Господине Бектеши, Мендух Тачи и неговата Демократска партија за Албанците ја напуштија коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ. Која е причината за овој потег, разговаравте ли со него?
Она што го кажа во еден од неговите настапи на една национална телевизија тој не е формално дел од Европскиот фронт, а имајќи пред вид дека оваа коалиција беше предизборно формирана. Секако дека ќе дејствува како опозиција и ќе биде во контакт со лидерот, претседателот Ахмети. Со него ќе ги координираат сите активности и ќе дејствува како опозиција во Собранието на Република Северна Македонија.
Координаторот на опозициската СДСМ, Оливер Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа рече дека се сомнева дека Европскиот фронт ќе оди во коалиција со владејачката партија ВМРО ДПМНЕ. Можно ли е ова да се реализира?
Во однос на можноста да се реализира коалиција на ДУИ со ВМРО ДПМНЕ вие знаете, а тоа го има кажано и Ахмети и сите други членови, дека ДУИ е за целосно почитување на охридскиот рамковен договор што мислиме и сме убедени а е покажано и во пракса дека преку почитување на тој договор нашата држава има само позитивни резултати од 2001 година па се до денеска.
Но, да бидам попластичен во однос на можно коалицирање, ако нема нови избори ДУИ нема да биде дел од владата а тоа го рече и претседателот Ахмети. Ние сакаме да ја имаме довербата на граѓаните и граѓаните да одлучуваат кој да ги претставува а не да е волја на некоја политичка партија.
Јас сум го кажал ова дека утре може Левица да има 80 пратеници, или што знам некоја националистичка политичка партија во нашата држава да има 90 или 61 пратеник и не можеме ние како држава, како мултиетничка држава која вредностите на Европската Унија сака да ги примени во целост да дозволиме такво не конструктивно дејствување и обид за омаловажување на другите етнички заедници во нашата држава.
Во однос на укинувањето на балансерот, како го толкувате тоа што објаснувањето беше дека дури и тој произвел дискриминација кон другите етнички заедници. Зошто за вашата партија тој е потребен ако со него се дискриминираат Ромите, Турците како што беше и објаснувањето на претседателот на Уставниот суд?
Не би сакал да ги коментирам објаснувањата на претседателот на судот бидејќи знаеме од која провиненција доаѓа истиот.
Од која?
Па тој е предлог на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и е назначен за судија во Уставен суд во негово време бидејќи и претседателот има можност да предлага судии.
Да, но тој ги отфрли сите политички влијанија?
Не сакам него да го коментирам бидејќи тој влијае негативно врз меѓу етничките односи во државата и треба да внимаваат кога ги носат овие одлуки кои се сензитивни и не ја водат државата напред туку ја враќаат назад пред Охридскиот рамковен договор каде што можат да растат тензиите во нашата држава, за жал а ДУИ работи интензивно за тоа да не се случи бидејќи приоритет на приоритетите е интеграцијата на државата во Европската Унија.
Да но балансерот предизвика други негативни појави, на пример луѓе се изјаснуваа за нешто што не се, националноста си ја пишуваа по потреба само за да се вработат во администрација?
Не се согласувам дека е злоупотребен во некои институции, но требаше да се надогради како механизам и луѓето во изводите кои ги вадат можеа да се видат условите во делот на кои конкурираат. Но, ова не беше прифатено како предлог а сега со укинување на балансерот се дозволува секој менаџмент на некоја институција да одлучува самостојно без да има пред вид Охридскиот рамковен договор и неговиот дух.
Како замена за балансерот новата власт најавува Закон за правична застапеност. Дали ќе го поддржите овој закон?
Ние ги поддржуваме сите добри политики, не само за албанската туку и за македонската етничка заедница но и за другите и во делот на нивните права но и во делот на општото добро на државата како што е економскиот развој, развојот во други сфери, во социјалните политики. Но, ние треба да имаме драфт на тоа законско решение иако и тој закон треба да има некој механизам кој ќе биде рамноправен за сите етнички заедници да можат да бидат претставувани.
Балансерот како механизам работи со процент се со цел да се стигнат одредени рокови за тоа да не биде тоа за 20 или 30 години да биде претставувана соодветно во државата. Ако новиот предлог е добар за сите етнички заедници вклучително и за македонската секако дека како ДУИ ќе го поддржиме.
Уставниот суд повеќе од пет години нема одлучено за Законот за примена на јазиците а сега има најава дека во декември ќе биде ставен на дневен ред. Значи ли ова дека предлозите на ДУИ беа погрешно креирани, ако и овој биде прогласен за неуставен? Коментарите и од вашите противници беа такви.
Значи вака, тие сакаат да направат де фокус, одредени поединци беа дел од ДУИ и биле носители во преговорите со други политички партии и со ВМРО ДПМНЕ и со СДСМ. Посебно господинот Меџити кога одеше на Бихаќка кога Заев сакаше да формира влада во 2017 година. Повеќе беше таму отколку во Мала Речица.
Но, тоа сам нека го објасни. Ние како ДУИ сме против укинување на тие одредби од Законот за употреба на јазиците, а во овој случај албанскиот јазик. А зошто? Заради тоа што тие законски решение произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Подолг период ДУИ најавува протести. Кој ќе биде клучниот момент кога ќе се одлучите на оваа мерка?
Демократската унија за интеграција моментално има состаноци во сите ограноци и веќе отвори дебата за тоа како треба да постапи ДУИ и сите идеи и предлози што произлезат од базата на ДУИ а ние ги повикуваме и останатите граѓани да учествуваат во ова.
Кој ќе биде моментот, што ќе биде она што би ја прелило чашата?
Јас мислам дека оваа влада секојдневно прави толку скандали што секој ден по еден протест би требало да се одржи од страна на граѓаните. И не само од ДУИ. Генерално од сите граѓани бидејќи сите имаат поголеми трошоци за се што е потребно за живот. Ништо не функционира. За жал доведовме во ситуација каде што ни умираат и млади луѓе во болниците каде што не можат да најдат соодветна грижа во нашиот здравствен систем.
Ќе биде ова обид за дестабилизација како што го толкува премиерот Мицкоски?
Па господинот Мицкоски го толкува ова од првиот ден откако е станат премиер и кажува дека ДУИ организира можна дестабилизација. Јас мислам дека потезите на Мицкоски и коалицијата Вреди водат кон дестабилизација и тие самите сакаат да дестабилизираат. ДУИ, Ахмети и ние како претседателство на партијата јасно кажавме дека на нашата држава не и треба дестабилизација, но во спротивно и требаат разговори и треба дијалог каде што сите ќе бидат еднакви во оваа држава.