Достапни линкови

Скопје и Софија – Од културна дипломатија до протестна нота


Средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев во Софија беше прва откако претседателката ја презеде функцијата.
Средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев во Софија беше прва откако претседателката ја презеде функцијата.

Бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков во Северна Македонија не ја примил протестната нота што планираше да му ја врачи МНР. Северна Македонија го повика со цел да му ја врачи откако на средбата во Софија претседателите на двете држави, Сиљановска-Давкова и Радев, беа фотографирани пред бугарското и знамето на ЕУ, а без македонското знаме.

Не помина ни една недела откако новоименуваниот амбасадор на Бугарија во Северна Македонија, Желјазко Радуков, ги предаде акредитивните писма на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, 16 септември, тој беше повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за да му биде врачена добие протестна нота.

„Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Радуков не ја примил протестната нота, потврдија од МНР за Радио Слободна Европа (РСЕ).

По разговорот, од МНР објавија соопштение во кое велат дека Министерството изразува загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што било побарано објаснување од бугарската страна.

„Дополнително, на амбасадорот Радуков му беше укажано дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е непријатно изненадено од последната изјава на амбасадорот Ангел Димитров, претседавач на бугарскиот дел од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, дадена во емисијата „Офанзива со Љубомир Огњанов“ на НОВА Вести. Изјавата во основа го нарушува начелото дека претседавачот на експертската комисија не треба да дава политички изјави за Владата на соседна држава, која е легитимно избрана. Сметаме дека оваа изјава е несоодветна и непримерна“, соопштија од МНР.

Причината зошто властите ја најавија протестната нота до Бугарија е изоставањето на државното знаме на Северна Македонија од местото каде Сиљановска-Давкова се фотографираше со бугарскиот претседател Румен Радев на средбата во Софија во петокот, 13 септември. На дел од фотографиите кои предизвикаа реакции, двајцата претседатели се ракуваат додека зад нив се поставени само бугарското и знамето на ЕУ.

Додека Скопје се налути, Софија одговори дека тоа ниту била државна ниту работна посета.

Фотографиите ги сподели и самата Сиљановска Давкова, а премиерот Христијан Мицкоски и МНР денеска настапија со оправдување дека не реагирале веднаш поради почитта кон двајцата бугарски пилоти кои загинаа за време воена вежба неколку часа пред средбата.

Покажување мускули или непотребна тензија

Премиерот Мицкоски дури смета и дека со оваа постапка бугарската страна се разоткрила пред остатокот од светот.

„Она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, таму малку поголема или да бидам прецизен, многу поголема е потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери“, изјави премиерот.

Од бугарска страна, пак, денеска испратија „ладнокрвни“ одговори – ќе ја пречекаат Сиљановска-Давкова со државно знаме кога ќе отиде во официјална државна посета.

„Да се разбереме, ова не беше ниту државна, ниту работна посета и се надевам дека во најбрз можен рок претседателката на Република Северна Македонија ќе има државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, а тоа ќе придонесе за понатамошен развој на нашите односи“, изјави денеска (16 септември) бугарскиот претседател Румен Радев, кој оцени и дека средбата в петок била конструктивна.

Како дошло до фотографирање без македонско знаме?

Со истото образложение настапи и неговиот советник Димитар Стојанов во гостување на националната телевизија БНТ, нагласувајќи дека македонската претседателка ја посетила Бугарија по повод културен настан.

За потсетување, Сиљановска-Давкова заедно со делегацијата што ја предводеше, вечерта на 13 септември присуствуваше на гостувањето на Националната опера и балет (НОБ) во Софија со настапот на операта „Набуко“ од Џузепе Верди.

Средбата се одржа претходно истиот ден. Во делегацијата беа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Извори од МНР денеска објаснуваа како дошло до фотографијата без македонското знаме. Тврдат дека по пречекот од Радев, останатиот дел од делегацијата бил однесен во друга просторија, додека Сиљановска-Давкова со еден претставник од нејзиниот протокол во посебна каде се одржала тет-а-тет средба. Тогаш и дошло до фотографирањето.

„На ручекот ги имаше знамињата на двете држави“, велат изворите од МНР потенцирајќи дека не се согласуваат со тврдењата дека состанокот бил „само кафе пиење“.

Оттаму тврдат дека фотографирањето пред знамињата не било предвидено претходно кога била договарана агендата.

Со исто објаснување, вчера (15 септември) настапија и од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, тврдат од Вила Водно.

Објаснувањата следуваа откако фотографиите предизвикаа реакции во јавноста. Опозицискиот СДСМ оцени дека се случил дипломатски дебакл. Потенцирајќи дека „за првпат во историјата на нашата земја, македонски претседател се сретнал со претседател на друга држава без никакви државни обележја“, лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, порача дека тоа било „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.

Вметнување на бугарската заедница во Уставот

Средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Радев на 13 септември беше прва откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава.

Таа следуваше откако на Мајските оперски вечери во Скопје таа присуствуваше на настапот на бугарската опера со вагнеровата „Валкира“, кога претседателката најави дека ќе ја користи „културната диполоматија“.

Средбата дојде во период кога односите меѓу двете држави се заладени и во период кога од Северна Македонија се очекува да ги направи уставните измени за вметнување на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот за да може да напредува во преговарачкиот процес со ЕУ. Бугарија, пак, е во политичка криза, со државата управува техничка влада и е во предизборен период – на 27 октомври ќе се одржат седми по ред парламентарни избори во последните три години бидејќи ниту една партија не можеше да формира стабилна влада.

Во Северна Македонија парламентарни избори се одржаа на 8 мај, по што дојде до промена на власта. ВМРО-ДПМНЕ формираше Влада и најавува дека ќе бара одложена примена на уставните измени – да се изгласаат сега, а да важат од моментот на полноправно членство во ЕУ.

Во средата, 18 септември, премиерот Мицкоски и министерот Муцунски ќе отпатуваат на состаноци во Брисел. Од МНР најавуваат дека ќе зборуваат и за овој предлог, но засега е нејасно дали Северна Македонија ќе достави формален предлог или тоа ќе остане на ниво на разговори. Во меѓувреме, бугарската страна испрати јасни пораки дека не отстапува од договореното.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG