Достапни линкови

Цените европски, а платите балкански, освен за функционерите


Графит во центарот на Скопје
Графит во центарот на Скопје

Со 70 отсто зголемување на синдикалната потрошувачка кошничка за три години, цените веќе се на ниво како во западните земји, велат граѓани кои живеат во странство. Власта најави запирање на мерката за замрзнати цени. Функционерите може да добијат ново покачување на платите во износ на една минимална плата, а работницте во јавниот сектор само 2.000 денари.

Власта најави дека од следниот месец нема да ја продолжи мерката за замрзнување на цените, додека граѓаните се жалат на континуиран раст на трошоците за живот и притисок од инфлацијата. Истовремено функционерите со новото усогласување може да добијат ново покачување на платите во износ повеќе од една минимална плата, доколку тоа не биде спречено во Собранието, а платите на работниците во јавниот сектор од март ќе пораснат за околу 2.000 денари.

Синдикалната потрошувачка кошничка овој месец е зголемена за 313 денари, според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тоа е продолжување на трендот на раст на цените, со што само за два месеци трошоците за живот се зголемија за околу илјада денари, откако во јануари синдикалната потрошувачка кошничка порасна за 641 денар.

Магдалена Крстевска е од Скопје, но пред 20 години заминала да живее во Торонто, Канада. Таа деновиве е во посета на родниот град и ни раскажа како кога дошла во Северна Македонија ја дочекало непријатно изненадување со цените.

„Бев во Бразил, Аргентина, Флорида во САД за Нова година и потоа во Париз. Но, кога дојдов во Скопје многу се изненадив од високите цени и животните трошоци, бидејќи нема голема разлика од местата кои ги посетив. Ние во Канада имаме поголеми плати, а поевтини цени. Има и таму поскапувања, но повеќе контрола“, вели Крстевска.

Поскапувањето го чувствува и Емилија Саздовска од Скопје која ни раскажа дека и покрај тоа во семејството мораат да купуваат храна, но кратат на се друго.

„Како тргнала работава можеби ќе треба да се откажуваме и од основни козметички производи или да ги сведеме на минимум. Се откажуваме од одење на кафе, одење во кафеана со пријатели и мислам дека е така кај многу луѓе. Ако преку работна недела некогаш кафеаните биле полни, сега се полупразни. Многу е намален животниот стандард на луѓето“, вели Саздовска.

На едно четиричлено семејство во февруари му се потребни вкупно 57.476 денари (935 евра) за да ги покрие основните животни трошоци, според потрошувачката кошничка на ССМ.

Иако власта постојано уверува дека инфлацијата се намалува, според ССМ зголемени се трошоците за храна и пијалаци за околу 200 денари повеќе споредено со јануари, како и за транспорт, рекреација и култура. Просечна нето плата изнесува 38.359 денари, а минималната 20.175 денари.

Тоа значи дека четиричлено семејство со една просечна и една минимална плата едвај ги покрива основните минимални трошоци коишто значат семејството да има сопствен стан, да вози автомобил со ниска кубикажа, да плаќа струја во прв блок, да пазарува во поевтини маркети и да не се хронично болни, според пресметките на ССМ по новата методологија.

Ако едно домаќинство треба да живее во изнајмен стан од 60 квадрати, трошоците се зголемуваат за плус 15.375 денари, што потрошувачката кошничка доаѓа до 72.538 денари месечно (1.179 евра).

Нема продолжување на замрзнатите цени

Економскиот аналитичар Абил Бауш објаснува дека растот на потрошувачката кошничка делумно е и поради новата методологија на пресметување во ССМ, но сепак зголемување на цените гледа кај продуктите што секој мора да ги набави.

„Забележано е зголемување на трошоците на животот во други групи како акохолни пајалоци, тутун и наркотици, ресторани, хотели, мебел, одржување на домаќинства, здравје, храна и безалкохолни пијалаци“, вели Бауш.

Владината мерка за замрзнување на 50 производи во 25 категории важи до крајот на февруари.

Министерот за Економија Крешник Бектеши денеска најави дека Министерството за економија нема да ја продолжи мерката туку дека ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој очекува да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и со тоа да дојде до намалување на цените на прехранбените производи.

„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“,рече Бектеши.

Ново зголемување на функционерските плати?

Од годинава, поради усогласувањето со растот на просечните плати, функционерите треба да земаат повисоки плати и покрај она почкување од 78 проценти што го добија во 2023 година, освен ако тоа не биде запрено со измени во Собранието како што најави пратеничката група на СДСМ и коалиција.

Тие велат дека поднеле измени на шест закони со кои сметаат дека ќе се спречи зголемувањето на платите на функционерите. Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски на 27 февруари рече дека со овие законски измени ќе бидат опфатени околу 1.060 именувани и избрани лица.

Со покачувањето од април 2023, повеќе од 1000 функционери добиваат повисоки плати за околу 1.000 евра повеќе, но со новото усогласување платите платите треба да им пораснат за нови 300 до 400 евра во зависност од функцијата, односно за околу 15 проценти.

Основицата за прсеметките на функционерската плата е просечната плата од претходната година помножена по коефициент, кој за претседателот на државата, за премиерот и претседателот на Собранието е 4,5.

Просекот на бруто платата во претходната 2023 година изнесува 54 .927 денари и според тоа пресметките покажуваат дека со новото усогласување претседателот на државата, на пример, ќе добие покачување од околу 25 илјади денари на сегашната плата од околу 165 илјади денари, со што ќе прима плата од 190.000 денари.

Помало покачување ќе земат пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието, со оглед дека тие имаат коефициент за пресметка на плата од 3,7.

Исклучок е само министерот за внатрешни работи, кој има додаток на плата од 20 отсто за извршување на функцијата, па неговата плата е речиси иста колку на премиерот.

Платите на министрите ќе дојдат до околу 156.000 денари, а во моментов се движат од од околу 125.000 до 130.000 денари, во зависност од работниот стаж на министрите.

Секоја наредна функција има по нешто понизок коефициент. На пример, градоначалник на општина со помалку од 10 илјади жители има коефициент 2,7.

Власта, иако ветуваше дека ќе најде начин како да ги регулира платите и тие да не бидат толку високи, тоа не се случи.

Пратеничката група на СДСМ, како то изјави поранешниот премиер и лидер на партијата, Димитар Ковачевски ќе се обиде преку Собранието да го спречи ова покачување на фукционерските плати.

„Најдовме уставно издржано решение со кое нема да пораснат платите на функционерите со новото ниво на просечната плата. Со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени со што платите на сите избрани и именувани лица нема да пораснат“, изјави Ковачевски на 23 февруари.

За работниците зголемување од 2.000 денари

Повисоките функционерски плати за 78 отсто кои беа покачени од март 2023 година, поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите.

Незадоволството дополнително е и поради тоа што за разлика од функционерите, платите на работниците во скоро цел јавен сектор се врзани со растот на минималната плата, што значи не е процентуален, туку линеарен. Тие ќе добијат линеарно нето зголемување од 2.000 денари со растот на минималната плата за 2.000 денари.

„Кај функционерите зголемувањето е процентуално што ние го бараме со години наназад. И за нас би било поправично да имаме процентуален пораст од минимална плата, како што предвдува Законот за минимална плата“, вели Трпе Деаноски од Синдикатот на УПОЗ.

Од 2022 година имаше енормно зголемување на цените на храната, со што вредноста на приходите на граѓаните значително се намали, и покрај растот на платите.

Инфлацијата го достигна пикот во ноември 2022 година кога се искачи на скоро 20 проценти. Со тоа повисоките плати имаат помала вредност, бидејќи граѓаните можат да купат помалку производи споредено пред една или две години.

70 отсто поскапо живеење за три години

Со растечката инфлација потрошувачката кошничка за три години се зголемила за над 70 проценти, бидејќи во март 2021 изнесувала 549 евра, споредено со 935 евра во февруари. Ова зголемување на цените се чини дека најмногу можат да го поднесат само функционерите со растот на нивните плати за 78 проценти.

За разлика од тоа, ако двајца вработени во четиричлено семејство примаат просечни плати од 38.359 денари, треба да потрошат над 74 проценти од парите да го покријат минимумот трошоци пресметани од ССМ.

Но, за околу 80 илјади работници кои примаат минимална плата од 20.175 денари е уште потешко, бидејќио еден вработен со просечна плата и другиот со минимална плата едвај можат да го поминат месецот.

Од ССМ велат дека достоинствена плата би требало да изнесува колку една синдикална кошница.

Индексот на трошоци на живот (инфлацијата) во јануари 2024 година бележи зголемување на 3,2 отсто, додека цените на мало бележат раст од 2,8 отсто, според податоците на Државниот завод за статистика.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG