Достапни линкови

Без поголемо домашно производство нема пад на инфлацијата


Основни прехрамбени производи и цени во маркети и продавници во Скопје. Илустрација
Основни прехрамбени производи и цени во маркети и продавници во Скопје. Илустрација

Владата најавува замрзнување на цените и ограничување на маржите на бизнисот, но според економски експерти било каква мерка нема да даде долгорочен ефект против инфлацијата поради зависноста на земјата од увоз. Ако не се зголеми домашното производство, проблемот во иднина ќе стане уште поголем.

Граѓаните се надеваат на пониски цени на производите, а во исто време бизнисите се загрижени поради потенцијалното ограничување на профитните маржи, со што нивната заработка може да биде само 10 проценти, што е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат.

Најавите за нови замрзнувања на цените доаѓаат и покрај ветувањата на властите од минатиов период дека инфлацијата ќе се стабилизира. Економски експерти сметаат дека континуираниот раст на цените е последица на намалено домашно поризводство на храна и според нив било каква владина мерка може да има само кратокорчен ефект.

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека потрошувачите мора да бидат заштитени, но посочува дека секоја владина одлука која го засега бизнисот мора претходно да биде координирана со бинис заедницата.

„Не смее и не може да се повторува секоја година како што беше во последните две-три години, мерките да бидат на грбот на бизнисот, особено што знаеме дека сите компании скоро без исклучок се зависни од суровините и производите коишто ги продаваат на домашен пазар од увоз“, вели Халили.

Сезонски кошнички

Владата најавува планови за ограничување на цените со воведување на сезонски потрошувачки кошнички, како есенска кошничка кој ќа содржи производи кои најчесто се консумираат се трошат во тој период, а потоа да има и пролетна.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, рече дека ќе биде подготвена есенска потрошувачка кошничка со 100 производи, врз основа на која ќе се направи симулација за ограничување на цените или за ограничување на маржите.

Според најавите, ограничувањата на цените ќе важат само за производите вклучени во овие кошнички, кои се различни од оние што секој месец ги подготвува Сојузот на стопански комори (ССМ), а чии последни податоци покажа дека на едно четриричлено семејство му се потребни над 60 илјади денари за основните месечни трошоци.

Во меѓувреме, исто така се чека одлука за Законот за нефер трговски практики со кој се предвидува да се донесе листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат повисоки од 10 отсто.

Дурмиши претходно изјави дека веќе е формирана работната група која треба до вторник да даде предлог до Владата за цените.

Но, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не очекува Владата утре да реши кои производи ќе се намалат и дали тоа ќе биде со замзнување на цените или на маржите.

Тој додаде дека „можеби за една недела ќе биде донесена одлука за есенската кошничка и дека нема намера на сила да донесе мерка, туку заедно со трговците и производителите.

„Утрово разговарав со министерот за економија да ги покани и производителите и трговците на состанок, за да се договори на каков начин ќе се реагира околу прашањето на високите цени на одделни производи. Ќе почекаме да видиме каков ќе биде предлогот“, наведе Мицкоски.

Стопанските комори бараат одложување

Поради најавите за ограничување на заработката на компанииите, Стопанските комори веќе неколку пати побараа од премиерот Христијан Мицксоки да ја одложи примената на Законот којшто беше донесен во март 2024 година и треба да почне со примена на 28 септември.

Сојузот на стопански комори и Стопанска Комора на северо-западна Македонија истакнаа дека со дел од законот се согласуваат, но со дел од законските барања не.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Бранко Азески испрати две писма со премиерот Христија Мицксоки, во кои прво побара да се избрише делот од Законот со кој се ограничува рабатот што доставувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај доставувачот непродадените производи, како и дека треба да има зголемување на рокот во кој купувачот го известува доставувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.

Мицкоски неколку пати истакна дека Владата е подготвена да излезе во пресрет на стопанството со одложување на примената на Законот за нефер трговски практики.

Нема пониски цени без домашнио производство

Владата веќе донесе мерки за намалување на цените на училишен прибор, а сега најави нови мерки за замрнување на цените. Тие доаѓаат откако до март годинава на сила беа мерки за замрзнување на цените на претходната влада, кои беа укинати токму поради предвидувањата дека инфлацијата ќе биде зауздана.

Но, потрошувачките кошнички на ССМ покажуваа дека цените на основните прозиводи континуирано растат.

Раст на цените имаше и покрај мерките на претходната влада за замрзнување на цените. Според Халили, така ќе биде се додека Северна Македонија е зависна од увоз на производи, а домашното производство се намалува.

Халили вели дека официјалната статистика кој предвидува намалување на цените, не се совпаѓа со тоа што се случува на терен, бидејќи нема намалување на цените.

„Нашава земја станува заложник на увозот. Се повеќе увезуваме, се помалку произведуваме за широка потрошувачка. Мора да смениме мајндсет, мора да ја промениме стратегијата со која ќе се поддржи домашното производство, кое секако треба да има директно влијание во намалување на цените. Ако продолжиме да бидеме зависни од увоз и цените ќе бидат повисоки“, вели Халили.

Со растот на инфлацијата во последниве две-три години минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство достигна над 60 илјади денари, (околу 1.000 евра) со што двајца вработени со минимална плата не можат да ги покријат месечните трошоци.

Овие средства се потребни во услови кога над 86 илјди луѓе живеат екстремна сиромаштија, а 519.452 умерено сиромашни, според резултати на студија на Светската банка објавена во 2023 година завршила. Минимална плата во земјава во моментов изнесува 367 евра, a просечната 41.939 денари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG