Клиниката за неврологија како донација примила лек за мигрена кој не бил регистриран во регистарот на лекови во Северна Македонија, чиј рок на употреба бил помал од 12 месеци. Лекот бил доставен до клиниката иако Министерството за здравство ја немало потребната документација за да овозможи законски прием и издавање на лекот.
Ова, меѓу другите неправилности, го констатира Државниот завод за ревизија, во извештајот за работата на Клиниката за неврологија за 2023 година.
Вредноста на лекот е околу 26 милиони денари, односно околу 420.000 евра.
Пациентите за овој лек потпишувале изјава дека се согласни да го примат.
„Постапувањето со овој дониран лек може да има влијание на остварувањето на начелото на квалитетен и сигурен здравствен третман и покрај тоа што истиот има одобрение за употреба во земјата која го донирала лекот (одобрен е од Американската агенција за храна и лекови - ФДА, н.з). Истакнуваме дека во случај на донација на лекови и со рок пократок од 12 месеци потребно е одговорните лица во Министерството и МАЛМЕД (Агенцијата за лекови, н.з) да дадат согласности и одобренија пред лековите да бидат увезени и доставени до јавните здравствени установи“, констатирале ревизорите.
Клиниката го добила лекот врз основа на Меморандум за разбирање меѓу Министерството за здравство и проектот ХОПЕ. Според ДЗР, лекот требало да им се дава на пациентите само ако за тоа имало согласност од министерот за здравство и одобрение за увоз на донацијата од Агенцијата за лекови.
„Наведеното доведува до ризик лекот да не се употреби во рокот, па клиниката дополнително да плаќа за да го уништи“,пишува во извештајот на ДЗР.
Лекари од Клиниката за РСЕ велат дека проблемот бил поради административна пречка која не можела да се отстрани за тие 12 месеци, па рокот истекол и дел од количината на лекот воопшто не била дадена на пациенти.
Радио Слободна Европа(РСЕ) испрати прашања до Министерството за здравство и до претходниот министер за здравство, Фатмир Меџити (кој сега е директор на Клиниката за неврологија), за тоа дали како министер во 2023 година дал согласност за прием и употреба на лекот. До објавувањето на текстот, одговор не добивме.
Висар Мифтари, кој беше директор на клиниката од март па до крајот на 2023 година, беше недостапен.
Од Агенцијата за лекови и медицински средства за РСЕ ја објаснија постапката околу одобрувањето на донирани лекови.
„Секоја донација претходно ја одобрува Министерството за здравство-Сектор за донации, кој издава согласност врз основа на претходно доставена документација за бараната донација. Агенцијата за лекови и медицински средства согласно претходно потпишана согласност за донација од министерот за здравство, издава одобрение за увоз на Министерството за здравство. За да може Агенцијата да одговори на Вашето барање, потребни ни се дополнителни податоци за името на лекот и точниот временскиот период на донацијата“, ни одговорија од Агенцијата.
Глобалната здравствена и хуманитарна организација Проект ХОПЕ работи во Северна Македонија од 1992 година и често донира опрема и други средства за потребите на болниците, за медицинскиот кадар и за пациентите.
Нема сметководствена евиденција за лековите за ретки болести
Клиниката за неврологија ниту лековите за ретки болести не ги евидентирала во сметководствената евиденција, покажува ревизорскиот извештај.
За потребите на Клиниката во 2023 биле доставени лекови во вредност од околу 215 милиони денари, а на крајот на годината останале неискористени лекови вредни околу 30 милиони денари. Приемот и издавањето на овие лекови се „пишувал“ во помошна книга, а не во сметководствена евиденција.
Според ДЗР, вака не може да се има увид во расположливите количини лекови.
Исто така, Клиниката минатата година примила донација од лекови во вредност од околу 79 милиони денари. И тие не биле евидентирани во материјална и сметководствена евиденција.
Во 2023 година Клиниката за неврологија набавила лек за мултипла склероза од листата на Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ), кој чинел околу 87 милиони денари. Предметот на набавка бил набавен во три дела, набавени се лекови од исто генерично име, но од два различни производитела чии цени значително се разликувале.
Лековите од условен буџет ги бирало раководството
Ревизорите нашле недоследности и кај условните надоместоци за лекови. Какви лекови и за колку пациенти се потребни преку условен надоместок кажувало раководството на Клиниката, а не стручен колегиум, пишува во ревизорскиот извештај.
Понатаму, во системот „Мој термин“ во 2023 година биле закажани и реализирани 2.732 термини. Тоа е само 13 отсто од прегледите што Клиниката е задолжена да ги направи.
Ревизорите утврдиле и дека Клиниката за неврологија месечно ангажирала 15-25 медицински сестри, болничари и шалтерски работници со договор на дело, без согласност од Министество за финансии. За нив биле исплатени околу два милиони денари. Првите седум месеци за овие договори воопшто не била побарана согласност од Министерството за финансии. Потоа, била побарана, но не и добиена, па и во следните пет месеци работеле без таква согласност.
Недоследно биле почитувани јавните набавки - набавките на реагенси за лабораторија не овозможувале конкуренција и еднаков третман, па се нарачувале реагенси зи потрошен материјал од фирма ексклузивен застапник за нив.
ФЗО алармираше за „дозволен хаос“
Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување(ФЗОРСМ), на брифинг за медиуми почетокот на септември алармираше за несоодветни планирања и „дозволен хаос“ на јавните здравствени установи, кои натрупале долг од пет милијарди денари.
Фондот за здравство ѝ одобрил 166 милиони денари условен буџет на оваа клиника за набавка на имуномодулаторна терапија за невролошки заболувања.
„Од минатата година воведовме строги контроли на условните буџети поради воочени недостатоци. Сите фактури што треба да се исплатат се праќаат на одобрување во Фондот. Од овој месец контролите се и построги, свесни за неправилностите и во делот на набавките, и на платите и на другото работење. Сите констатирани неправилности ги проследуваме натаму во Државната комисија за спречување на корупцијата, во Министерството за внатрешни работи, во Финансиска полиција“, изјави Клековски за РСЕ.
Клиниката за неврологија, односно нејзиниот поранешен директор Висар Мифтари, не одговорил на забелешките во извештајот на Државниот завод за ревизија.