Достапни линкови

Судиите и обвинителите меѓу интегритетот и политичката спрега


Илустрација
Илустрација

Дисциплински постапки за двајца обвинители, оставка на претседателката на Судскиот совет, денеска надзор во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Сите овие случувања следат по обвинувањата од власта за судиите и обвинителите и јавните политичките препирки околу политизиран правосуден систем. За дел од правниците и луѓето од фелата, само судии со интегритет може да бидат лекот против „ракот “ во судството.

Обвинителите ќе се реорганизираат, судиите ќе бираат нов претседател на Судски совет, а експерти на тркалезна маса дебатираат за законски измени. Ваква е сликата во македонскиот правосуден систем деновиве што навидум изгледа како нова траса на реформскиот караван.

Но, во заднина се кршат копја, особено политички, за тоа која партија досега повеќе го политизирала судството. Политичката реторика за тоа кој е виновен за состојбата се вжештува до точка на вриење.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ јавно обвинува судии и обвинители за опструирање на правдата и ветува „робусна акција против нив“ без да открие детали.

Опозициската СДСМ пак, тврди дека тоа е притисок и обид повторно да се зароби судството, пострашно од, како што велат, времето на претходниот премиер Никола Груевски. Бараат меѓународен мониторинг и странски експерти за спроведување на реформи.

Луѓето од фелата и правните аналитичари бараат од судиите и обвинителите да покажат интегритет.

Членовите на Судскиот совет ги премолчеа обвинувањата на Дамева

По најавата на премиерот Христијан Мицкоски на 29 ноември за „робусна акција против судии и обвинители кои ја попречуваат правдата“, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева поднесе оставка од функцијата, обвинувајќи ја власта за опструкции и притисоци. Таа изјави дека дел од причините за нејзината одлука биле и изјавите на премиерот за фалсификувани записници и „судски кланови“ во Советот.

Но, нејзините колеги во Судскиот совет не застанаа зад неа во разрешувањето на правната дилема до кога требаше да и трае мандатот, дали до 5 декември годинава, затоа што на тој датум во 2022 беше назначена, или уште осум месеци, како што тврдеше Дамева, поради „правниот вакум“ кој настанал по нејзиното незаконско разрешување.

Пензионираната судијка од Врховниот суд, Вера Коцо смета дека остана отворено прашањето за ставот на Судскиот Совет, што членовите сметаат за продолжување на мандатот на Дамева, при состојба кога не е укината одлуката на претседателот кој функционираше по нејзиното разрешување во април минатата година.

„Судскиот Совет не се одважи да одлучи во врска со тоа. Оставката на претседателката дадена непосредно пред истек на мандатот, како што таа наведе, дека е под притисок, е повеќе резултат на случувањата во Судскиот Совет, кој не обезбеди продолжување на нејзиниот мандат, поради што изостана предизвикот на Судскиот Совет да се справи со изјавите на власта“, вели за радио Слободна Европа поранешната судијка Коцо.

Вера Коцо: Распуштање на Судскиот совет е политичка мерка
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:24 0:00

Коцо посочува дека судиите треба да бидат имуни на притисоци и да се справуваат со нив, затоа што тоа е еден вид на „данок на професијата“.

Членовите на Советот, на итната седница на која беше констатирана оставката, кусо изјавија дека се изненадени и затекнати од одлуката на Дамева. Ниту еден од присутните не ги коментираше тврдењата за притисоци. Само побараа време да размислат кој од нив треба да ја замени Дамева на претседателското столче.

Дамева беше трета по ред претседател на Судскиот совет која седна на функционерското столче по „бурни политички пресметки“ во последните три години. Нејзината претходничка Павлина Црвенковска кога поднесе оставка во декември 2022 година, обвини за притисоци од „судско-бизнис елита“. Додека Сашко Георгиевски, кој беше на таа функција осум месеци по спорното разрешување на Дамева, е единствениот кој тврдеше дека не чувствувал никакви притисоци.

И Дамева и Црвенковска беа назначени за претседателки на Судскиот совет на предлог од поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски. И двете дојдоа од редот на стручните соработници, но сепак нивниот мандат беше одбележан сообвинувања за политичко мешање во Судскиот совет.

Судиите и обвинителите ретко се бунат

Според професорката по право и експерт за човекови права, Мирјана Најчевска во изминативе 33 години, граѓаните се сведоци на иста шема. Партиски структури назначуваат, менуваат и разрешуваат членови на судскиот и обвинителскиот совет, посочува таа.

„Она што мене ме загрижува е што судиите и обвинителите не се бунат, не реагираат во ниту еден момент кога има проблеми во судењето, во назначувањето, во кариерното напредување, во именувањето на судиите, се додека не се тангираат конкретни личности, или некој сам судија или јавен обвинител во конкретен случај“, вели Најчевска.

Таа додава дека промената во правосудниот систем или ќе дојде одвнатре со што што судиите и јавните обвинители ќе побараат примена на објективни правила, процедури критериуми во кои ќе бидат назначувани, или ќе продолжи оваа шема на именување и назначување под капата на конкретни политички партии.

Две дисциплински постапки против обвинители

За разлика од молкот во судската фела, во обвинителската се забележа „раздвижување“ по критиките од власта.

Откако премиерот Христијан Мицкоски неколку пати во јавноста посочи примери за „плашливи и болежливи“ обвинители кои, според неговите информации избегнувале да постапуваат во според закон - тајните предистражни постапки, од Јавното обвинителство соопштија дека „ со исклучителна сериозност“ ги следат апелите на извршната власт и дека презеле мерки за да се зголеми ажурноста.

Сите обвинители од републичкото обвинителство, со одлука на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска (4 декември) влегоа во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за да извршат контрола. Претходно, вакви контроли беа направени во сите Виши обвинителства, а до крајот на годинава, според најавите, ќе има надзор и во Одделението за меѓународна правна помош и Канцеларијата за врски со Европравда.

Информацијата за контролите следува откако вчера (3 декември) Коцевски издаде задолжително упатство со кое ги задолжил сите обвинители да ги приоретизираат корупциските предмети.

А, во меѓувреме републичкиот обвинител побара и диспиплинска одговорност за суспендираниот шеф на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи и за вишиот обвинител Јован Цветановски. Ова, пак, следуваше откако Коцевски го добил конечниот извештај од надзорот во Вишото обвинителство. Дисциплинската одговорност ја покренал поради нестручно и несовесно работење на обвинителите, се вели во соопштението.

„Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење“, информираат од Јавното обвинителство.

Но, владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжи со обвинувањата дека токму главниот обвинител Коцевски е одговорен за „неработењето на обвинителите под него“.

„Љупчо Коцевски е одговорен за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Коцевски наместо да работи на владеење на првото и да го санкционира криминалот, тој ја продлабочува недовербата на граѓаните во правосудството“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Невладините предупредуваат - судскиот систем пред колапс

Во меѓувреме невладиниот сектор предупредува, судскиот систем може да колабрира додека политичарите се караат чии се судиите и обвинителите. Последните податоци покажуваат дека бројот на судии се намалил за една четвртина, додека бројот на предмети се зголемил за 40 отсто.

Според истражувањето на „Сите за правично судење“, во 2020 година низ сите судови во земјава имало вкупно 494 судии, а пет години подоцна 369 или 125 помалку. Најпогодени се судовите во битолското апелационо подрачје каде намалувањето е дури за една третина.

Кога се во прашање обвинителствата, кадарот се намалил и таму, но не толку алармантно. За пет години, има само 16 јавни обвинители помалку – од 193 во 2020 на 177 во 2024 г.

И кај нив има зголемување на предметите, но во просек за 14 отсто по обвинител. Еден обвинител пред пет години во просек во одреден момент имал 64 предмети во работа, а годинава има 73.

ЕУ очекува резултати по препораките

Токму правосудството е клучниот сектор во кој и Европската Унија очекува Северна Македонија да испорача реформи и резултати. Тоа го истакна и новиот евроамбасадор во Скопје, Михалис Рокас, во првото интервју откако стапи на должноста. Тој посочи дека приоритет треба да биде законот за Судски совет, кој потенцираше е важна реформа во поглед на тоа како е формиран, но и како се избираат и разрешуваат судии.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG