Во интервју за Радио Слободна Европа, американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит ги повика членките на НАТО од Западен Балкан да направат повеќе за да се постигне целта на Алијансата, секоја членка да посвети најмалку два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) на одбраната, особено ако се има предвид безбедносното опкружување и руската инвазија на Украина.
Таа, исто така, ја повика Србија да не ја продлабочува соработката со Русија и Кина, повторувајќи го предупредувањето на САД да не водат бизнис со кинеските компании.
„Русија прави сè за да започне цела серија кампањи за дезинформација кои често погрешно го прикажуваат тоа што го прави НАТО. Тие често се обидуваат да го изнесат тврдењето дека НАТО е директно вклучен во војната во Украина, што е апсурдно и не е точно“, рече Смит, посочувајќи дека Русија е агресорот што ја започна војната во Украина.
Смит вели дека напредокот во дијалогот што Белград и Приштина го водат со посредство на Европската Унија е важен за напредокот на Косово во приближувањето кон НАТО. Амбасадорката на САД во НАТО рече дека САД се вклучени во борбата против дезинформациите во регионот на Западен Балкан.
Очекувања за буџетот до јули
РСЕ: Сите членки на НАТО од Западен Балкан, почнувајќи од Хрватска, Албанија, па сè до Црна Гора и Северна Македонија, ги зголемуваат своите буџетски инвестиции во одбраната бидејќи тоа е сериозен проблем за САД. Дали мислите дека тие го исполнуваат одбранбениот праг на НАТО?
Пред десет години, секоја членка на алијансата се согласи да потроши два отсто од својот БДП за национална одбрана. Кога сојузниците го дадоа тоа ветување во 2014 година, имавме три членки на Алијансата кои ја постигнаа целта. До моментот кога ќе стигнеме до самитот во Вашингтон ова лето, очекуваме приближно две третини од алијансата да ја исполнат оваа цел. Сега имаме голем број сојузници во Западен Балкан кои се малку под границата од 2 проценти. Сите тие работеа неуморно во изминатата деценија за да ги зголемат трошоците за одбраната и ние ги поздравуваме тие напори.
Тоа се тешки национални одлуки кои тешко се носат кога има барања од домашна страна да се трошат пари за други приоритети. Затоа, ние сме длабоко благодарни за чекорите кои беа преземени во изминатата деценија од страна на земјите-членки на НАТО кои штотуку ги спомнавте. Но, ние силно апелираме до нашите пријатели од Западен Балкан: Хрватска, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора да направат повеќе за да се обидат да ја постигнат целта од два проценти до одржувањето на самитот на НАТО во средината на јули. И го велам тоа затоа што претседателот (Џо Бајден) се надева дека ќе пристигне на самитот и ќе го прослави најголемиот број сојузници со два проценти.
Значи, сè што нашите пријатели од Западен Балкан можат да направат за да ги зголемат тие трошоци за одбрана, би било ценето. И тоа не е само поради споделувањето на товарот, туку поради моменталната безбедносна средина. Заканите се насекаде околу нас. Ја имаме неиспровоцираната агресија на Русија во Украина, нејзиното развојно партнерство со Кина, иранската и севернокорејската поддршка за Русија.
Зголемување на производството во Русија. Значи, има толку многу причини за сите нас да ги зголемиме трошоците за одбрана. И ние навистина сакаме да дојдеме до ситуација секоја членка на оваа Алијанса да троши два проценти.
РСЕ: Има и други земји од регионот кои не се полноправни членки на НАТО, како што се Косово и Босна и Херцеговина, како и Србија. Колку САД им помагаат на тие земји да изградат одбранбени капацитети, иако тие не се сојузници, но имаат посебен однос со Алијансата?
Во право сте. Тие земји не се земји-членки. Но, имаме ситуација во која БиХ, особено, е полноправен аспирант, што значи дека тие отворено ја изразија својата желба да се приклучат на Алијансата. Неодамна сите 32 амбасадори отпатуваа во Босна за да седнат со тамошното раководство и да разговараат што друго можеме да направиме за да го продлабочиме партнерството меѓу НАТО и Босна, да им помогнеме да ги трансформираат своите сили, да ги модернизираат своите сили, да работат на интероперабилност и да помогнат во градењето на инфраструктурата.
Србија има своја суверена одлука за тоа дали сака или не да се приклучи кон членството. Во моментов одговорот од Србија е не. Но, тие имаат партнерство со Алијансата каде што можеме да имаме вежби, да тренираме со нив, да работиме со нив за какви било специфични потреби што ги имаат кога станува збор за сајбер безбедноста или да работиме на модернизирање на нивните сили, тие можат да одредат како сакаат да работат со Алијанса.
Косово го комплицира тоа што имаме четири земји во НАТО кои не ја признаваат неговата независност. САД имаат многу блиско партнерство со Косово и ние не само што го поддржуваме дијалогот предводен од ЕУ кој работи на нормализација меѓу Косово и Србија, туку од билатерална перспектива на САД, ние сме тука да ги поддржиме нашите пријатели во Косово додека работат на своите евроатлански аспирации и работат на зајакнување на нивните сили.
Значи, без разлика дали е билатерално или во мултилатерално опкружување, САД се таму за да ги поддржат и тесно соработуваат со тие три нации и со трите поединечни држави, а потоа и тесно да соработуваат со тие земји-членки на НАТО од Западен Балкан.
Апел до Белград да не ја продлабочува соработката со Русија и Кина
РСЕ: Ја споменавте соработката меѓу Русија и Кина, но Србија има посебен однос и соработка со тие две земји. Дали сте загрижени за соработката со Русија и Кина за прашањата на одбрана и набавката на воена опрема што Србија ја прави од тие две земји?
Американските пораки на овој фронт беа многу јасни. Она што им го кажавме на нашите пријатели во Србија е дека тие очигледно имаат свои суверени одлуки за тоа како соработуваат или не соработуваат со Народна Република Кина и Русија. Совет од САД, е да бидете внимателни и претпазливи кога работите со компании во кинеска сопственост.
Ние веруваме дека има ризици и предизвици, а исто така не веруваме дека е време за која било земја да ги продлабочи односите со Русија, имајќи предвид дека Русија ја води најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна. Затоа ги повикуваме нашите пријатели во Србија да не ја продлабочуваат соработката со Русија и Кина.
Тие, на многу начини, не ги споделуваат нашите вредности за владеење на правото, мултиетничка демократија, човекови права итн. и сè повеќе гледаме дека двете земји се потпираат на заедничка игра со хибридни тактики, кои се движат од дезинформации до сајбер напади и до други малигни активности. Ние во разговорите со пријателите во Србија, пренесуваме искрени и отворени пораки. Но, ние исто така признаваме дека тоа е нивна суверена одлука.
РСЕ: Колку сте загрижени што руското влијание има одреден ефект врз друг сојузник од Западен Балкан? Зборувам за Црна Гора. Има промена во наративот, што покажува еден вид назадување од принципиелните вредности и влијанието на Кремљ во овој наратив. Дали сте загрижени за таа промена?
Ги охрабруваме сите наши пријатели од Западен Балкан да останат фокусирани на нашите заеднички вредности и нивните евроатлантски аспирации. Русија прави сè за да започне серија кампањи за дезинформациии кои често погрешно прикажуваат што е НАТО. Тие често се обидуваат да изнесат тврдење дека НАТО е директно вклучен во војната во Украина, што е апсурдно и не е точно.
Тие, исто така, изнесуваат бројни лаги за она што го прави НАТО во регионот на Западен Балкан и одбиваат да признаат дека НАТО е одбранбен сојуз во неговото јадро и не спроведува агресија или зазема офанзивен став на кој било начин, облик или форма. Всушност, во случајот со Украина, Русија е агресор. Русија ја започна оваа војна во Украина и се разбира дека може да ја заврши утре, ако сака.
Затоа, ние тесно соработуваме во врска со предизвикот со дезинформациите со сите наши партнери и сојузници во регионот и ги охрабруваме нашите пријатели да се фокусираат на вредностите што ги споделуваме, а тоа е отворени и демократски, мултиетнички демократии и општества.
Со Белград е разговарано за Бањска
РСЕ: Минатиот септември имаше напад на северот на Косово, каде што НАТО има свои мировни сили. Вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска при што беше убиен наредникот Африм Буњаку. Во размената на огнот загинаа тројца напаѓачи. Според претставниците на Приштина, тоа е директен напад врз суверенитетот на земјата. Дали САД имаат разузнавачки информации што точно се случило тој ден и кои биле мотивите и какви би требало да бидат последиците по тој напад?
Во овој конкретен случај, кога ја видовме оваа „точка на палење“ во септември, очигледно многу внимателно ја следевме ситуацијата овде низ Алијансата. Можевме да се собереме и да разговараме за тоа како 32 сојузници.
Во право сте дека Алијансата има мисија на теренот, мисијата КФОР, со приближно 3000 војници. Бевме во близок контакт со нашите пријатели во Косово додека траеше истрагата. Не сакам да навлегувам во тие детали, но ние се залагавме за одговорност. Разговаравме со Србија за овој конкретен инцидент. И повторно, нашиот фокус е да обезбедиме и Косово и Србија да продолжат да инвестираат и да напредуваат во дијалогот што го води ЕУ.
РСЕ: И конечно, го споменавте Косово и проблемот со непризнавањето од четири членки на НАТО како пречка Косово да стане членка на Партнерството за мир, што е една од стратешките цели на земјата. Со оглед на тоа што САД сметаат, а американските претставници повеќепати јавно кажаа дека местото на Косово е во Партнерството за мир и имајќи ги предвид околностите со овие земји, дали мислите дека ова прашање е многу комплицирано, но не и невозможно?
Имаме ситуација кога имаме четири членки на Алијансата кои не го признаа Косово и тоа мора да го признаеме. И тоа ќе мора да се реши пред Алијансата да може да продолжи со каков било вид формално партнерство меѓу Алијансата и Косово. Но, мислам дека, поради сите очигледни причини, НАТО ја стави својата целосна поддршка зад она што ЕУ се обидува да го направи. И покрај фактот дека Алијансата има мисија на теренот во Косово, ние веруваме дека сите треба да се фокусираат на постигнување напредок во дијалогот предводен од ЕУ. Само со дополнителен напредок во таа област можеме да дојдеме до поголеми прашања за односот на Косово со Алијансата.
* Во извештајот на генералниот секретар на НАТО за март 2024 година, беше наведено дека Северна Македонија издвоила 2 отсто од бруто националниот производ за потребите на финансирањето на Алијансата. Откако е изготвен извештајот, таа земја го надмина тој праг, па се проценува дека нивото на плаќања ќе се зголеми во наредните години.