(Не)Можна дестабилизација наесен
Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати испраќа пораки за загриженост за како што вели, обидите да се создаде конфликт оваа есен. Првиот пат тоа го направи од илинденската говорница на Мечкин камен на 2 август, кога кусо изрази загриженост за „одредени политички субјекти“ кои се обидуваат со одредени барања да предизвикаат конфликт. Вториот пат Мицкоски на прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти, ја посочи со име опозициската ДУИ како дестабилизирачки фактор во земјава.
Според премиерот, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста. Суштината на ваквите потези, вели премиерот, е да се одбрани капиталот стекнат во изминативе 20 години на власт, но како што рече, не се исклучува и можноста некои групи да бидат несвесно изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет.
По изјавата на Мицкоски за можната дестабилизација зборуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој во интервју за Канал 5, се обиде да ја „смири“ јавноста со најавата дека ќе се преземат мерки тоа да се спречи, без да посочи какви.
Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје не сакаа да ја коментираат изјавата на Мицкоски.
„Не е наша практика да коментираме индивидуални изјави на политичари, вклучително изјавата на премиерот, спомената во вашето прашање“, се вели во кусиот одговор за РСЕ.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски вели дека доколку е точно тоа што го говори во јавноста премиерот и е базирано на информации од разузнавачки служби, постојат соодветни институции кои треба да преземат мерки, а не да се внесува паника и страв во општеството со паушални и воопштени информации без детали.
Опозициската ДУИ ги оцени таквите обвинувања на Мицкоски како „лажна пропаганда “.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го повика Мицкоски доколку поседува какви било информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, итно да ги сподели со надлежните институции, во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес.
Дали во случајот со фалсификувани евро монети ќе бидат фатени и „крупните риби“?
Македонскиот полицаец, приведен во Косово, е осомничен дека учествувал во изработка на околу 2 милиони лажни монети од 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во косовската економија, соопшти Европравда. Илјадници евро монети биле „ковани“ во подрум во куќа во Скопје, а завршиле на Косово. Косовската Централна банка повлекла од промет над 2,5 милиони монети заради фалсификатите. Дел од лажните евра завршиле и на македонска територија. Македонската Народна банка открила над 50 илјади фалсификувани евра за две години.
Полицаецот е осомничен дека во неколку наврати внесол и пуштил во оптек по илјадници фалсификувани монети во вредност од по две евра. Извори од истрагата за Радио Слободна Европа велат дека тој бил дел од мрежата на фалсификатори, но не и „мозокот“ на операцијата.
Неговото приведување е кулминација на повеќемесечно прецизно планирање меѓу косовските и македонските власти, со поддршка на Европол и Европравда, се вели во соопштението на Европол, кој речиси една деценија е Централна канцеларија за борба против фалсификување на еврото.
Но, ова не е прв случај во кој се приведени македонски државјанин во Косово под сомнение за пуштање во промет фалсификувани евро монети. Минатата година во декември, Специјалното Косовско обвинителство соопшти дека биле приведени тројца македонски и тројца косовски државјани кои беа фатени со 85 илјади евра фалсификувани пари во кованици од по две евра.
И тогаш, а и сега нема информации кои се главните „играчи“ во оваа, очигледно добро организирана шема за фалсификување и пуштање во промет на лажните монети од по 2 евра.
Со вистински девизи патуваа избирачки одбори низ светот за неколку гласови од дијаспората
На списоците, кои, РСЕ по слободен пристап до информации од јавен карактер, ги доби од Државната изборна комисија која ги спроведува изборите, има вкупно 197 имиња на членови на избирачки одбори кои патувале на 31 дестинација низ светот. Причина – гласање на пријавените во дијаспората за претседателските избори 2024. За патувањата државата одвоила околу половина милион евра.
Во атрактивните „туристички“ дестинации низ светот, според списоците, патувале функционери или нивни блиски, предложени од големите партии. И сето тоа за само десетина гласачи, а на многу места и за помалку од десет гласа.
Неодамна Центарот за граѓански комуникации излезе со истражување во кое наведе дека Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва, кој чини 813 илјади евра, е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 748 илјади евра.
Сепак, партиите и владата не се откажуваат од организирањето гласање во дијаспората и во иднина.
Кој се патуваше низ светот за изборите, можете да прочитате ТУКА.
Велешкото Езеро Младост го убиваат десетици тони фекалии
Големи количини фекалии помешани со алги пливаат во велешкото Езеро Младост. Хидробиолошкиот институт од Охрид објави дека има виски нивоа на органско и фекално загадување на езерото. Дел од загадувањето е од околните населби, кои не се приклучени на водоводната и канализационата мрежа. Погледнете ја видео репортажата.
„Конечно во добри раце“: Ослободената новинарка на РСЕ, Алсу Курмашева, за животот по рускиот затвор
Алсу Курмашева, новинарка на РСЕ и мајка на две деца, е повторно со своето семејство, откако беше ослободена во историска размена на затвореници по девет месеци минати во руски притвор. Таа беше осудена на 6 и пол години затвор под обвинение за ширење невистини за руската војска, обвинение кое нејзиниот работодавец го отфрли. На 5-ти август од Тексас, 47-годишната Курмашева, зборуваше за РСЕ заедно со нејзиниот сопруг Павел Буторин, за тоа како се прилагодува на слободата по излегувањето од рускиот затвор.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org