Барања и понуди за предвремени избори, жестока дебата со навреди и обвинувања на првите пратенички прашања, но и неколку моменти на обединување на власта со една или друга партија од опозицијата, приреди актуелниот парламентарен состав во Северна Македонија кој ги ситни првите шест месеци од својот мандат.
По сè што можеше да се види досега од политичките актери, нема многу оптимизам кај дел од аналитичарите за прашањето може ли да се очекува поинаква политичка клима – издигање над атмосферата во која опозицијата од старт отфрла сè што доаѓа од власта и обратно, и постигање консензус околу важни теми од национален интерес.
Решение за спорот со Бугарија односно за уставните измени со кои бугарската заедница ќе се вметне во Преамбулата, е единствената точка за која нема дилема дека би имало обединување.
„Прашањето е кои се тие национални интереси каде може да има обединување. Она за што јас очекувам дека може да постои некаков консензус е доколку се истурка некакво прифатливо решение за спорот со Бугарија што го имаме и мислам дека тука не би требало да има проблем, околу постигнување консензус. За други прашања сè зависи од тоа што е проблематиката и какви се претходните ставови на партиите“, вели аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.
Аналитичарот Сефер Селими, пак, истакнувајќи го досегашниот бекграунд на политичките партии и улогите во кои се наоѓаат сега, смета дека атмосферата е поблиску до поделби отколку до обединување за други национални прашања.
„Очекувам дека не само што нема да се најде некој национален консензус туку поларизацијата ќе биде многу димензионална и тешко дека ќе стигнеме до обединување за важни теми“, вели Селими.
Кога се во прашање уставните измени и идејата на власта за нивно одложено дејство, односно добивање гаранции дека ќе нема други условувања, прво треба да се убеди и меѓународната заедница. Со Бугарија, пак, освен за железничката пруга од Коридорот 8, други разговори нема. Таму пред неполн месец се одржаа избори, а политичка влада сè уште не е формирана и неизвесно е дали и кога тоа ќе се случи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска (7 ноември) на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, како што рече, нема договорено средба со бугарскиот претседател Румен Радев.
Ќе има повеќе поделби?
Додека е нејасно дали воопшто нешто ќе се промени околу процесот со уставни измени, за останати прашања, посочуваат нашите соговорници, тешко е да се предвиди дали власта и опозицијата може да се најдат на иста фреквенција.
Во сето тоа, како што посочува Божиновски, улога ќе имаат и калкулациите на самата опозиција дали би имала некаква корист од консензус со власта.
Селими, пак, кој очекува поголема поларизација предвидувањата ги темели на тоа што, како што вели, на власт се наоѓа партија „која е позната по поларизација на општеството со теми поврзани со чувствата на граѓаните и гласачите“. Тука тој ги додава и очекувањата за однесувањето на опозицијата во иднина.
„Тие што изгубија на изборите, зборувам за СДСМ и коалицијата, сигурно дека нема да ги остават да се раскомотат во Влада знаејќи дека повеќето од прашањата и проблематичните теми со кои ВМРО-ДПМНЕ поентираше сега некако се обидува да ги избегне и да заземе друг став. ДУИ, пак, се наоѓа во позиција каде победила во албанскиот блок, а е изоставена од учество во Владата додека некои од најчувствителните политички прашања поврзани со правата на Албанците и помалите заедници се под притисок од страна на власта“, вели Селими.
Во Собрание дел од ваквите наративи веќе можеа да се слушнат. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го прозва премиерот дека „Мицкоски на власт и Мицкоски во опозиција очигледно не се познаваат“ бидејќи го плукнал секое ветување и секоја политика на која градел кариера.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Ајде премиере, еве сега е шанса, во Собранието да го вратите мандатот“, рече Филипче на првите пратенички прашања одржани на 31 октомври.
„Индицентно“ обединување
Но, два дена претходно во истиот парламент, СДСМ се обедини со власта за носењето на Националната развојна стратегија за 2024-2044 година.
„Тоа се некои инцидентални политики“, коментира Селими потенцирајќи дека во конкретниот пример станува збор за документ кој бил започнат уште во владеењето на СДСМ и под покровителство на претходниот претседател Стево Пендаровски, па според него логично е да дадат својата поддршка.
Пред усвојувањето, пратеникот и поранешен вицепремиер во владата на социјалдемократите, Фатмир Битиќи повика на гласање затоа што, рече, Стратегијата ги надминува политичките поделби и личните амбиции. Слични пораки упати и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, а сега пратеник Димитар Ковачевски, велејќи дека тоа е натпартиски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен документ во чија подготовка учествувале сите партии, заедници и институции.
ДУИ, пак, во конкретниот случај бараше повлекување и корекции на Стратегијата. Но, интегративците поддршка дадоа претходно кога на власта и требаше двотретинско мнозинство – за реорганизацијата и воведувањето на нови министерства и за измените со кои се спречи да има предвремени локални избори во Аеродром, Гостивар и Сарај зашто нивните градоначалници станаа министри односно пратеници.
„Не гледам проблем од ДУИ да соработуваат за прашања за кои сметаат дека е во нивна корист или е во согласност со програма што ја претставуваат пред нивните избирачи. Тие имаат одредени ставови и нормално ако им е во интерес и согласно тие ставови не гледам зошто не би поддржале“, вели Божиновски.
Пораки за обединување, барем декларативно, власта досега испраќаше некоку пати. Премиерот Мицкоски неодамна повика на соработка и обединување најавувајќи нова стратегија за периодот до 2050 година, што ќе се прави со Македонската наука за науките и уметностите, а за која ќе бара консензус и од политичките партии.
Опозицијата ќе се занимава и самата со себе
Меѓутоа, во дебатата за обединувањата и поделбите, на политичката клима влијание ќе имаат и внатрепартиските случувања, пред сè, во опозициските редови.
„Самата опозицијата е многу слаба во моментов и тие повеќе се занимаваат со себе – што и како, отколку со другите затоа што пред себе имаат сериозни искушенија. СДСМ на овие избори го имаше најлошиот резултат во неговата историја и во моментов не гледаме некаква организирана активност од нивна страна. Претпоставувам дека сега треба да има внатрепартиски реформи“, додава Божиновски.
Пред два дена Централниот одбор на СДСМ одлучи да закаже конгрес за 24 ноември, а во соопштението што го објавија, оценија дека досегашните активности водат кон консолидација.
Додека дел од партиските членови сметаат дека е нормално да потрошат одреден период, барем една година, за „враќање во живот“ по тешкиот изборен пораз, други веќе и јавно критикуваа дека „партијата е заробена“.
ДУИ, пак, која околу две децении беше на власт, не гледа потреба да се реформира откако замина во опозиција. Во партиските преписки изминативе денови со нивниот ривал во албанскиот блок, Вреди (ВЛЕН), порачаа дека се посветени на чистење и зајакнување на своите редови. А, како пример за реформи го посочија заминувањето на својот поранешен функционер, а сега еден од лидерите во коалицијата Вреди, Изет Меџити.
На последните парламентарни избори одржани на 8 мај, интегративците кои ја предводеа коалицијата Европски фронт добија 18 пратенички места наспроти Вреди со 14 мандати. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ која освои 58 пратеници реши да формира влада со Вреди, а во коалицијата им се придружи и партијата ЗНАМ со шест пратеници.
Социјалдемократите на овие избори добија 18 места во парламентот. Во опозициските редови се наоѓа и Левица со шест пратеници.