Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова по денешната средба во Софија со бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека е убедена дека разговорот кој поминал во дебатна и пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Ова беше нивна прва средба која се одржа по две години од последната средба на македонски и бугарски претседател.
„Важно е да почнете. Се разбира дека се обединивме околу најважното, околу европската интеграција, копенхагенските критериуми и регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека научените бугарски лекции ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и дека ќе трагаме по компромис и решение без при тоа никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“, реле Сиљановска Давкова.
Запрашана дали разговарале за конкретни прашања и дали меѓу нив било и внесувањето на Бугарите во Уставот на државата, таа потенцираше дека не е работа на претседателите да носат такви решенија. Го поканила Радев во Скопје, но кога ќе се случи следната средба не се знае.
„Факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава но и факт е дека дијалогот е клучното решение. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија но се разбира дека разговаравме за сите прашања велам разговаравме. Ние не можеме да донесеме решение кое ќе го наметнеме“, рече претседателката.
По средбата во соопштението испратено од кабинетот на претседателот на Бугарија, Радев се вели дека Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката да стане конзистентна политика на Владата на Република Северна Македонија.
„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РСМ и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РСМ, нагласи Румен Радев.
Шефот на бугарската држава додаде дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на соседот во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион.
Бугарија нема да ги репреговара условите од договорот со Република Северна Македонија, изјави денеска пред средбата бугарскиот технички премиер Димитар Главчев.
„Нема за што да се преговара. Ние го имаме ставот на Бугарија. Тие велат дека нема да преговараат со техничка влада, но јас би рекол дека од наша страна нема волја за преговори, бидејќи нема за што да преговараме. Има заедничка европска позиција. Да преговараат со Европската Унија“, рече Главчев.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
Претходно Мицкоски рече дека сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија се додека таму не се избере Влада.
И покрај тоа што беше најавено дека двајцата претседатели ќе присуствуваат на гостувањето на Националната опера и балет со „Набуко“ од Џузепе Верди сепак Радев го откажа своето присуство. Причина за ова е авионската несреќа во Бугарија која се случи денеска, а во која загинаа двајца пилоти на воен авион.
Дел од поранешните дипломати за РСЕ рекоа дека сегашната посета на Сиљановска-Давкова, нема да донесе чудо, само е дел од таканаречената културна дипломатија која, според дел од дипломатите, ќе донесе затоплување на заладените односи меѓу двете држави. Очекувањата беа токму тоа, дека оваа средба е шанса за нови посети и нов начин на комуникација кои евентуално може да резултираат со некаков напредок во иднина.
Последната официјална средба на претседатели на двете држави се одржа во октомври 2022 во Софија, каде Радев се сретна со тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. По усвојувањето на таканаречениоит Француски предлог во парламентите на двете држави Северна Македонија треба да го вметне бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот за да почне со пристапните преговори по поглавја со ЕУ.