Синдикалната потрошувачка кошничка скокна за 641 денар во јануари. Граѓаните континуирано се погодени од растот на инфлацијата и на основните животни потреби и покрај што на сила се владини мерки за замрзнување на цените на одредени производи.
Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), едно четиричлено семејство во јануари имало потреба од 57.163 денари за да го покрие минимумот на трошоци, што е за 641 денар повеќе од претходниот месец. Само храната и пијалаците овој месец се поскапени за 277 денари во однос на декември.
Тоа значи дека двајца вработени со просечна нето плата од 38.359 денари треба да издвојат скоро три четвртини од своите примања за да го задоволат основниот стандард на живеење, односно 74,5 отсто.
Ситуацијата е уште посериозна за околу 80 илјади работници кои примаат минимална плата од 20.175 денари, според податоците на властите. Еден вработен со просечна плата и другиот со минимална плата едвај можат да го поминат месецот.
„Достоинствена плата е една плата да изнесува колку една синдикална кошница“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Власта вели нема поскапување на замрзнатите производи
Побаравме одговори од Министерството за економија кои се причините за зголемување на цените со оглед дека на сила е мерката за замрзнување на цените и со оглед на најавите на Владата и на министерот за економија Крешник Бектеши дека инфлацијата од оваа година ќе се намалува.
Од Министерството велат дека нема покачување кај прехранбените производи кои се со замрзнати цени во трговијата на мало.
„Откога е донесена мерката односно цената што важела на 1 август намалена за 10 проценти продолжува да важи до 29 февруари 2024. Кај негазирани сокови, пиво во шише и газирана вода важи цената што се применувала на 19 сепември намалена за 10 проценти, да важи до 29 февруари 2024“, велат од Министерството за економија.
Максимално штедење за преживување од први до први
Но, пресметките на потрошувачката кошничка, според Сојузот на синдикати, подразбираат дека на четиричленото семејство во месецот му требаат минимум 930 евра да ги покрие основните трошоци.
Тоа значи да живее во стан од 60 квадрати, да вози кола со ниска кубикажа, едно од децата да добива месечен билет за транспорт од државата, да плаќаат струја во прв блок, да користат пониска тарифа за интернет и телефон, да имаат еден телевизор, да пазаруваат во поевтини маркети, еднаш месечно да одат на фризер но само да се потстрижуваат, да не се хронично болни.
Со овие пари тие два пати месечно можат да си дозволат да јадат хамбургер, а за облека да купуваат по една кошула од член годишно, а за летување во годината да поминат седум ноќи во Дојран во бунгалов.
Ако едно домаќинство треба да живеат во изнајмен стан од 60 квадрати, треба да даде плус 15.375 денари и така пресметката доаѓа 72.538 денари месечно за потрошувачката кошничка од која најголем дел одат за храната и пијалаците и 21.007 денари.
Адеми - Се носат закони, но не се почитуваат
Синдикатот бара од владата да преземе поефикасни мерки за заштита на купувната моќ на граѓаните и да го зголеми минималниот доход.
За сузбивање на инфлацијата Владата го усвои законот за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија којшто треба да биде усвоен во Собранието.
Со законот треба да се заштитат правата на потрошувачите доколку бидат повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговците, како што рекоа од Министерството наведувајќи дека законот треба да овозможи потрошувачите да имаат право на надоместок на штета која ја претрпеле, како и на сразмерно намалување на цената, а за трговците добијат глоби и санкции за забрана за вршење на дејноста.
Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека државата е успешна во носење на закони, но проблемот според него е тоа што таа не е успешна во примената на законите.
„Кој било да пријави одредена работа којашто би можела да влијае врз некоја компанија да биде изложена на одредени казни, сепак тие компании се поврзани со одредена политичка партија. Имаме партизирање и политизирање на целото општество и мислам дека ова многу ќе влијае во делот на реализација на овие практики. Примената на законите е под знак прашање. Второ, е што не можете вие во една либерална економија, во која зависиме од понуда и побарувачка, економските активности да ги регулирате со закон“, вели Адеми.
Од Министерството за економија велат дека новиот закон за нефер трговски практики ќе ги забрани надоместоците кои се сметаат за неоправдани, а кои ги наплаќаат производителите, организациите на производители, организациите на добавувачи и трговците на големо.
Во законот е предвидено рабатот, надоместоците за реклама, маркетинг, користење на полици во маркетите и ангажирање на персонал од маркетите да биде до 10 проценти, велат од Министерството за економија.