Бислим Адеми од селото Доња Брњица во близина на Приштина се обидува да врзе крај со крај со својата пензија од 198 евра.
Поголемиот дел од овие пари, вели тој, се трошат на лекови и сметки.
Живее сам, откако пред години неговата сопруга починала, а само повремено добива помош од синот кој живее во странство.
Трошоците за живот во Косово се зголемени, особено од 2022 година па наваму кога се зголеми инфлацијата.
Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово (АСК), во овој период континуирано се зголемуваат цените на производите и услугите.
Иако АСК нема податоци колку чини потрошувачката кошница, во земјава има закони кои налагаат усогласување на пензиите со трошоците за живот и инфлацијата.
Надлежните се под критика дека не ги спроведуваат овие закони.
Меѓу најпогодените од ова се токму пензионерите чии примања се движат од 100 евра старосна пензија до 265 евра пензија за која се плаќале придонеси.
„Неопходно за милостина“
„На денот кога ќе ја добијам пензијата јас се чувствувам како крал, бидејќи имам пари. Веќе по три дена немам ниту цент“, изјави Адеми за РСЕ.
Некогаш машински техничар, Адеми, се пензионирал пред десет години.
Кога ќе ја земе пензијата, вели прво што прави е тоа да си обезбеди лекови за висок притисок и дијабетес, а потоа да ги плати сметките за струја и вода.
Му остануваат малку пари за храна. Синот му помага, но, како што вели, не секогаш успева.
„Наутро јадам бурек од 1,20 евра. Со тоа стигнувам до вечера. Навечер одам некаде и јадам супа, грав или нешто поевтино. Не можам да ручам, бидејќи ако сум веќе јаден, нема да можам да обезбедам вечера потоа“, вели Адеми.
Речиси секој ден тој ја напушта својата населба во близина на Приштина, на помалку од десет километри, со цел за да се сретне со старите пријатели во клубот на пензионери.
„Останавме на - како што велат - садака ихтијац (на турски: неопходна за милостина). Не само јас, туку сите пензионери сме такви“, вели Адеми.
Косовски правен институт: Институциите не ги спроведуваат законите
Пензискиот систем во Косово е регулиран врз основа на Законот за пензиски шеми финансирани од државата и Законот за методологијата за утврдување на висината на основната пензија и утврдување на датумот за обезбедување на основните пензии.
Со овие закони на предлог на Министерството за финансии се предвидува усогласување на пензиите на трошоците за живот и инфлацијата еднаш годишно.
Сепак, според извештајот на Косовскиот правен институт (ИКД) објавен на 24 мај, „државата не ги спроведува тие закони“ и ако продолжи да го прави тоа, „ќе се соочи со тужби пред судот“.
Наим Јакај од ИКД вели дека оваа загриженост Институтот веќе ја изразил до Кабинетот на премиерот, Министерството за финансии, труд и Трансфери, Собранието на Косово и претседателот на собраниската Комисија за буџет, труд и трансфери и побарале да се разгледаат спроведувањето на законот за пензии.
„Се обративме до сите лидери кои може да имаат директна или индиректна одговорност за спроведувањето на законот. Во случај да не ги земат предвид (оваа загриженост) во оптималниот период, до јуни, ќе поднесеме тужба за неспроведување на законот“, изјави Јакај за РСЕ.
Што велат институциите?
РСЕ испрати прашања до сите институции кои ги споменува ИКД за тоа дали го разгледале барањето на институтот, но никој од нив - освен собраниската Комисија за буџет, труд и трансфери - не одговори.
Членот на таа комисија, Ферат Шаља, од опозициската Демократска партија на Косово, за РСЕ изјави дека доколку ова прашање не се најде на дневен ред на комисијата на следниот состанок, тој самиот ќе може да го постави како член на комисијата.
Тој додаде дека доколку ИКД има правна основа да поднесе тужба против државата за кршење на правата на пензионерите, ќе поддржи ваква иницијатива.
„Потполно се согласувам. Зошто не се почитува законот и зошто се кршат основните права на пензионерите“, рече Шаља.
Претседателот на парламентарната комисија за буџет, труд и трансфери, Арменд Муја од владејачкото движење Самоопределување, не одговори на прашањата на РСЕ дали и кога ќе го покани министерот за финансии Хекуран Мурати да презентира извештај за загриженоста на ИКД.
„Пензиите не се зголемени по законска основа“
Претставниците на ИКД велат дека висината на пензиите утврдена со години не е доволна за покривање на минималните трошоци на корисниците.
Во овој контекст, според овој институт, најзагрозени се корисниците на основна или старосна пензија.
Во 2002 година оваа пензија изнесувала 28 евра. До 2019 година врз основа на различни владини одлуки достигна сума од 90 евра.
Последното зголемување, на 100 евра, беше направено на почетокот на 2022 година, како дел од Пакетот за економско заживување, кој беше одобрен од Владата на Косово за време на пандемијата со ковид-19.
„Пензиите никогаш не биле зголемени по законски основи, согласно Законот за пензиски шеми и Законот за методологија за утврдување на висината на пензијата“, вели Јакај, зборувајќи за прилагодување на висината на пензијата на трошоците за живот и инфлацијата.
Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, стапката на инфлација во Косово во 2019 година изнесувала 2,7 отсто, во 2020 година 0,2 отсто и во 2021 година 3,4 отсто.
Врвот го достигна во 2022 година - и поради пандемијата и поради руската инвазија на Украина - кога беше околу 12 проценти.
Лани и годинава инфлацијата паѓа, но не и цените на основните производи.
Податоците на КАС за април годинава покажуваат дека потрошувачките цени се повисоки за 2,4 отсто во однос на истиот период лани.