Достапни линкови

Економијата во 2024 - анемичен раст, инфлација и низок животен стандард


Скопје, архива
Скопје, архива

Северна Македонија ќе се соочи со низа економски предизвици во 2024 година: од слаб раст на БДП, висока инфлација, неповолна размена со ЕУ и предизборни трошоци, прогнозираат економски експерти. Тие додаваат дека и покрај најавените покачувaња на платите, тешко може да се очекува подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Постојат низа неповолности и негативни ефекти поради кои во 2024 година може да очекуваме „анемичен“ раст на македонската економија, вели за Радио Слоборна Европа професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје. Додека економските експерти се сомневаат во поголем раст на македонската економија во однос на минатата 2023 година, министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека оваа година економскиот раст ќе биде повисок, а инфлацијата пониска.

Професор Славески, кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека неповолно за македонската економија ќе биде тоа што забавуваат економиите кај трговските партнери на земјава од ЕУ, пред се кај Германија за која посочува дека веќе е во техничка рецесија која негативно се одразува во неколку сектори, особено во автомобилската индустрија.

„Дополнително негативен ефект врз извозот ќе имаат зголемените трошоци по единица труд, како резултат на растот на платите и реалната апресијација на девизниот курс поради превисоката стапка на инфлација изминативе две години кај нас во споредба со инфлацијата во Еврозоната. Не постојат за жал домашни фактори кои би можеле да ги компензираат овие неповолни состојби во размената со странство. Оттаму може да очекуваме анемичен раст на БДП од околу 2 отсто“, вели Славески.

И изборите ќе ја забават економијата?

2023 година завршува со раст на економијата од околу 2 проценти, според податоците на Министерството за финансии и Народната банка на Северна Македонија.

Министерот за финансии Бесими вели дека во услови на економска стагнација во Европа, земјава во 2023 имала „помал, но позитивен економски резултат“ со раст на БДП од 2,3 проценти.

„Во 2024 година се очекува забрзување на економскиот раст во земјата и тој да изнесува 3,4 отсто, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка“, вели Бесими.

Ова ќе биде и изборна година, што по традиција ги забавува економските текови. Иако Бесими вели дека и покрај изборите фокусот ќе биде кон обезбедување на одржливи финансии, Славески смета дека е извесно оти изборите ќе ја забават економијата.

Инфлацијата и натаму ќе биде предизвик

Македонската економија беше погодена од висока инфлација во пост ковид периодот и економската и енергетска криза. Инфлацијата во земјава која кон крајот на 2022 година достигна скоро 20 проценти.

Во 2023 година, пресечената инфлација, од јануари до ноември, изнесуваше над 9 отсто, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Бесими смета дека во оваа 2024 година може да се очекува надолен тренд кај инфлацијата и таа да изнесува околу 5 отсто.

Економскиот аналитичар Абил Бауш коментира дека иако можеби инфлацијата нема да биде двоцифрена како во 2023, но според него и натаму останува предизвикот за државата да го стабилизира растот на цените.

„Ние самите ги прогнозираме трендовите, а ги читавме и извештаите на Светската банка и ММФ кои ни предвидуваат дека и наредната година ќе имаме проблем со инфлацијата, не двоцифрена, но ќе имаме инфлација која ќе се обидеме да ја стабилизираме“, вели Бауш.

Раст на платите, но и на цените

И тој посочува дека во 2024 година ќе се одржат претседателски и парламентарни избори и според него, во Буџетот политичарите „не излегоа од шемата на предизборни Буџети“ во кои се предвидени многу трошоци.

„На крајот на изборите, следната Влада која и да биде, ќе биде повторно соочена со проблемите како инфлацијата, бидејќи најавени се покачувања на платите во јавниот сектор и најавено трошење на средства кои може да направат проблем врз понудата која ќе води кон покачување на цените“, вели Бауш.

Откако Владата го усвои Буџетот за 2024 година на 14 ноември, министерот Бесими и премиерот Димитар Ковачевски рекоа дека во него се проектирани средства за повисоки плати на вработените во јавната администрација и повисоки пензии согласно утврдено системско решение.

Но, синдикатите велат дека во Буџетот за оваа година не гледаат дека се предвидени пари за зголемени плати и пензии. И покрај тоа што властите ветуваат зголемени плати и пензии, пензионерите и вработените во јавниот сектор неколку пати излегуваат на протести барајќи повисоки плати.

Опаѓа животниот стандард?

Просечната плата во моментов е 37.876 денари во последниот квартал од годината, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗЦ), а невработеноста изнесува околу 12 проценти, но тоа не значи дека се зголемува вработеноста.

Потрошувачката кошничка за четиричлено семејство се движеше во последните месеци над 50 000 денари.

Абил Бауш смета дека и покрај параметрите кои покажуваат покачување на просечната плата и параметрите за социјалните трансфери, но и и за оние за пензионерите, вели дека анализите покажуваат дека кај нив животниот стандард опаѓа.

„Бројките не лажат. Во тие анализи се гледа дека кај нив животниот стандард веќе е во многу незавидна ситуација и навистина ќе биде драматично, иако не предвидувам црно сценарио. Но, не гледам дека може да има подобар животен стандард во државата“, вели Бауш.

Јавниот долг над 61,7%

Буџетот за 2024 е тежок 5,4 милијарди евра. Државата оваа година планира да се задолжи за нови 1,2 милијарда евра.

Со парите од новите заеми, ќе се враќаат старите долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит проектиран на 545 милиони евра.

Графикон за јавен долг на РС Македонија од 2012 до 09-2023
Графикон за јавен долг на РС Македонија од 2012 до 09-2023

Бесими вели дека јавниот долг во 2024 се предвидува да биде 61,7 отсто од Бруто домашниот производ, а дека очекувањата се тој до 2028 година да се намали на 54,6 отсто. Во 2024 ќе треба да се платат 275 милиони евра камати за претходни задолжувања, односно 1,7 отсто од БДП-то оди за камати.

Дел економски експерти наведоа дела Владата по планираните долгови за 2024 година, ги исцрпува можностите за дополнително задолжување и зголемување на јавниот долг.

Каматните стапки ќе стагнираат во 2024

Во услови на висока инфлација, Народната банка на Северна Македонија во изминативе две години постојано ја зголемуваше основната каматна стапка, што значеше и зголемување на каматните стапки на банките, а со тоа и влијание врз економијата и животниот стандард на граѓаните.

Професор Марко Андоновски од Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје вели дека во 2024 година во земјава ќе има стагнација на растот на каматната стапка, но и можно намалување во втората половина на годината, како што најавуваат и меѓународните институции како американските Федерални резерви и Европската централна банка.

„Тоа ќе значи намалување на активните каматни стапки на кредитите, и на пасивните каматни стапки на заштедите на орочените парични депозити. Се разбира тоа ќе значи олабавување на економијата, една поголема мотивација на компаниите да ги продолжат своите посакувани инвестиции и тоа ќе има позитивни импликации на самото население“, вели Андоновски.

ИНФОГРАФИКА - Раст на референтната каматна стапка според Народна банка, август 2019 - август 2023
ИНФОГРАФИКА - Раст на референтната каматна стапка според Народна банка, август 2019 - август 2023

За една година повеќе од двојно беше зголемена референтната каматна стапка. Каматите растеа за да се заузда инфлацијата. Од 2022 година, референтната каматна стапка на кредитите беше зголемена за повеќе од двојно. Во септември беше 3 проценти, а до октомври минатата година достигна 6,50 проценти.

Народната банка ги следеше трендовите на Европската централна банка. Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.

Над 50 отсто пад на македонската берза

Делумно како резултат на растот на каматните стапки минатата година, Андоновски вели дека е забележан значителен пад на прометот на македонскиот пазар на хартии од вредност. Зголемувањето на каматите демотивирачки влијае врз бизнисот и граѓаните да инвестираат на берза и тие парите ги инвестираат во банките, вели Андоновски посочувајќи дека „има драматичен од пад на тргувањето на македонската берза од 50 проценти во 2023 година, а проценките се дека граѓаните и бизнисот „го селат капиталот надвор“, вели Андоновски.

ММФ имаше позитивни оценки за реформите во јавните финансии, монетарната политика и банкарскиот систем, но ги повика властите да ги усвојат даночната реформа и данокот на солидарност, да ги зголемат капиталните инвестиции и да ги забрзаат структурните реформи за подобрување на конкурентноста и растот на среден рок.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG