Нов урбанистички закон за „штанцање“ градежни дозволи
Измените на Законот за урбанистичко планирање ќе овозможат носење на стари ДУП-ви кои ќе предизвикаат хаос во градовите, уништување на јавниот простор и зголемен бројот на автомобили со изградба на катни гаражи, реагираат граѓанските организации. Велат, „вака се дополнува урбаниот хаос и се овозможува 'штанцање' градежни дозволи.
Критиките доаѓаат откако Собранието на 13 август по скратена постапка и без да земе збор ниту еден пратеник, ги изгласа измените на Законот за урбанистичко планирање предложени од Министерството за транспорт и врски.
Граѓанските организации бараат претседателката Гордана Сиљановска Давкова да не ги потпише измените и да го врати законот на повторно разгледување, велејќи дека не смее да се донесе ваков закон без јавна расправа и учество на стручна јавност.
Дивите депонии горат, смрдат, загадуваат - Модерни центри за отпад нема
„На диво“ е и со дивите депонии. Десетици такви горат низ земјава и го загадуваат воздухот со токсични канцерогени материи, додека скоро две децении државата не успева да ги изгради планираните модерни центри за управување со отпад, иако за дел од проектите одобрени се пари од Европската унија и заем од ЕБОР.
Од Скопје до Струмица, деновиве гореа депонии на повеќе локации: Кичево, Стар Дојран, Охрид, Штип, Велес, Делчево, Неготино и Струга. Чадот од дивата депонијата „Вардариште“ секојдневно ги труе скопјани кои иако молат за спас, институциите не го решаваат проблемот.
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ критикуваат дека со децении „не се помрднува од место“ решавањето на овој проблем, а граѓаните трпат долготрајни последици од токсичниот и канцероген воздух.
Не горат само депониите. Во Северна Македонија се активни десетици шумски пожари, од кои некои стасаа дури и до селските куќи. Гори во трите национални паркови, на планините, во котлините...
Неделава се разгоре и несогласувањето на скопските градоначалници со првата дама на Градот - Данела Арсовска.
На Скопје му фали генералка за да заличи како што треба. Овде е срамота да дојде турист! Ова е заклучокот на градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓоргиевски. Тој вели дека ваков впечаток имаат и останатите колеги од скопските општини.
По заедничка дискусија, тие се согласиле дека сите јавни претпријатија на градот не се функционални, но во Паркови и зеленило и Комунална хигиена е најалармантно. Затоа бараат на Град Скопје да му се одземат ингеренциите за овие две претпријатија.
Ќе достават допис до Владата во кој ќе побараат на наредната седница да биде ставена дополнителна точка на која ќе се разгледаат состојбите и ќе се земе предвид нивното барање. Веруваат дека сервисирањето на услугите ќе биде многу поефикасно кога претпријатието ќе се подели соодветно.
Рамковна годишница и приватни журки
Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак го донесоа тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената седница на Владата по повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор што се одбележува денеска, на 13 август.
На ова му претходеа бројни прес-конференции и изјави од претставниците на албанските партии во власта и од албанската опозиција - кој и како треба да ја слави годишницата од Рамковсниот договор. ДУИ организираа засебни дебати и трибини, а еден од лидерите на владејачкиот ВЛЕН, министерот за здравство Арбен Таравар, тоа го нарече „правење приватни журки поради немоќ“.
Ковид има, простор за паника засега нема
Расте бројот на заболени со вирусот Ковид-19 во Северна Македонија. Во јули пријавени се 250 случаи. Не треба да расте паниката, но сепак треба да се внимава, велат докторите. Ретко кој се тестира, а најголем број од случаите немаат тешка клиничка слика.
Според билтенот за движењето на акутните заразни заболувања на Институтот на јавно здравје (ИЈЗ), во текот на јули, најмногу заболени од Ковид имало меѓу возрасната група над 60 години и кај деца до 9 години.
Потврдените случаи меѓу децата не се така ретки, но и тука нема простор за паника, вели педијатарката Звезда Спасовска.
Во јули пријавени се 250 случаи на COVID-19 во земјава. Во однос на јуни, има десеткратно зголемување на бројот, како и во однос на јули 2023, стои во билтенот на ИЈЗ.
Годишнина на талибанската власт
Неколку дена откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година, генерал-полковник Фаиз Хамед, моќниот шеф на озлогласената пакистанска разузнавачка агенција меѓу службите, направи нешто што изгледаше како победнички круг во главниот град на Авганистан, Кабул.
„Ве молам, не грижете се - сè ќе биде во ред“, му рекол тој на новинар од западот додека се смешкал и пиел чај во хотелот со пет ѕвездички „Сарена“.
Но, три години подоцна, чувството на Пакистан да постигне стратешка победа помагајќи им на Талибанците да ја вратат власта исчезна, бидејќи талибанската влада ја зацврсти својата позиција како клучен непријател на Пакистан.
Денес, талибанската власт е под силни критики за режимско владеење, угнетување, кршење на основни човекови права, особено на правата на жените, за ригорозни и радикални религиозни мерки...
Медиумите на Кремљ го минимизираат упадот на Украина во Курск
Рускиот претседател Владимир Путин го опиша упадот на Украина во регионот Курск како „провокација“, „обид за дестабилизација“ на пограничните региони и терористички чин. Тој избегна да користи попривлечен опис, као на пример: првата инвазија на Русија од страна на странски трупи по Втората светската војна.
И тоа го окарактеризира како нешто со кое Русија ќе се справи ефикасно, иако не го стори тоа речиси една недела по прекуграничната офанзива на Киев.
Државните - контролирани руски медиуми, во голема мера ја следеа таа линија, често сакајќи да го минимизираат упадот и да ја уверат домашната публика дека тоа не е голема работа. И наместо удар на воените цели на Русија и срам за Кремљ, тоа сигурно ќе биде претставено и ќе заврши како лоша грешка на Украина.
Во меѓувреме, во областа Курск е прогласена вонредна состојба и има секојдневни евакуации на населението. Властите во Украина во средата изразија загриженост за хуманитарната ситуација во регионот Курск и најавија мерки за помош на раселените Руси, вклучително и оние кои сакаат да се евакуираат во Украина, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.