Достапни линкови

Држава на спореден колосек


Во чекална на патот кон ЕУ, железничкиот сообраќај е слепо црево во Европа, „ дворски игри“ во судството, а битката против криминалот и корупцијата се сведува на изјави, најави и по некоја истрага, без завршница, засега... Њузлетер 27.09.2017

Албанија ги почнува преговорите со ЕУ и на тој пат се одвојува од Северна Македонија

Патот на Албанија за пристапување во ЕУ ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првите преговарачки кластери ќе бидат официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука била донесена едногласно од страна на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во среда (25 септември), тврди бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во Советот на ЕУ.
„Ова е добра вест за Албанија во нејзините напори да ги исполни барањата за напредок на нејзиниот пат кон ЕУ, но е назадување за Северна Македонија, која уште еднаш не успева да го направи решавачкиот чекор кон пристапувањето во ЕУ“, пишува „Еурактив“

ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен. За Северна Македонија поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите.
Белери, кој во меѓувреме беше избран за европратеник од Грција на изборите во јуни, беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.

По изборите во мај годинава, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, владата на Христијан Мицкоски стави до знаење дека сака да го репреговара т.н. „француски предлог“, што, како што потсетува „Еурактив“, наиде на отфрлање од ЕУ која предупреди дека следниот чекор ќе биде одвојување на Северна Македонија и Албанија од патот кон ЕУ.

Брза пруга – засега само сон

Македонски железници лани одбележаа 150 години од првиот воз, кој сообраќал од Солун до Велес. Сега, нема патнички возови ни до границата со Грција, ниту пак до границата со Србија. Се одвива само редуциран товарен превоз со возови, бидејќи нема доволно локомотиви, па и товарните возови во државата често стојат.

Во внатрешниот железнички превоз функционираат само неколку линии, со чести доцнења и со брзина, понекогаш, со 20 километри на час.
Од друга страна, пак, македонските власти најавуваат изградба на брза пруга, на која ќе се вози и со 200 км на час за патничките и 120 км на час во товарниот сообраќај. Брза пруга засега е само идеја, нема проект.

Проекциите се дека би чинела 8 до 12 милиони евра по километар, а потребните околу 210 километри би биле готови за 8 години.
Во Србија како дел од Коридорот 10 веќе е пуштена брзата пруга од Белград до Нови Сад, готова е и пругата до Суботица, а во почетна реализација е и од Белград до Ниш. И Грција е во напредна фаза, но Северна Македонија заостанува за да го заокружи поврзувањето на Будимпешта со грчките пристаништа.
Брза пруга е неопходна, велат експертите, бидејќи тоа ќе биде последен воз за државата да не остане слепо црево и да не биде избришана од железничката карта на Европа. Погледнете го видео прилогот...

Македонците се возат со воз 20 км/час, сонуваат за 200 км/час
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00


Последен воз и за оправање на состојбите во судството

Новата власт најави реформа на Академијата за судии и јавни обвинители, но, како што велат, најнапред ќе се правеле анализи. Идејата е да се подели. Од Министерството за правда велат дека Академијата „со години беше извор на скандали од кои поголем доказ за потребата од реформа не е потребен“.
„Дали со избор на синови, ќерки или блиски на високо позиционирани функционери на ДУИ и на СДСМ, или годинава со прекршување на законот за што потврдија и Државната комисија за спречување корупција и Управен суд. Да не заборавиме дека АСЈО беше дел и од оној коруптивен скандал со судија на Врховен суд и член на Совет на јавни обвинители, кои се спогодија со судот“, велат од Министерството за правда за РСЕ.

Но, какви реформи сега планира власта, од Министерството за правда не прецизираат.

Поранешната врховна судијка Вера Коцо, која е и едукатор во Академијата, вели дека не е лоша идејата да се подели бидејќи не е идентична работата на судиите и обвинителите. Но, нагласува дека тоа не е исклучително важно бидејќи и во вакви услови ако се сака може да се има професионални судии и обвинители.
Во меѓувреме, Академијата за судии и обвинители избира нов директор, бидејќи, поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули. Кандидати се петмина судии и двајца обвинители.

Академијата за судии и јавни обвинители постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител.

„Расчистување“ во Државна лотарија

Згаснуваат четири платформи за интернет игри на среќа кои биле основани во време на претходната владејачка гарнитура СДСМ-ДУИ. Сега државата планира да преземе мерки за да го елиминира пристапот до преку 2.000 онлајн платформи регистрирани во странство каде македонските граѓани се коцкаат.

Во иднина, веб - страницата „Мегавин.мк“, кој е во 100 процентна сопственост на АД Државна лотарија ќе биде единствената легална платформа за приредување на онлајн игри на среќа во Северна Македонија. Останатите четири кои во моментот функционираат, ќе мора да прекинат со работа.

Со одлука на владата, е задолжена Државната лотарија да ги започне сите неопходни постапки за престанок на друштвата за интернет игри на среќа во кои фигурира како доминантен сопственик со 51 насто од сопственоста.
Според информации од Државната лотарија, на четирите онлајн платформи за коцкање кои во следниот период треба да се укинат се регистрирале околу 80.000 Македонци.

Со уште една одлука, петта по ред, која пак се однесува на видеолотариските игри, Владата ја задолжи Државната лотарија да отпочне процес на укинување на Државната видеолотарија НОВО ВЛТ ДОО Скопје, со образложение дека правото за електронските игри на среќа незаконито било пренесено кон ова друштво во 2022 година со одлука на Влада.
Сите овие пет компании, и за онлајн коцкање и видеолотаријата беа формирани со одлуки на седници на влада, на кои потпис ставиле поранешниот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Останува да се види дали владините одлуки за незаконско формирање на овие компании ќе повлече и кривична одговорност за оние кои ги аминувале.

Освен укинувањето на платформите за онлајн коцкање Владата почна со расчистување на другите сомнителни договори склучувани од претходното раководство на Државна лотарија.
На 23 септември, Државната лотарија испратила допис до компанијата „Хеј ДООЕЛ“ во сопственост на Асмир Јахоски дека еднострано го раскинува договорот за закуп на нови деловни простории каде требаше да се пресели акционерското друштво.

Во известувањето во кое имаше увид РСЕ, Државната лотарија навела дека новото раководство на акционерското друштво утврдило голем број неправилности во врска со склучениот договор за закуп на поранешниот ресторан за свадби во Визбегово тежок 2,6 милиони евра. И за ова ќе се разгледува можноста за кривична одговорност.

Главоболка со нерегистрирани лекови

Клиниката за неврологија како донација примила лек за мигрена кој не бил регистриран во регистарот на лекови во Северна Македонија, чиј рок на употреба бил помал од 12 месеци. Лекот бил доставен до клиниката иако Министерството за здравство ја немало потребната документација за да овозможи законски прием и издавање на лекот.
Ова, меѓу другите неправилности, го констатира Државниот завод за ревизија, во извештајот за работата на Клиниката за неврологија за 2023 година.
Вредноста на лекот е околу 26 милиони денари, односно околу 420.000 евра.
Пациентите за овој лек потпишувале изјава дека се согласни да го примат.

Лекари од Клиниката за РСЕ велат дека проблемот бил поради административна пречка која не можела да се отстрани за тие 12 месеци, па рокот истекол и дел од количината на лекот воопшто не била дадена на пациенти.
Радио Слободна Европа испрати прашања до Министерството за здравство и до претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити (кој сега е директор на Клиниката за неврологија), за тоа дали како министер во 2023 година дал согласност за прием и употреба на лекот. До објавувањето на текстот, одговор не добивме.

Клиниката за неврологија ниту лековите за ретки болести не ги евидентирала во сметководствената евиденција, покажува ревизорскиот извештај.

За потребите на Клиниката во 2023 биле доставени лекови во вредност од околу 215 милиони денари, а на крајот на годината останале неискористени лекови вредни околу 30 милиони денари. Приемот и издавањето на овие лекови се „пишувал“ во помошна книга, а не во сметководствена евиденција.

Ревизорите утврдиле и дека Клиниката за неврологија месечно ангажирала 15-25 медицински сестри,болничари и шалтерски работници со договор на дело, без согласност од Министерство за финансии. За нив биле исплатени околу два милиони денари. Првите седум месеци за овие договори воопшто не била побарана согласност од Министерството за финансии. Потоа, била побарана, но не и добиена, па и во следните пет месеци работеле без таква согласност.

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, на брифинг за медиуми, почетокот на септември, алармираше за несоодветни планирања и „дозволен хаос“ на јавните здравствени установи, кои натрупале долг од пет милијарди денари.

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања

На 24 септември 2023 година, десетици вооружени лица од етничките Срби, нападнаа полициска единица во селото Бањска во северно Косово. Во долготрајна престрелка загинаа еден полицаец и тројца милитанти. Овој месец, косовските власти обвинија 45 лица за нападот, вклучително и политичар за кој се смета дека е на слобода во Србија. Иако мотивите остануваат нејасни, косовските власти велат дека напаѓачите имале за цел да предизвикаат конфликт што ќе овозможи дел од северно Косово да се приклучи на Србија.

Една година по нападот во Бањска, Косово, сè уште отворени прашања
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG