Достапни линкови

Приоритети


Приоритети - човечки животи, цени на основни продукти, битка против криминалот и корупцијата, членство во ЕУ. Неспорни декларативни приоритети на секоја влада, но, што се прави на практичен план? Њузлетер 20.09.2024

1. Негрижа за загадувањето со смртни последици

„Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации. Со концентрации кои во континуитет го загрозуваат здравјето на граѓаните, државата со години е рангирана на врвот меѓу земјите со најзагаден воздух во Европа.

Д-р Оливер Зафировски, пулмолог, кој над 30 години работеше на Клиниката за респираторни заболувања кај децата, „Козле“, го истакнува негативното влијание на вкупното загадување. Тоа е присуството на сè поголеми загадувачи во воздухот како сулфур диоксид и јаглерод диоксид.

„Загадени се воздухот, почвата, водата и храната. Сето тоа има негативно влијание уште во бременоста и е директен ризик фактор за новороденчињата“, вели д-р Зафировски.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на почетокот на 2024 година објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија можат да се препишат на изложеноста на загадувањето.
Тоа е речиси 18 отсто од вкупната смртност во државата.

Што се превзема? – речиси ништо!

Еколошки организации предложијасерија мерки за намалување на загадувањето, особено во зимските месеци. Наместо тоа, Советот на Град Скопје изгласа Програма за заштита на животната средина, за која од Зелен Хуман Град велат дека има само една мерка за намалувањето на аерозагадувањето, а тоа е бесплатен јавен превоз кога е многу загаден воздухот.
Проблемот со загадениот воздух беше дискутиран и на седница на Советот за безбедност во 2019 година, но подобрување нема.
Владата досега не најави дали ќе преземе мерки против очекуваното загадување на воздухот претстојната зима.

2. Инфлацијата и цените под контрола, но, само за празници?

Владата најавува ограничување на маржите на некои производи. „Наместо замрзнување на цените, продуктите што ќе се најдат во есенската кошничка ќе бидат со ограничени маржи од бруто 10 проценти“, објасни деновиве министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Тој најави дека покрај есенска кошница, ќе има и божиќна, рамазанска, велигденска, бидејќи обично, нагласи, во периодот пред и за празниците, трговците секогаш ги зголемуваат цените.

Според економски експерти било каква мерка нема да даде долгорочен ефект против инфлацијата поради зависноста на земјата од увоз. Оценуваат дека ако не се зголеми домашното производство, проблемот во иднина ќе стане уште поголем.

Според најавите,ограничувањата на маржите ќе важат само за производите вклучени во овие кошнички, кои се различни од оние што секој месец ги подготвува Сојузот на синдикати, а чии последни податоци покажа дека на едно четиричлено семејство му се потребни над 60 илјади денари за основните месечни трошоци.

Но, растот на цените не беше запрен ни за време на претходната влада, кога имаше мерки за замрзнување на цените, на маржите, но реалноста на пазарот беше поинаква.
Над 86 илјади луѓе во државата живеат во екстремна сиромаштија, а околу 520.000 се умерено сиромашни, покажуваат резултатите од студијата на Светската банка, објавена во 2023 година.

3. Битка против криминалот со ново Обвинителство

Скопското обвинителство доби специјален оддел за сериозен и сложен криминал. Потребата дошла по промените на Кривичниот законик за делото Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. Со промените голем дел од предметите кои беа поврзани со злоупотреби, од Обвинителството за гонење организиран криминал, преминуваат во новоформираното одделение во скопското обвинителство.

Од таму велат дека со ова нема да се создаде паралелно обвинителство на она за гонење организиран криминал и корупција туку само ќе се канализираат посериозните предмети кај тим од обвинители кои ја познаваат материјата.

Шеф на одделот ќе биде обвинителот Владимир Милошески, кој во скопското обвинителство дојде токму од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој го застапуваше предметот „Поткуп“ против тогашниот премиер Зоран Заев, „Ќелија“ во кој беа обвинети повратници од ИСИС, а беше обвинител и во предметот против сопственикот на „Беса транс“ во чиј автобус загинаа 45 македонски државјани во Бугарија. Имињата на останатите обвинители не се откриваат.
Според адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ добро е што е формирано вакво одделение, но смета дека ќе биде залудно доколку не се работи на негова екипираност во стручен кадар и ресурси.

4. Германија со контроли на границите против илегалните мигранти

Додека во Европската унија (ЕУ) растат тензиите околу прашањето за нерегуларната миграција, во Германија на 16 септември стапи на сила владината одлука за воведување гранични контроли.
Засилените контроли на сите девет копнени граници на Германија се обид на Берлин да ја ограничи имиграцијата преку спречување на луѓето, особено на барателите на азил кои веќе преминале во други земји на ЕУ, да влезат во Германија.

Од една страна, потегот го пофали екстремната десница, додека новите мерки на германската влада се неприфатливи за некои европски функционери бидејќи Германија може да го загрози целиот шенген систем, пишуваат светските медиуми.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони од екстремно десничарската партија Браќа на Италија ја пофали одлуката на Берлин, додека Герт Вилдерс од Холандската Партија на слободата (ПВВ) рече дека одлуката на Берлин е „одлична идеја“ и праша кога Холандија ќе го следи примерот. Унгарскиот премиер Виктор Орбан на платформата X напиша: „Добредојдовте во клубот“.

Марин Ле Пен од Националниот собир на Франција рече дека нејзината партија предложила „систем на двојни граници - надворешни и внатрешни“ на неодамнешните избори, но и било кажано дека тоа не е можно.
„Сега Германија го прави тоа“, рече таа. „Кога Франција ќе почне да го следи примерот?
Од друга страна, критичарите сметаат дека, со овој потег, Германија е на опасен пат и дека планот на владата ризикува да го прекрши правото на ЕУ.
„Не е ни чудо што Виктор Орбан и Герт Вилдерс навиваат. Олаф Шолц им помага да ја преобликуваат ЕУ каква што ја сакаат“, напиша Морис Стиерл, истражувач за миграција и граници од германскиот универзитет во Оснабрик, во колумната „Став“ (Opinion) за весникот Гардијан.

5. Приоритети на новата Европска Комисија

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на 17 септември го претстави новиот тим на ЕК за следните пет години.

Да го кажеме тоа вака: големи победници се балтичките земји и Полска, кои добиваат моќни позиции, додека други централни и источно европски земји, и не добиваат толку. Јасно е дека Балтикот се чини е блиску до срцето на Фон дер Лајен. Секако, веќе знаевме дека шефица на надворешната политика на ЕУ ќе биде поранешната естонска премиерка Каја Калас. Летонскиот ветеран Валдис Домбровскис го доби тешкиот економски ресор и покрај гласините дека во следните години ќе се занимава со проширувањето.

Поранешниот литвански премиер Андриус Кубилиус ќе го води новоформираниот ресор за одбрана. Ова може да биде празна улога ако нема пари од ЕУ за одбрана.
Пјотр Серафим, десната рака на полскиот премиер Доналд Туск, ќе го има в раце ќесето со пари – буџетот.

А што е со проширувањето?

Оваа област се однесува на многу кандидати за влез во ЕУ од Западен Балкан, како и на источните земји-кандидати: Грузија, Молдавија и Украина.
Ова требаше да биде еден од приоритетите на оваа нова Европска комисија. Тој и припадна на Словенија и Марта Кос – единствениот кандидат за еврокомесар кој не е потврден во националниот парламент во Љубљана.

Словенечката опозиција го одложи потврдувањето затоа што се вознемири што првичниот словенечки кандидат Томаж Весел беше сменет, бидејќи, Фон дер Лајен бараше повеќе жени во нејзиниот тим.

Доаѓајќи од поранешна Југославија, се чини очигледно дека Кос ќе се фокусира на Западен Балкан. И на некој начин, има совршена смисла затоа што многу од земјите таму во моментов се понапредни од Украина и Молдавија на нивниот пат кон ЕУ, и се чувствуваа малку оттргнати настрана од Брисел во изминатите неколку години.

Малку е веројатно дека таа ќе биде толку контроверзна како актуелниот унгарски комесар за проширување Оливер Вархеји, кој јасно стави унгарски печат извршувајќи ја функцијата. Но, сè уште се чувствува дека проширувањето не е на врвот на агендата во Брисел во годините што доаѓаат.

...............................................................

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG