Економијата е во предност пред политиката, со најава за сериозна борба против криминал и корупција, но без видливи поголеми резултати, додека граѓаните се уште ги чекаат придобивките од „фуриозниот старт“ на новата влада на премиерот Христијан Мицкоски. Вака накусо може да се сублимираат првите сто дена од работата на владеачката коалиција, кои за партиите во власта се успешни, а за опозицијата се - катастрофални. Аналитичарите пак, без поголеми очекувања, велат сто дена се малку за да се оцени работата на Владата, но доволно за да покажат во која насока ќе се движи државата политика.
Надворешно неинтегирани и повторно скарани со соседите
Одвојувањето на Северна Македонија од пакетот со Албанија на патот кон интеграција во Европската Унија е последната „шлаканица“ која дојде во пресрет на заокружување на првото тромесечие од владењето на коалицијата сочинета од ВМРО- ДПМНЕ, Вреди ( Влен) и Знам.
Албанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, додека Северна Македонија нема затоа што не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.
Токму едно од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ во нивната програма беше напредок во евроинтеграцискиот процес и полноправно членство во ЕУ.
Нивниот коалициски партнер Влен( Вреди) во својата предизборна програма пак посочи и рок од шест месеци за исполнување на условот за почетокот на преговорите со ЕУ.
Последната изјава на премиерот Мицкоски, која ја даде пред посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, укажува дека наскоро нема да се случи такво нешто.
Ставот на Мицкоски е дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според објаснувањето на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.
„Ете тоа го понудив во Брисел. Конструктивен сум ? Да. Нудам предлози? Да. Спремен сум да разговарам, не викам не прифаќам. Но дали тие сакаат?“, изјави Мицкоски.
Додека во земјава македонските политички партии се обвинуваат меѓусебно кој е виновен за последната европска одлука, источниот сосед донесе нова Декларација во бугарскиот Парламент, каде што сите политички партии кои веќе трета година се обидуваат да станат владејачки на седми избори по ред, се согласија дека треба да се осудат, како што велат, антибугарските изјави на македонските политичари.
Тие бараат од македонските политичари „да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји“
Грција бара „ерга омнес“ употреба на новото име
Проблеми не изостануваат ни со јужниот сосед, Грција, која во првото тримесечие на новата Владата се пожали дека ноата власт не го користи уставното име на државата Северна Македонија.
„Државниот врв на Северна Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа“, изјави грчкиот министер за надворешни работи на Јоргос Герапетритис во интервју за грчки медуим.
Тој додаде дека пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе биде „незамисливо и неприфатливо“ без нејзиното „целосно и безусловно“ почитување на меѓународното право, вклучително и договорот за името со Грција.
Премиерот Мицкоски и претседателската Гордана Силјановска Давкова соопштија дека придавката Северна ќе ја користат за надворешна употреба и дека како претставници на државата ги почитуваат и двата Договора со соседите.
СДСМ: Првите сто дена на новата Влада се катастрофални
Првата оценка за работата на новата влада пристигна од опозициската СДСМ. За нив првото тромесечие е катастрофално. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски во интервју за РСЕ вели дека почетокот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е спротивно на очекувањата на граѓаните.
„Јас очекував согласно изборната волја на граѓаните и изборните резултати дека едно од првите одлуки во македонското Собрание ќе биде прашањето околу Преспанскиот договор, прашањето околу Договорот со Бугарија, прашањето околу промената на преговарачката рамка. Тоа беа клучните прашања што ВМРО-ДПМНЕ ги постави пред македонскиот електорат во предизборната кампања. Да не говориме за низа други прашања кои се катастрофално поставени и започнати во првите сто дена од Влада“, вели Спасовски.
Според него проблемот е во неисполнувањето на ветеното е во, како што вели, слабиот кадровски капацитет кој го понудила владејачката партија.
Аналитичарот Џелал Незири вели дека не може да се оцени работата на една Влада по првите сто дена од нејзиното владеење, но може да се насетат насоките во кои ќе се движи државната политика.
„Ако по утрото денот се познава, тогаш може да кажеме дека Владата немаше добар почеток во интеграциите во ЕУ, немаше добар почеток во негување на односите со соседите, прво со Бугарија па потоа и со Грција. На внатрешен план има поларизација на општеството и влошување на етничките односи“ вели Незири.
Според неговата проценка, дел од економските одлуки кои ги донесе новата Влада беа подобри од политичките.
Економскиот старт посилен од политичкиот
Во првите сто дена од владеењето на новата Влада, во владините соопштенија доминираат фотографии од премиерот Христијан Мицкоски на настани за поставување на камен темелник за локален пат, инвестиција за фабрика, или пак посета на институции, каде раководителите се жалат дека функционер не ги посетил со години.
„Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува“, рече Мицкоски најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.
Мицкоски во експозето на седницата за избор на членови на Владата најави „фуриозен почеток на проекти“ и уште неседнат во премиерската фотелја рече дека на 25 јуни ќе промовира инвестиција од 400 милиони евра.
Едно од ветувањата за постепено намалување на буџетскиот дефицит на ниво под 3 проценти, не е исполнето, покажува платформата за одговорна Влада направена од невладината Центар за управување со промени. Со ребалансот на буџетот, првично предвидениот дефицит од 3,4 проценти е ревидиран и утврден на повисоко ниво од 4, 9 проценти од БДП.
Но, со ребалансот на буџетот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ делумно го исполни ветувањето за линеарно зголемување на пензиите, па од октомври пензионерите добиваат за 2 500 денари повисока пензија, а втората половина од ветеното покачување од 5 илјади денари е оставено за исполнување во март догодина.
Во првите 100 дена беа ветени дека уште во втората половина на септември ќе почне децентрализација на финансиски средства и инвестиции во општините од 250 милиони евра, чие остварување е почнато. Но, разликата е во тоа што наместо ветените 250 милиони евра, за годинава се обезбедни само 100 милиони евра од македонскиот буџет.
Владата во првите сто дена соопшти дека ги платила заостанати субвенции на земјоделците во износ од 16 милиони евра, донела одлука за реконструкција на девет студентски домови вредна 18 милиони евра како и изградба на нов студентски кампус, а исплатени се ѝ заостанати плати во Железница, Национални Шуми и Водостопанство.
Исполнувањето на ветувањата за подобар животен стандард граѓаните тешко ги забележуваат во паричникот. Од една страна, власта тактизира со барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата, како и со барањата за покачување на платите во образованието.
Ова усогласувањето на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор беше предвидено покачување од 0,75 проценти од моменталната просечна плата во земјава која изнесува 41.939 денари. Тоа значи дека работниците од овој месец треба да добијат повисоки плати за 200 до 300 денари.
Од друга страна, пак, стапи на сила новиот закон за фер трговски практики,со кој се предвидува листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат повисоки од 10 отсто.
Во меѓувреме Министерот за економија, Бесар Дурмиши, најави есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, со која на некој начин се предвидува замрзнување на цените на одредени основни прехранбени производи.
Најавите за нови замрзнувања на цените доаѓаат и покрај ветувањата на властите од минатиов период дека инфлацијата ќе се стабилизира.
Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека потрошувачите мора да бидат заштитени, но посочува дека секоја владина одлука која го засега бизнисот мора претходно да биде координирана со бинис заедницата.
„Не смее и не може да се повторува секоја година како што беше во последните две-три години, мерките да бидат на грбот на бизнисот, особено што знаеме дека сите компании скоро без исклучок се зависни од суровините и производите коишто ги продаваат на домашен пазар од увоз“, вели Халили.
Првата реформа - нови министерства
Едно од клучните ветувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше реорганизацијата на државниот апарат со негово намалување за 10 проценти.
Но, од претходните 16 министерства и 20 членови на Влада, со новата реорганизација се формираа 20 министерства и 23 членови на Владата
Трансфер на вработени, менување на десетици закони и правилници за работа на министерства се дел од работите кои следуваа по реорганизација на Владата. Некои од новите министерства и по три месеци немаат простории, додека други сè уште кубурат со вработени, затоа што до крај не е реализиран трансферот.
Во меѓувреме силното мнозинство кое го има владејачката коалиција во Собранието, засега од големи реформи донесе само една - реогранизација на Владата.
Оваа промена дојде со поддршка од опозициската ДУИ. Со неа заеднички интерес изнајдоа и во законското решение со кое ќе се одбегнат предвремени локални избори за градоначалници во општините Аеродром, Гостивар и Сарај. Тоа беа општини чии градоначалници станаа министри за надворешни работи и здравство, и еден пратеник во Собранието.
По тоа на дневен ред дојдоа „основните прашања“ за владејачките партии, кој ќе биде директор, советник, раководител на сектор...
Во меѓувреме не изостанаа ни информации за вработување на партиски вработувања на високи позиции без потребни квалификации . На пример Владата прво ја назначи па набрзо ја разреши новоназначената ревозорка за искористеноста на европските ИПА фондови Афрона Веризволи, затоа што немаше сертификат за ревизор.
Дополнително братучедот на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, Бурим Љатифи е поставен за нов директор на МЕПСО. Тој во интервју за Радио Слободна Европа ја потврди оваа информација.
„Да. Тој беше во основачите на Демократското движење, дел од важните структури од помладата генерација. Но, не се точни другите обвинувања на опозицијата“ изјави Меџити.
Раскинат договор на Лотарија и укинато онлајн коцкањето
Во првите сто дена, „тешки зборови“ владејачкото мнозинство постојано ги напаѓаше своите претходници. ВМРО-ДПМНЕ и Влен( Вреди) постојано ги обвинуваа СДСМ и ДУИ за празнење на буџетот и криминално раководење со државата во нивниот претходен мандат.
Но, кога станува збор за детали околу доказите, големо внимание се посвети на аферата за потрошните државни пари на поранешната министерска за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на куфери и мечиња при едно од нејзините патувања.
Аналитичарот Незири смета дека Владата потфрли на полето борба против корупција, затоа што од силните најави досега нема ништо.
„Ние бевме сведоци дека оваа владејачка гарнитура објавуваше коруптивни скандали и тврдеше дека има докази и многу материјал за криминал наведувајќи дека кога ќе дојдат на власт ќе ги спроведат до надлежните институции, за тие што се огрешиле пред законот да одговараат. До овој период нема резултати на тоа поле“, вели Незири.
Како поголем случај, последен објавен од владејачката партија, беше предметот Лотарија, за кој Радио Слободна Европа изминатата година објави серија истражувања.
„Владата не само што го раскина договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, туку тој е и основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку дури и до три пати поголема од пазарната“, изјави на 18 септември премиерот Мицкоски.
Владата соопшти дека од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа. Па донесе одлука со која беше покрената постапка за укинување на Државната видеолотарија НОВО ВЛТ ДОО Скопје, затоа што, незаконски поседувала право за електронски игри на среќа.
Дополнително со владината одлука беше запрено и онлајн коцкањето, при што згаснаа четири платформи за интернет игри на среќа кои биле основани во време на претходната владејачка гарнитура СДСМ-ДУИ.
Незири додава дека токму оваа одлука за затворање на онлајн коцкањето го забележува како најголем успех во првото владино тримесечие.
Но, тој предупредува дека се забележува назадување во транспарентноста во првите сто дена од новата Влада, дека не функционира алатката за пристап до информации од јавен карактер, како и алатките за транспарентна Влада, веб страниците не се ажурирани навреме и многу министерства немаат одговорно лице за односи со јавноста.
Ветено - сторено: Нови лекови на позитивна листа
Фондот за здравство најави план за раздолжување кон болниците, но и дека на позитивна листа се ставени девет нови лека, а уште 10 ќе бидат догодина додадени. Во првите сто дена беа разрешени и 33 економски (организациски ) директори во клиниките, кое беше едно од честите ветувања кои ги даваше министерот за здравство Арбен Таравари во изборната кампања.
Владата започна со реализацијата на проектот за зголемување на бројот на млади специјализанти во дефицитарни области. Министерството за финансии доби задача до декември годинава да обезбеди пари за вработување на 300 специјализанти, додека Министерството за здравство до тогаш треба да утврди каде конкретно да се вработат 300 специјализанти годинава и 300 догодина.
Внатрешно поделени со најави за можна дестабилизација
Додека „меденото тримесечие “ на новата владина коалиција завршува, опозициската ДУИ тивко негодуваше со политиките и одлуките на нивните наследици во власта, иако на нивна адреса се упатуваа најави за можна дестабилзиација. Викендов ДУИ излезе со куса најава.
„Ние сме тука и ние сме подготвени“ беше слоганот објавен под фотографијата од работниот состанок во Мала Речица на поранешните функционери од оваа партија.
Детали засега нема. Премиерот Мицкоски во неколку наврати испрати пораки за загриженост за, како што вели, обидите да се создаде конфликт оваа есен, конкретно посочувајќи ја ДУИ како дестабилизирачки фактор во земјава. Според премиерот, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста.
Во меѓувреме наместо информации за најавените реформи и предизборни ветувања, се отворија некои вечни теми - законот за балансерот или законот за бранителите.
Не изостанаа ниту афери, како на пример, кој од власта дозволил собранискиот спикер Африм Гаши со службено возило да отиде на свадба во Косово со колона „свадбари “ или како неговото обезбедување неовластено „се обидувало да ја смири “ ситуацијата на меѓународниот скопски аеродром каде што на проблеми се пожалила косовската претседателка Вјоса Османи.
Темите за вработувањето по етнички клуч и најавата за создавање на албанска Академија на науките и уметностите во Северна Македонија, кои во вториот месец од владеењето ги разгореа партиските страсти, ги покажа првите несогласувања меѓу владините партнери. Двете од три владејачки партии разменија неколку јавни преписки околу овие прашања.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски пак изрази сомнеж дека во иднина се очекува промени во составот на владејачката коалиција.
„Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е поставена на многу добри односи. Мене нема да ме изненади и за очекување ми е во следниот период ДУИ да биде сигурно дел од Владата“, изјави Спасовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение, ги отфрлија тврдењата за можно вклучување на ДУИ во владината коалиција. Оттаму велат дека немаат никакви намери да се прават промени во актуелната влада и дека нивните приоритети се насочени кон реформите.