По две децении официјално се потврди дека бројот на жители во земјава е намален за 185 834 лица, или за 9,2 проценти, односно за околу два града како Куманово. Вкупното попишано население во земјава изнесува 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата. Нерезидентно население, односно луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава опфатени со пописот изнесува 260 606 лица.
Не се попишани на терен вкупно 132 260 луѓе за кои податоците се преземени од административни извори.
Последниот попис во 2002 година покажа дека земјава брои 2 022 547 жители, 564.296 домаќинства и 698. 143 станови. Попишувачите забележале 207 испразнети населени места.
„На ниво на целата држава, во споредба со податоците од пописот од 2002 година, вкупното население е намалено за 185 834 лица, или за 9,2 проценти. Бројот на домаќинствата е зголемен за 34 336 или за 6,1 процент, додека бројот на станови е зголемен за 141 031 или за 20,2 проценти“, изјави директорот на заводот за статистика Апостол Симовски.
Во политизираната македонска реалност во фокусот на интересот на јавноста се податоците за бројот на резидентно и нерезидентно население во земјата, како и проценти на двете најголеми етнички заедници.
Во однос на етничките заедници во земјава, од вкупно попишаното население 54, 21 процент се изјасниле како Македонци, додека 29,52 проценти се изјасниле како етнички Албаници.
Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти од населението се изјасниле како Македонци, а 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1, 3 отсто и 0, 87 проценти како Бошњаци.
Најголема промена во однос на претходниот попис од 2002 година има кај бројот на етничките Македонци. Во 2002 година имало скоро 1,3 милиони Македонци, односно над 64 отсто од населението. Пад има кај речиси сите етнички заедници, но процентот на застапаност не се разликува многу во однос на претходниот попис. Сепак, 132 илјади луѓе се попишани административно, и кај нив не е заведена етничката припадност, а тоа е бројка којашто сериозно може да влијае на промена на овие проценти.
Некои македонски политички партии и движења повикуваа на бојкот на пописот. Симовски посочи дека е мал бројот на лица кои не се попишани од различни причини.
„Има земји кои имаат многу поголем неопфат. Бројката од 132 илјади непопишани се однесува и на кампањите кои беа црни, дека се работи надвор од стандардите. Пописот го правевме среде лето и пандемија. Кампањите нанесоа штета, не корист. Кажувавме и тогаш, но се извршуваше работата. Нашата намера од старт да видат која е потребата од пописот. Не се проблем граѓаните кои подлегнаа на кампањата, туку тие кои ја спроведоа,“ изјави Симовски.
Од вкупниот број на македонски државјани кои живеат повеќе од една година во странство и странците времено присутни во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 проценти се изјасниле како Македонци, 66,36 како етнички Албанци.
Во однос на попишувањето на дијаспората, вкупно се самопопишаа 204 805 македонски државјани и тоа најмногу од западноевропските земји, а многу помал број од прекуокеанските земји.
Една од темите кои се наметнаа во македонско-бугарските преговори е положбата на бугарското малцинство во Македонија, или македонските Бугари. Од Софија велеа дека околу 100 илјади македонски граѓани имаат бугарски пасоши и оти очекуваат тоа да се рефлектира и на пописот. Сепак, според објавените резултати, само 3504 македонски граѓани се изјасниле како етнички Бугари, што е 0,19 отсто од населението.
Минатиот попис кој беше спроведен пред 20 години покажа дека од вкупниот број на жители Македонци се 1.297.981 а етнички Албанци 509.083. Од останатите заедници, најголема била турската со вкупно 77.959 жители. Веднаш по нив беа Ромите со 53.879 жители, Срби 35.939, Бошњаци 17.018, Власи 9.695 и останати 20.993.
Пописот во Македонија е тема со силен политички набој, зашто, според Уставот, од резултатите зависи и остварувањето на колективните права на заедниците, пред се употребата на јазикот и правичната вработеност во администрацијата.
Главниот град во државата брои 526 502 жители и во споредба со 2002 година е зголемен за 3,9 проценти.
Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики - дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира.
Директорот на заводот за статистика Апостол Симовски вели дека пред претставниците на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот и пошироко изјави дека пописот е спроведен по сите стандарди.
„Успешно и професионално спроведен попис во 2021 година. Тимот на завод за статистика покажа дека знае дека може, дека умее, дека е една од најпрофесионалните институции“, изјави Симовски.
Следниот попис ќе биде од административни извори, рече Симоновски.
Како се спроведе пописот ?
Пописот на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември, а веднаш потоа почна обработката на податоците. Според податоците што досега ги објави Заводот, во септември биле попишани 1.832.696 жители на земјава, 568.175 семејства и 837.255 станови.
Симовски - Никој нема да биде изоставен по обработка на податоците од пописот
Оние кои од која било причина останале нерегистрирани, нивните податоци ќе се најдат во некоја од базите на податоци при обработката на податоците и ќе бидат дел од Пописот. Во пописната база влегуваат најмалку седум регистри на податоци - од МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, Фондот за ПИОМ, УЈП, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Според последниот попис од 2002 година, Македонија имаше над 2 милиони жители.
Пописот првично требаше да се одржи во април минатата година, но поради противењето на опозицијата беше одложен за во септември. Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика беа мета на хакерски напади за време на одржувањето на пописот.
Пропаднатиот попис во 2011 година
Во 2011 година имаше обид за попис, но тој прекина поради несогласувања меѓу тогашните коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу методологијата, односно за прашањето дали да се попишуваат и иселениците.
Седум и пол години подоцна, во март 2018 година, тогашното СЈО отвори истрага под кодно име „Попис“, со двајца осомничени – Али Ахмети и Никола Груевски – партнери во Владата во периодот кога пропадна пописната операција. Кон крајот на 2020 година, Обвинителството донесе наредба за запирање на истрагата, со образложение дека не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и бивш премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Од 15 век датира првото попишување на македонска територија
Првите попишувања на македонската територија се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век. Првиот современ попис на територијата на Македонија е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис во земјава по нејзиното осамостојување.
Многу експерти, стопанственици, невладини организации забележува на тоа што речиси 20 години во земјава немаше попис, оти не може да се планира развојот во стопанството, образованието, здравството, домувањето и во другите економски и социјални сфери, а недостасуваше и официјална бројка на луѓе кои се иселиле од Македонија. Последниот попис беше спроведен во септември 2021, во услови на ковид панедемија.
Државите членки на ООН се обврзани на спроведување попис на населението и домувањето во согласност со донесените меѓународни препораки за пописите на населението и домувањето, подготвени од Економската комисија за Европа на Обединетите нации и Евростат.