Полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Како што изјави министерот за внатрешни работи (МВР) Панче Тошковски на денешна прес-конференција, полицијата утринава постапила за случај за кој рече дека е се уште во рана фаза. Биле извршени претреси на повеќе локации, рече Тошковски, додавајќи дека случајот е против осум лица, меѓу кои поранешен премиер, поранешен вицепремиер, поранешен директор на правно лице, поранешен генерален секретар, а останатите биле државни службеници. Полицијата постапувала откако на 13.12.2024 година била поднесена кривична пријава од страна на Одделот за сузбивање на сериозен криминал и корупција до скопското Обвинителство.
„Во оваа фаза постојат сомневања дека истите сториле повеќе кривични дела коишто на крајот имаат доведено до поголема штета врз буџетот на македонските граѓани. При претресите кај еден од осомничените се пронајдени парични средства од околу 40 илијади евра, а кај друг 20 илјади евра. Две од лицата не се достапни на органите на прогонот“, рече Тошковски.
Тој додаде дека со овие активности МВР е подготвено да одговори на сите безбедносни предизвици, како и дека криминалните банди немаат место во државата, а нивните активности нема да бидат повеќе толреирани.
И од Обвинителството попладнево соопштија дека повеле истрага за проневера во АД „Државна лотарија“. Во соопштението се вели дека Обвинителство покренало истрага против шест лица осомничени за проневера и злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството, двајца од нив, како одговорни лица во „Државна лотарија“, се сомничат дека нанеле штета на компанијата во висина од преку 500 милиони денари (околу 8 милиони евра).
Според досегашните сознанија, велат од Обвинителството, првоосомничениот, како генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија“, и второосомничениот, кој раководел со седница на Владата во својство на собрание на компанијата, заеднички спровеле активности со кои обезбедиле противправна имотна корист за трето лице.
Покрај нив, четворица осомничени – претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици – се сомничат дека свесно ги спровеле повиците без да бидат исполнети законските услови, што е спротивно на нивните службени овластувања.
Според информациите на Радио Слободна Европа објавени претходно, полицијата во координација со јавен обвинител и судија на претходна постапка врши претреси на девет локации, а акцијата се oднесува за набавката на Државна лотарија на ВЛТ апарати вредни над 10 милиони евра.
На две адреси бил баран Артан Груби, на две Перпарим Бајрами, додека на пет други адреси биле барани членови на Комисијата за јавни набавки при Државната лотарија. Груби и Бајрами не биле на локациите кои ги посетила полицијата.
Вчера, Груби, кој од неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.
Од Обвинителството и МВР најавија повеќе детали за акцијата во текот на денот.
Во меѓувреме, американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во интервју за Слободен печат вели дека воопшто не била изненадена од неодамнешната одлука Артан Груби да биде ставен на црната листа на Соединетите Држави. Напротив, амбасадорката вели дека е многу задоволна од одлуката.
„Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна“, изјави Агелер во интервју за Слободен печат.
На брифинг со обвинителите минатата недела, беше кажано дека различни обвинители постапуваат по три известувања добиени од Финансиската полиција и МВР поврзани со сомнежи за криминал во Државната лотарија. Како што беше соопштено на брифингот, оформени се неколку предмети поврзани за кои беше посочено дека има огромна документација.
Изминатата година, РСЕ објави серија на истражувања поврзани со работата на Државната лотарија, а во кои се испреплетуваа имињата на Артан Груби и Перпарим Бајрами.
Еден дел од истражувањата се однесуваше на сомнителните тендери во Државна лотарија кои ги добиваа фирми на блиски и роднини на сопственикот на „Арбериа Десигн“, кој во минатото беше донатор на политичката партија ДУИ.
Вториот дел од истражувањата се однесуваше на договорот за закуп тежок 2,6 милиони евра кој Државната лотарија го склучи со фирмата „Хеј ДООЕЛ“.
Истражувањата покажаа дека вработен во тогашното министерство за политички систем на Артан Груби од ДУИ, беше член на Управен обор во Државна лотарија и сопственик на сајтот на фирмата која го изнајмува просторот.
Прв сопственик на оваа фирма беше Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски, кој пак беше ортак со зетот за ќерка на лидерот на ДУИ, Куштрим Смајлај. Како прв управител на „Хеј ДООЕЛ“, беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на тогашниот вицепремиер Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Подоцна, со промените во управувачката структура, Машовиќ стана управител на „Хеј ДООЕЛ“, а сопственоста на компанијата ја презеде Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.
До август 2024 година, за 13 месеци, Државната лотарија му исплатила на Пуцко Петрол над 300 000 евра за закуп на деловниот простор.
Премиерот Христијан Мицкоски на 18 септември рече дека тој договор за закуп е основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните органи.