повлекува од претседателската позиција како последица на обидите да се наруши нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот. Дамева обвини дека власта нема слух за подобрување на состојбите во судството, туку напротив го опструира, и дека политичарите од владејачката гарнитура постојано го критикувале Судскиот совет.

Владата, пак, обвинувајќи ја за сомнително работење реагираше дека тоа било единствената правилна одлука.

По преземањето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, по парламентарнтие избори во мај, новата владејачка гарнитура неколку пати најавуваше целосно распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, што не беше поддржано од меѓународната заедница и дел од домашната јавност. Засега е нејасно дали власта ќе се реши на ваков чекор или не.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG