Премиерот Христијан Мицкоски, по повод првите 100 дена од работата на Владата, рече државата нема да отстапи од полноправното членство во Европската унија (ЕУ), но дека нема да направи ниту една остстапка која ќе значи „дополнително понижување и срам“ за македонските граѓани.
Опозицискиот лидер Венко Филипче реагираше оценувајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопала европската иднина на државата „и не оставила на дното на Балканот.“
Мицкоски на прес-конференција на 1 октомври рече дека земјата останува во „чекалната“ на ЕУ поради нерешениот проблем со уставните измени, но ја уверува македонската јавност за две работи: прво, дека Владата нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните и на националните интереси, и второ - дека нема да отстапи од полноправно членство во ЕУ
„И ако треба ќе разговараме со кого било, и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема да повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите кои живеаат заедно со него“, рече Мицкоски.
Во Северна Македонија парламентарни избори се одржаа на 8 мај, по што дојде до промена на власта. ВМРО-ДПМНЕ формираше Влада и најави дека ќе бара одложена примена на уставните измени – да се изгласаат сега, а да важат од моментот на полноправно членство во ЕУ.
Уставните измени се потребни за да се исполни барањето на Бугарија која го условува отворањето на поглавјата во пристапните приговори со ЕУ со внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Филипче: Премиерот ги прекина преговорите со ЕУ како државата да е негова своина
Опозицискиот лидер Венков Филипче реагираше на денешните изјави на Мицкоски. Според лидерот на опозицијата, премиерот еднострано одлучил да ги прекине преговорите со ЕУ, велејќи дека тој тоа го направил како „државата да е негова своина“ и дека не понудил ниту јасен пат како напред, ниту атернатива.
„Нема ни трага од мудрата дипломатија која трбеаше да не направи повторно годри. ВМРО-ДПМНЕ ги разочара сите, и оние кои се надеваа дека Преспанскиот договор не е готова работа, но и оние кои се надеваа дека ВМРО-ДПМНЕ има план да ги продолжи евроинтеграции на подобар начин од СДСМ“, рече Филипче.
Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница.
Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес.
За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Бугарското вето во 2020 година дојде откако претходно почетокот на преговорите со години блокираше Грција поради спорот за името, кој беше решен со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година и со промената на уставното име Република Македонија во Република Северна Македонија.
Македонија од 2005 година е земја кандидат за членство во ЕУ.
Мицкоски: Фокус на ЕУ, но и на внатрешните реформи
Премиерот Мицкоски рече дека сега државата ќе се фокусира и на ЕУ, но и на внатрешните реформи, но без дополнителни понижувања и отстапки, додавајќи дека дека земјава има многу пријатели во европското семејство.
Тој додаде дека првите 100 дена од изборот на новата Влада не биле лесни, но рече дека реализирале, донеле или отпочнале над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.
„Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат. Денешната цел е недвосмислена - 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата“, рече Мицкоски.
Ништо од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ, вели опозицијата
Од друга страна Филипче рече дека новата Влада во изманите 100 дена не исполниле ништо од нивните ветувања.
„Добивме влада од која досега слушаме само изговори и обвинувања на претходниците за секоја своја неспособност, влада која врши брутална партизација со некомпетентни кадри и секојдневни скандали на министрите. Одговорност за функционерите и политичарите нема, а вистината е заменета со постојана пропаганда“, рече Филипче.
Филипче рече дека меѓу неуспесите на новата влада се пад на просечната плата после 7 години за 1.000 денари, но и тоа дека нема зголемување на минималната плата, но и според него се враќало времето на евтина работна сила и имало намалување на животниот стандард.
„Нема ни трага од епскиот криминал кој ќе го докажувале“, рече Филипче.
Новата Влада на Северна Македонија беше формирана на 23 јуни, по парламентарните избори од 8 мај, на кои до тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа над СДСМ и ДУИ.
По изборите, ВМРО-ДПМНЕ, која освои 58 пратеници во Собранието, направи владина коалиција со „Вреди“ која доби 14 пратенички места и со ЗНАМ која освои шест мандати.
Опозициските ДУИ и СДСМ освоија по 18 пратенички места. Уште шест пратеници се на партијата Левица.