Достапни линкови

Северна Македонија ќе загуби половина милион жители за 50 години


ДЗС ги презентираше проекциите откако пред две години во земјава беше спроведен попис на населението
ДЗС ги презентираше проекциите откако пред две години во земјава беше спроведен попис на населението

Иселувањето од државата, според проекциите ќе продолжи, а веројатно е дека ќе се засили кога земјава ќе влезе во ЕУ. Но, Државниот завод за статистика очекува потоа луѓето да се враќаат назад. Корупцијата е главен двигател на иселувањето и ја има во секоја сфера, смета Претседателот Пендаровски.

За помалку од 50 години односно до 2070 година во земјава ќе има речиси 1,2 милиони жители, покажуваат проекциите на Државниот завод за статистика (ДЗС) презентирани денеска (15 декември).

Ако се земат предвид податоците од пописот во 2021 според кои во државата живеат 1 836 713 лица, тоа значи дека за помалку од пет децении ќе се намалиме за повеќе од половина милион жители или за 35 отсто.

Ваквите прогнози се според една од седумте проекциски варијанти што ги направил Заводот за статистика, а која се смета за најреална – варијантата со среден фертилитет (што ги опфаќа хипотезите за среден фертилитет, опаѓачки морталитет и променливи миграции).

Оваа варијанта, предвидува дека бројот на население константно ќе опаѓа, па така на пример во 2030 година во државата би имало 1,6 милиони жители, а во 2035 - 1,5 милиони.

Вкупно население на Република Северна Македонија во периодот 1971-2021 (пописи) и проекции за периодот 2022-2070, 15.12.2023
Вкупно население на Република Северна Македонија во периодот 1971-2021 (пописи) и проекции за периодот 2022-2070, 15.12.2023

Директорот на Државниот завод, Апостол Симовски, нагласува дека за ниту една хипотеза не се вели дека е возможна туку дека тоа се само прогнози.

„Целта на проекциите е да ги видиме последиците и тие коишто се и ќе бидат должни да креираат стратегии да знаат што може да нè очекува. Никој од нас не би посакал ниту едно од овие сценарија. Би посакал попозитивни демографски трендови, но мораме да ги отвориме очите. Главната порака е - да ги отвориме очите“, вели Симовски.

Иселувањето главна причина за негативните прогнози

Иселувањето на населението, се смета за главна причина за негативните демографски прогнози. Тоа, според предвидувањата на Статистика во првичен момент би се зголемило и при влез на државата во ЕУ, но потоа ќе следува процес на враќање. Моменталниот годишен просек на иселување е 12 000 луѓе, што било земено предвид во калкулациите.

„Гледајќи ги другите земји кои минаа низ транзиции и станаа дел од ЕУ, во момент на пристапување кон ЕУ полесен е процесот на миграција оти има визна либерализација и полесно е да се мигрира. Но, она што се случува во овие земји е дека потоа со јакнењето на економските состојби, но и сите останати области како образование, здравство, луѓето се враќаат назад“, вели Симовски.


Негативен миграциски тренд, според прогнозите на Статистика, во наредните 30-тина години има во пет од седумте варијанти што биле пресметувани. Дури после 2050 година се очекува дека земјава би можела да стане имиграциско подрачје.

„Треба само повторно да се истакне дека е реално да се очекува дека кон средината на 2050-тите, Северна Македонија, по првпат може да стане имиграциско подрачје. Ова е и претпоставено во пет од седумте проекциски варијанти. Претпоставено е дека, почнувајќи од 2053 година, бројот на доселените би бил постојано поголем од бројот на отселените лица, како и дека позитивното миграциско салдо во периодот до 2070 година би изнесувало 56 илјади лица“, пишува во извештајот на ДЗС.

Кога се во прашање останатите проекциски варијанти, кои се малку веројатно, најоптимистичка е во државата да нема иселување односно нулта миграциско салдо. Во таков случај, во 2070 Северна Македонија би имала речиси 1,5 милиони. Најлошото сценарио е пак, доколку ситуацијата остане како и досега односно и во следните 50 години нема промени во трендовите на фертилитет, морталитет и миграции. Тогаш, во државата би имало само половина милион жители.

Пендаровски: Корупцијата е најголем двигател на иселувањето

Прогнозите на ДЗР денеска од прв ред ги слушаше и шефот на државата Стево Пендаровски. Тие, порача тој, не мора да станат наша неизбежна судбина и наместо да нè турнат во апатија треба да нè отрезнат.

Зборувајќи за иселувањето, тој порача дека негов најголе двигател е корупцијата против која мора да се води фронтална борба за да се има функционална правна држава со владеење на правото.

„Штетните ефекти на корупцијата ги среќаваме во секоја сфера – зголемена сиромаштија и социјалната неправда, загаден воздух, бетонизацијата на зелените површини, потпросечните резултати во образованието, одложена правда, поделби во македонското општество. Сето тоа заедно создава амбиент на бесперспективност и безнадежност кај многу наши сограѓани. Евидентно е дека сè повеќе луѓе си заминуваат не толку поради висината на платата, туку поради (не)квалитетот на животот“, рече Пендаровски.


Тој порача дека мора да се изгради демографски отпорно општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. Покрај борбата со корупцијата, тој испрати пораки и дека се потреби политики за забрзан економски развој, заштита на животната средина, дигитализацијата, но и подобрување на образованието и инклузивниот раст.

Предупредување за претставниците на владата

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, пак, оцени дека не е нужно оти проекциите за негативните трендови ќе се реализираа.

„Но, за нас се предупредување и аларм за носење одлуки и политики за ублажување на трендот. Имаме јасен пат кон ЕУ и ова се надевам ќе е аларм за оние кои стојат на патот на нашите сограѓани во оваа насока кон која може да продолжиме засилено“, рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања.

Инаку, проекциите на ДЗС се под претпоставка дека во земјава и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, ќе има економски развој и оти во првата половина од 2030-тите Северна Македонија ќе влезе во ЕУ.

Оваа проекција за населението е втора што ја изработува Државниот завод за статистика - 25 години по претходната проекција во 1998 година.

Проекцијата е направена врз основа на податоци од пописот на населението и домаќинствата што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година. Во него беа попишани 2 097 319 граѓани, а од нив како лица кои живеат во државата беа регистрирани 1 836 713. Бројот на луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава изнесуваше 260 606 лица.

Ако се споредат бројките со претходниот попис одржан во 2002 година, забележителен е црниот тренд и во двете децении помеѓу двата пописи. Од 2002 до 2021, според податоците, бројот на жители се намалил за 185 835 или за 9,2 отсто.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG