Достапни линкови

План или приказни за дестабилизација - политиката го пали фитилот


Илустрација
Илустрација

Случајот со палењето автомобили и деловен објект во Куманово на лица блиски до ДУИ е последниот од низата инциденти кои загрижуваат дека можат да поттикнат меѓуетнички тензии. Аналитичари за РСЕ велат дека вакви обиди има кога тоа и е потребно на некоја политичка партија. Премиерот Мицкоски повика на смиреност, опозициската СДСМ бара лидерска средба.

Обиди да се дестабилизираат меѓуетничките релации во Северна Македонија има секогаш кога тоа е потребно на некоја од партиите, велат политички аналитичари за Радио Слободна Европа, по низата инциденти во последните денови.

На 28 ноември на прославата на Денот на албанското знаме на различни локации беа сквернавени и албанското и македонското знаме, поради што полицијата уапси 17 лица.

„Ние сме такво општество каде очигледно се игра на чувствата на етничка припадност. Иако личи дека битката е кој е поголем Албанец меѓу Албанците, очигледно е дека настаните имаат реперкусии во поширокото општество. Кога се прават насилни дејства, клучно е институциите да си ја работат својата работа, односно да делуваат брзо, непристрасно и неселективно“, вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Случајот со палењето на автомобили и деловен објект во Куманово утрото на 2 декември, од кои еден е на јавниот обвинител Џелал Бајрами, поранешен министер за труд и социјална политика од сега опозициската ДУИ, а другиот е на советник во Општина Куманово од истата партија, се надоврзува по инцидентите се сквернавењето на знамињата на Денот на албанското знаме.

Кој долева масло на огнот?

Опозициската партија од албанскиот политички блок, ДУИ, не може да се изостави од случувањата кои би можеле да разгорат меѓуетнички тензии, коментираат аналитичари со кои разговараше РСЕ. За едни, вината за тоа е кај власта затоа што по ланските парламентарни избори коалицираше со Вреди од албанскиот политички блок. Но други аналитичари прстот го вперуваат во ДУИ затоа што не може да се помири со пораз по 20-тина години владеење.

По изборите, ВМРО-ДПМНЕ за партнер во власта ја повика коалицијата „Вреди“, додека ДУИ сметаше дека тие се легитимен претставник на Албанците. Премиерот Мицкоски рече дека коалицијата „Вреди“ со резултат од 107.000 гласови на парламентарните избори е кредибилиен партнер во идната Влада ѝ ја испрати ДУИ во опозиција.

Меѓуетничките релации се користат кога властите не можат да ги испорачаат политиките и резултатите што ги ветиле, вели Сефер Селими, извршен директор на „Демокраси лаб“, за РСЕ.

„Актуелната Влада ги губи перспективите за евроинтеграции и не може да испорача уставни измени. Затоа е заинтересирана да ја замајува јавноста дури и под ризик да ги влоши меѓуетничките односи како најсензитивна полтичка тема. Влошена е вкупната клима и тоа не е на реалција Македонци - Албанци, туку на релација држава - Албанци затоа што Албанците во институциите се соочуваат со отпуштања и маргинализација“, изјави Селими.

Политичкиот аналитичар и поранешен министер Џевдет Хајредини, пак, на социјалната мрежа Фејсбук го осуди сквернавењето македонски знамиња, за време на прославата на Денот на албанското знаме.
„Не е знак на храброст со кола да газиш над знамето на државата во која живееш“, напиша Хајредини.

Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки, смета дека вкупните случувања немаат класичен организиран дел. Но смета дека на одредена политичка структура, во овој слулај ДУИ, овие настани ѝ одат во прилог за да ги искористи за свои цели. Според него, иако во јавноста се чувствува тензија, таа не може да прерасне во конфликт затоа што „конфликтите се минато свршено време“.

„Одредена политичка партија, за да опстои на власт, односно да сокрие криминални активности поврзани со долгогодишно дејствување, се обидува тоа да го прави на секаков начин. Ние во криминалистиката поставуваме верзии. Едната верзија е дека може и сама да предизвикува негативни состојби што ќе влијаат врз јавното мислење. Мислам дека таа партија има добро обработен систем на политичко негативно влијание врз состојбите за да може да дојде повторно на власт, и тоа сценарио ѝ одговара“, вели Буџаковски.

Власта бара смиреност, опозицијата - лидерска средба и оставки

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски испрати порака до граѓаните за единство и смиреност и им порача да не потпаѓаат на провокации.

Според Мицкоски, вакви работи ќе се случуваат и во иднина затоа што, како што кажа, „овие луѓе се исплашени за милионите кои ги спечалија на грбот на обичниот народ и сега знаат дека доаѓа време за правда“.

„Знам дека постои една изолирана политичка група која изминативе пет, сега веќе шести месец тешко се навикнува после повеќе од две децении во власта да биде во опозиција, но она кое што нив ги вознемирува е фактот дека можеби правдата е спора, но полека се доближува до нив. Ќе има и други обиди за ескалација, за меѓуетнички тензии, дури и ова што се случуваше пред неколку дена од наша страна беше превенирано и беа предупредени сите релевантни фактори и нашите стратешки партнери“, изјави Мицкоски по инцидентите со знамињата на 28 ноември.

Коалицијата албански партии „Вреди“ го осуди сквернавењето на државното знаме и го нарече чинот „срамен и неприфатлив“.

„По досега невидената прослава на 28 ноември, додека албанската песна и оро одекнуваа низ целата земја, очигледно оваа празнична атмосфера не им одговараше на оние на кои им се наруши комфорот на фотелјите на власта. На крајот на денот се појавија овие кругови кои сакаат да ја дестабилизираат државата. Не затоа што ја сакаат државата, туку затоа што им недостига власта“, соопштија од „Вреди“.

„Вреди“ објави и дека се обезбедени фотографии со кои докажуваат дека младите што го запалија државното знаме се блиски соработници на поранешниот вицепремиер од ДУИ, Артан Груби. Груби демантираше поврзаност и најави тужба.

Од ДУИ побараа итна и неотповиклива оставка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот заменик Астрит Исени за инцидентите на Денот на албанското знаме. Ако нема оставки, партијата најави интерпелација за министерот за внатрешни работи и за неговиот заменик. По инцидентот во Куманово со палењето автомобили на бивши функционери од ДУИ, од партијата повикаа и на итна интервенција од меѓународната заедница, за, како што соопштија, да запре опасната спирала на насилство и омраза која ги загрозува мирот и стабилноста во земјата.

СДСМ, пак, повика на лидерска средба.

„Граѓаните сакаат да ги видат политичарите заедно на маса, сите лидери на парламентарните партии, сите заедно да испратиме една порака каде ќе наведеме дека остануваме стабилна држава и дека сме посветени на мирот и на соживотот“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ во телевизиско гостување.

Во однос на ставовите на премиерот Мицкоски за дестабилизација на државата, Димитријевиќ посочи дека не треба да се влегува во приказната за дестабилизација.

По парламентарните избори во Северна Македонија во мај 2023 година, кога ДУИ изјавија дека се незадоволни затоа што не влегоа во Владата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ најавија протести во септември, но досега не ги одржаа.

Премиерот Мицкоски летово најави дека има информации, добиени од повеќе канали, дека раководството на ДУИ ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата за да го заштити капиталот создаван во последните 20-22 години.

По инцидентите на 28 ноември и денешните во Куманово, кои се проследени со заострена реторика меѓу политичките партии, верските лидери во Северна Македонија повикаа на соживот.

„Бог ни дал да живееме во една, заедничка држава. Затоа ние, поглаварите на Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница, ги повикуваме сите македонски граѓани да не потклекнат пред некои обиди за нарушување на соживотот, туку сите заедно да продолжиме да ја запазуваме почитта едни кон други, кон државните симболи на нашата Татковина и кон симболите на сите етнички заедници во неа“, соопштија верските заедници.

XS
SM
MD
LG