Достапни линкови

Вести

Опозицијата од албанскиот блок бара Закон за правична застапеност во замена за балансерот

Зијадин Села
Зијадин Села

Треба да се стави крај на етничкото гласање како вчерашното кое се случи во Уставниот суд истакна претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села. За него скандалозна е вчерашната одлука на Уставниот суд во врска со „балансерот“. Вели дека тоа е обид да се суспендираат сите одбранбени механизми кои се градени низ овие години, а имаат за цел да ги заштитат правата на граѓаните. Со „удирањето“ по балансерот се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава,

„Одлука што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на „балансерот“. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните, рече Села.

Тој смета дека минимум што во ваква ситуација треба да се случи е да се донесе закон според кој за сите закони донесени со Бадентер, Уставниот суд треба исто така да одлучува со Бадентер.

Вчера реагираа и од коалицијата ВЛЕН од каде исто така велат дека, веќе работи на решавање на проблемот со правичната застапеност на Албанците во институциите, но на, како што стои, „адекватен систематизиран и кодифициран начин“ најавувајќи нов закон.

Уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата. Во меѓувреме, додека да одлучат дали е уставен или не, балансерот ќе биде „замрзнат.

На вчерашната седница (18 септември) Уставниот суд расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Антикорупциската комисија на седницата одржана на 11 јануари годинава одлучи да поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на алатката „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата.

види ги сите денешни вести

За 20 години, тројца лекари трајно останале без лиценца

Илустрација
Илустрација

Во регистерот на Лекарската комора во моментот се евидентирани 9.900 активни лиценци. Од Комората сепак, велат дека очекуваат бројот да се зголеми со оглед на фактот дека деновиве се полага државен испит.

Лекарската комора денеска (25 февруари) одбележа 20 години од добивањето овластувања да организира полагање на стручен испит, да издава лиценци за работа и да акретитира настани од континуирана медицинска едукација. На одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, Комората додели нови лиценци за работа на доктори на медицина.

Претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева Старделова рече дека првото лиценцирање во нашата држава било одобрено во 2004 година и се прави во циклуси на секои седум години.

„Од првата до наредната треба да се има четири години работа со пациенти во континуитет и 20 бода годишно, значи дека тие доктори биле на некаква медицинска едукација. Годинава обновуваме лиценци на оние што почнале од први, на 1.500 лекари“, појасни Калина Гривчева Старделова.

Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземени. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.

Таа наведе дека важењето на лиценците им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.

„Да одземете на некого лиценца тоа значи дека не може никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и таа го проследува до судот во честа“, истакна Гривчева Старделова.

Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.

„Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално“, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.

Од четврток локални врнежи од дожд

Архива
Архива

Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините.

Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег - соопшти УХМР.

Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.

Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.

Законските измени за онлајн игрите на среќа поминаа во прво читање во Собранието

Архива
Архива

Едногласна поддршка дадоа пратениците во првото читање на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирањето на злоупотребите.

На 34. седница на Собранието на која оваа точка се најде на дневен ред, образложение за предложените законски измени даде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој нагласи дека главната цел е да се спречи нелегалното коцкање и да се заштитат граѓаните од злоупотреби и финансиски малверзации.

„Измените во овој закон ќе ни овозможат како Министерство да се справуваме со овие прашања, во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за електронски комуникации“, ресе ресорниот министер.

Тој објасни дека по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за тоа кои провајдери немаат добиено лиценца за приредување онлајн игри на среќа и по верификација од Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до Агенцијата за електронски комуникации за прекинување на правото на пристап до овие провајдери, односно веб страници.

На овој начин, ќе им се забрани пристапот до нив за граѓаните од Македонија.

„Во втора фаза, ако некој од чинителите не постапува, овој закон ни дозволува можност и за прекршочни одредби и санкции кон оние институции кои нема да сакаат да постапуваат“, истакна Андоновски.

При подготовката на предложените законски измени тој нагласи дека се користени компаритивните искуства од Република Хрватска поради сличниот политички, економски и уставно-правен модел на македонскиот, а таму целата проблематика ја регулирало Министерството за финансии кои открило повеќе од 600 нелегални приредувачи на игри на среќа.

„Кај нас Агенцијата за електронски комуникации ќе води јавен, транспарентен регистар на оние институции коишто имаат забрана, односно на оние веб-страници што се забранети за пристап заради нелегалното приредување игри на среќа“, додаде Андоновски.

Министерот истакна дека по донесувањето законските измени веднаш ќе бидат имплементирани, односно наместо во предвидениот рок од 90 дена за донесување на подзаконските акти, веќе следната недела по објавувањето во Службен весник истите ќе бидат операционализирани.

Во дискусиите по предложените законски измени пратениците нагласија дека во државата се издадени 48 лиценци на компании за организирање игри на среќа, но евидентирани се околу 160 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа, а граѓаните досега на коцкање потрошиле 210 милиони евра.

Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации ќе оди на второ читање и ќе се достави до Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и до Законодавно-правната комисија на Собранието.

СДСМ го обвинува Меџити за корупција, за власта тоа се измислици

Изет Меџити, архивска фотографија
Изет Меџити, архивска фотографија

СДСМ денеска достави документи до премиерот, Христијан Мицкоски во врска со нивните тврдења за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер, Изет Меџити.

„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи кои се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции со архивски броеви, печати и со потписи“, рече во изјава за медиумите портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред да ги достави документите во Владата.

-Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните – праша Кузеска.

Таа додаде дека во Министерството за животна средина, според наведеното во приложените документи бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и админстративните процедури што остава сомнеж за корупција и за мито.

Од партијата очекуваат премиерот во најбрз можен рок да ги разгледа и да ги повика надлежните институции да реагираат.

Меџити: Административна или архивска работа не е скандал

Вицепремиерот и министер за животна средина, Меџити смета дека административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.

Одговарајќи на новинарско прашање за денешното доставување документи во Владата од страна на опозицијата, тој рече дека вакви тврдења прво имало од ДУИ.

„Сега за жал, СДСМ оди по нивна памет и се гледа дека се синхронизирани во нападите. Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат“, посочи Меџити.

Сепак, тој истакна дека се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат.

„Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго. Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ“, изјави Меџити.

Посочи дека Управниот инспекторат е само опоменат и дека веќе ја обжалил опомената.

По денешното доставување на документите во Владата, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа преку писмено соопштение во кое обвинија дека опозициската СДСМ е „потоната во корупција и криминал“.

СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде?

СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде? Ниту една измислена кованица за Изет Меџити, не може да направи паралела, ниту да ги ослободи од вината, дека не го апсеа Груби од страв да не им падне владата, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

Во Собранието почна надзорната расправа за аерозагадувањето

Аерозагадување во Скопје, архивска фотографија
Аерозагадување во Скопје, архивска фотографија

Во Собранието почна надзорната расправа за аерозагадувањето што ја организира собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев на почетокот на расправата рече дека неа ја побарале 20 пратеници на почетокот на годинава, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции.

Пред почетокот на расправата, Апасиев на прес конференција изјави дека доколку собранискиот спикер, Африм Гаши донесеше решение за поништување на надзорната расправа на Анкетната комисија, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставниот суд.

На надзорната расправа ќе бидат сослушани овластени претставници и сведоци поделени во шест сесии – претставници од невладини организации, академската заедница, единиците на локалната самоуправа, јавни институции, владини претставници и од приватен сектор.

Апасиев соопшти дека владини претставници не се одѕвале на поканата да учествуваат на надзорната расправа, а дека покана добиле премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Прв кого пратениците го сослушуваа на расправата е Бојан Трпевски од Здружението на млади правници. Тој рече дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина. Според него, тоа е еден од предизвиците со кои се соочува државата.

Нивното здружение има две тужби во судовите во Скопје и Битола, против Влада и против Град Скопје, односно против МЖСПП и Општина Битола, како и поведени други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад.

За жал, рече Трпевски, сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур. Тековно имаат пред Виш управен суд постапка по жалба.

„Нашето истражување од 2023 укажува на намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички што укажува дека државните мониторинг мерки станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките“, додаде Трпевски.

Во однос на мерките од Владата за справување со аерозагадуваето, како што рече, воопшто не спорат дека мерки се преземаат, но дека е поважно да се согледаат ефектите и да се има стратешки пристап наместо ад хок мерки.

Според него, клучно е финансирањето за спроведување на законите во областа на животната средина и е нужно поголемо издвојување на средства од Буџетот.

„Она што сметаме дека е многу поважно прашање е кој е ефектот од тие мерки што ги презема не само оваа Влада туку и во подолг период, затоа што граничните вредности за концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, кои се најпроблематични, во континуитет се надминуваат секоја годна над дозволеното ниво односно над 35 дена, согласно нашето законодавство“, рече претставникот од Здружението на млади правници, одговарајќи на прашања на пратениците.

Трговците, според законските измени, треба да ги објавуваат цените и на своите веб страници

Илустрација
Илустрација

Трговците на мало (малите, средните и големите) да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани. Оние пак, што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Ова го налага Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите што денеска го разгледа собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Според законските измени, од ваквата обврска се ослободени микротрговците и трговците-поединци, јави агенцијата МИА.

„Како владејачко мнозинство ќе наметнеме обврска сите мали, средни и големи трговци да креираат веб страница на која ќе ја наведуваат цената на производите за секој нивен маркет на дневно ниво, а Државниот пазарен инспекторат по иста основа да казнува ако тоа не го направат“, нагласи Бојан Стојановски, претседател на Комисијата и еден од предлагачите на законот.

Целта на Предлог-законот, се наведува во образложението, е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за нивна подобра информираност за цените на производите и за олеснување на споредливоста на цените.

Ваквото законско решение се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници кои ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало.

Продажната и единична цена треба да бидат јасно означени на видлив и читлив начин за потрошувачот да има подобра прегледност и споредливост на цените – се додава во образложението.

Вакви законски решенија не се новина и се содржани во законите од областа на заштитата на потрошувачите и успешно се применуваат во Франција и во други држави. Франција има строги правила за заштита на потрошувачите и фер конкуренција, особено во прехранбениот сектор. Овие правила се регулирани во Законот за заштита на потрошувачите и европските директиви за електронска трговија.

Освен тоа, наведените измени и дополнувања се во согласност со Директивата 98/6/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 16 февруари 1998 година за заштитата на потрошувачите при означувањето на цените на стоките што им се нудат на потрошувачите, која е транспонирана во предметниот закон.

Предлог-законот предвидува и соодветно дополнување на прекршочните одредби од Законот за заштита на потрошувачите со глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори.

Разгледани и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини

Комисијата го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Целта на законот е менување на начинот на распределба на концесискиот надоместок за експлоатирана количина минералната суровина во случај кога се преработува и/или се одлага јаловината од преработката на територија на друга општина од општината на чија територија се врши концесиската дејност.

Во тој случај, како што објасни пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ, Владата со одлука ќе го распредели концесискиот надоместок за експлоатирана количина минерална суровина меѓу општината на која се врши концесиската дејност и општините на чија територија се преработува и одлага јаловината од преработката на минералната суровина.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини се поднесени од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Законите треба да се донесат по скратена постапка, а ставени се на дневен ред и на денешната 35. собраниска седница.

Српското обвинителство ја проверува работата на невладини организации, полиција во неколку канцеларии

Вишото јавно обвинителство во Белград објави дека отворило случај за сомневање за злоупотреба на средствата на американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) од страна на невладини организации во Србија.

Обвинителството потврди дека на 25 февруари полицијата „започнала да собира информации“ во врска со работата на четири невладини организации: Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА), Граѓански иницијативи, Центарот за практична политика и Фондацијата Траг.

„Со цел да се проверат наводите и да се соберат докази во врска со сомневањата за злоупотреба на средства на УСАИД и можно перење пари, Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата испрати барање до полицијата да ги собере потребните информации“, изјави главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ.

Тој додаде дека е наредено „засега“ да се земе сета документација поврзана со донациите на УСАИД од четири невладини организации, како и да се направат разговори со одговорните лица.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 24 февруари изјави дека „Србија ќе му помогне на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) во истрагата за финансирањето на српските невладини организации од УСАИД и Националната фондација за демократија.

Невладиното здружение Граѓански иницијативи преку соопштение за медиумите потврди дека полицијата влегла во нивните простории на 25 јануари.

„Ова е сериозен напад врз основните граѓански права и продолжување на незаконскиот притисок врз граѓанското општество во Србија. Владејачките структури се обидуваат да спроведат механизми на заплашување и прогон без да го усвојат Законот за странски агенти“, се вели во соопштението на Граѓанските иницијативи.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја ограничи работата на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) кога на 24 јануари нареди замрзнување на трошоците за 90 дена.

Уапсена уште една членка на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад

Архивска фотографија
Архивска фотографија

На белградскиот аеродром „Никола Тесла“ уапсена е Б.К., членка на комисијата за технички преглед на работите на реконструираната Железничка станица во Нови Сад. Таа е уапсена по нејзиното враќање од Италија – потврдија за Радио Слободна Европа од Вишото јавно обвинителство во Белград денеска (25 февруари).

Таа се сомничи за пропусти во работата, кои како последица го имале уривањето на настрешницата на железничката станица на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 15 лица, а две беа потешко повредени.

Б.К. е уапсена по налог од Посебното одделение за сузбивање на корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Белград кое уапси уште тројца нејзини колеги под истиот сомнеж, а „во врска со извршувањето на неколку кривични дела со елемент на корупција“.

Уапсен е М.С., претседател на Комисијата за технички преглед на Железничката станица, како и членовите на комисијата Ј.В. и М.Н.Ј.

Истиот ден уапсена е и С.К., менаџерка за инвестициски развој на АД „Инфраструктура на Српски железници“ со седиште во Белград.

Како што Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти вчера (24 февруари) постои основано сомнение дека М.С, Б.К, Ј.В. и М.Н.Ј. во периодот од март до 1 ноември 2024 година, како членови на Комисијата за вршење технички преглед на изведувањето на работите на делницата од пругата Нови Сад-Суботица-Келебија го прекршиле законот, прописите и општите акти.

Според Обвинителството, тие од 25 март до 5 април извршиле технички преглед на објектот на станицата, за што во Белград составиле извештај во кој констатирале одредени недостатоци, но со заклучок дека тие не влијаат на стабилноста и функционалноста на објектот и системот. Со ваквиот извештај, потврдиле дека објектот е изведен во склад со проектот за градежна дозвола и проектот за изведување на работите, иако знаеле дека записникот не е направен според сите прописи и правила, соопшти Обвинителството.

„При тоа, осомничената Б.К. не извршила преглед на конструкцијата на целиот објект на Железничката станица, иако таа била должна да го направи тоа, а тоа било наведено во Записникот за техничкиот преглед на објектот, со што биле запознаени останатите членови на комисијата “, истакнуваат од Обвинителството.

„Меѓутоа, тие и покрај тоа, ја одобриле пробната работа на објектот“, додаваат од Обвинителството.

Главниот јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, на прес-конференција вчера (24 февруари) рече дека осомничените продолжиле да го кршат Законот за планирање и изградба бидејќи во текот на самата пробна работа на објектот не го провериле исполнувањето на условите за издавање дозвола за употреба и не доставиле извештаи за тоа до инвеститорот.

„Пропустите на осомничените со така извршениот технички преглед на објектот се во причинско-последична врска со падот на настрешницата“, рече тој.

На товар на осомничените им се ставаат кривичните дела Несовесно работење во службата и Тешко дело против општата сигурност.

На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица, под сомнение за пропусти во реконструкцијата на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура на Српските железници", Јелена Танасковиќ.

Десет обвинети се во притвор, Весиќ е на слобода, додека Танашковиќ и Димоски се во домашен притвор.

На 3 февруари, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад објави дека проверува дали имало корупција за време на реконструкцијата на железничката станица.

Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните ќе расправа за аерозагадувањето

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Во Собранието за денеска е закажана седница на Постојната анкетна комисија за слободите и правата на граѓаните, на која, според најавата од веб страницата на Собранието, треба да се одржи надзорната расправа за аерозагадувањето.

Таа е закажана иако претходно претседателот на Собранието донесе одлука ваква надзорна расправа да се одржи во Комисијата за здравство затоа што не биле испочитувани процедураните правила во Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните.

Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Анкетната комисија е закажана за во 11 часот, за кога е закажана и прес конференција на претседателот на оваа комисија, Димитар Апасиев.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши вчера во изјава за новинската агенција МИА потврдија дека останува надзорната расправа да се одржи во Комисијата за здравство. Оттаму посочија дека на Апасиев му е укажано дека веќе закажаната расправа, согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не може да продолжи под тие околности.

- Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го разгледа предметот за надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ закажана за 25 февруари 2025 година и на 17 февруари заклучи дека не се почитувани процедуралните правила – соопштија од Кабинетот на Гаши, јави МИА.

Од кабинетот додаваат дека на 19 февруари, претседателот го информирал Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности. Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство, соопштија за МИА од Кабинетот на Гаши.

Од друга страна, Комисијата за здравство, чиј претседател е Рашела Мизрахи, во петок ќе одржи седница на која ќе треба да се договори кога ќе се одржи надзорната расправа, а до 3 март ќе треба да се достават предлог листи со учесници на надзорната расправа. Според начелниот договор, би требало надзорната расправа да се почне на 21 март.

Претседателот на Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните Димитар Апасиев ја закажа надзорната расправа за ефектите од аерозагадувањето со потписи од 20 пратеници од опозицијата.

Сепак, владејачкото мнозинство реагираше на процесот на организирање на расправата, но и на фактот дека барањето за надзорна расправа не треба само да се проследи до пратеници, туку дека претседателот на Собранието одлучува кое собраниско тело ќе ја организира.

По ова, владејачкото мнозинство во Собранието со потписи од 61 пратеник достави до претседателот на Собранието барање за одржување надзорна расправа за аерозагадувањето. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски тогаш во изјава за медиумите рече дека надзорна расправа ќе се случи, но со целосно почитување на одредбите од Деловникот.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието информираа дека надзорната расправа ќе се одржи во Комисијата за здравство затоа што согласно заклучокот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не биле испочитувани процедуралните правила.

- Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста - наведоа тогаш во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Предлогот за разрешување на Коцевски на денешната владина седница

Љупчо Коцевски, архивска фотографија
Љупчо Коцевски, архивска фотографија

Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски се очекува да биде усвоен на денешната владина седница. Премиерот Христијан Мицкоски вчера информираше дека постапката може да трае неколку недели или месеци, согласно законот.

Одговарајќи на новинарски прашања на вчерашната прес-конференција, за тоа дали на денешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.

„Апсолутно не можеме ние како Влада да го разрешиме, туку можеме да ја отпочнеме постапката. Како што имам информација треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење. Оваа процедура ќе потрае, нема да заврши инстант брзо. Таков е законот“, рече Мицкоски.

Премиерот и викендов се осврна на постапката на разрешување на Љупчо Коцевски, но одговори и на прашање за интерпелациите на членовите на Судскиот совет, напоменувајќи дека двата процеса се паралелни, а процедурата е тргната и нема сопирање.

„Министерството за правда е задолжено да достави како ќе оди процедурата. Задутре на владина седница тоа ќе го поминеме. Процедурата е тргната, нема сопирање. Да одиме чекор по чекор. Штотуку слетав, пред 15 минути. Да ме избрифираат соработниците што се случуваше. Следно е Судски совет, тие два процеса се паралелни, едно со друго не се во колизија“, рече Мицкоски.

Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.

- Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, соопштија од Министерството за правда.

Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.

Републичкиот обвинител Коцевски го демантираше тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.

Тој изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG