Достапни линкови

Партиско – семеен „туризам“ за гласањето на дијаспората


Илустрација
Илустрација

Партиско – семеен „туризам“ развивале партиите кои испратиле свои претставници во Избирачки одбори за гласањето на дијаспората. На списоците се функционери и нивни блиски, членови кои преку општинските комитети оделе на иста дестинација. За патувањата државата одвоила околу половина милион евра.

„Прв и последен пат“. Ова е коментарот на речиси сите „позвучни“ членови на партии со кои разговараше Радио Слободна Европа, а кои на Претседателските избори 2024 заминале во некоја светска дестинација каде што гласаше дијаспората. Раскажуваат дека очекувале дека ќе имаат време барем малку и да прошетаат, но авантурата наречена член на Избирачки одбор во ДКП им се претворила во вистинско малтретирање по аеродроми.

На списоците кои РСЕ по слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби од Државната изборна комисија која ги спроведува изборите, има вкупно 197 имиња на членови на избирачки одбори кои патувале на 31 дестинација.

Според изборниот законик претседателот и неговиот заменик се бираат од редот на вработените во Дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) додека останатите членови се на предлог на партиите од власта и опозицијата кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.

Четворица се членови, а четворица заменици.

Ќерката на поранешениот претседател на ДИК, Деркоски во Рим

Во „шармантниот“ Рим во Италија за да гласаат за еден од кандидатите за претседател се пријавиле 30 македонски државјани и го исполниле законскиот минимум кој изнесува 10 пријавени гласачи за да се одржи гласањето во некое од конзуларните претставништва. Но, кога дошол денот за гласање во вториот круг се појавиле само шестмина гласачи, што значи дека излезноста била 20%, а резултатот 50:50 односно по три гласа добиле кандидатите Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски.

Во Рим партиите предложиле шест членови на избирачки одбор, а според списокот кој го доби РСЕ меѓу нив е и Софија Деркоска која се совпаѓа со презимето на поранешниот претседател на ДИК, Оливер Деркоски.
РСЕ испрати прашања до него дали се работи за негов член на семејството или потесната фамилија и дали е на негов предлог, но одговор не доби.
Едноставно пребарување на социјалните мрежи покажува дека се работи за негова ќерка, но тој не одговараше на прашањата на РСЕ.

Дерковски на позицијата Претседател на ДИК беше на предлог на ВМРО ДПМНЕ, а сега е актуелен член на правната комисија на оваа партија. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија за РСЕ дека токму оваа комисија ги бирала членовите на Избирачките одбори за дијаспората.

Со Деркоска предложени за членови биле и извесна Ивана Димовска, Осман Амети, Бојана Атанасовска, Лука Николовски и Абдулкадир Исмаили.

Податоците кои ДИК ги достави до РСЕ покажуваат дека по човек државата одвоила 278 евра за дневници во Рим или вкупно 1 660 евра. Износот на авио билетите се движел од 34 до 42 илјади денари, а хотелското сместување од 21 до 24 илјади денари или вкупно нешто повеќе од 11 илјади евра.

Ова значи дека за гласање на десетина гласачи во Рим биле потрошени околу 13 илјади евра. Според истражувањето на РСЕ ова е една од поевтините дестинации со оглед на близината до Северна Македонија.

Инфографика - Звучни имиња меѓу членовите на Избирачките одбори во ДКП
Инфографика - Звучни имиња меѓу членовите на Избирачките одбори во ДКП

ОД ВМРО ДПМЕ патувале поранешни пратеници, сопруги и девојки на партиски функционери

Александар Бичиклиски е едно од позматите имиња за јавноста кое може да се најде на списокот „патувачи“, бидејќи беше долгогодишен портпарол на партијата. Тој на овие избори патувал во Емиратите, поточно во Абу Даби.

Меѓу високите облакодери во современата метропола Северна Македонија има своја амбасада, каде се пријавиле да гласаат 26 Македонци, а на гласање се појавиле 10, од кои едно било неважечко ливче.

Во разговор за РСЕ Бичиклиски вели дека пресудно за неговото патување било тоа што неговата канцеларија се наоѓа веднаш до онаа на правната комисија на партијата, па изборот паднал случајно.

„На врата го слушам Трајко Вељаноски како прави муабет со некоја. И ми кажува дека ни откажале за во Абу Даби, па вика ти дали сакаш да одиш? Ми беше чудно ама викам ајде“, вели Бичиклиски за РСЕ.

Во Торонто пак како предлог на истата партија биле и две сопруги на двајца претседатели на општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, на Центар кој воедно е и поранешен конзул, Драган Ѓурчевски и на Карпош актуелниот пратеник Тони Јаревски.

„Постапката за избор е пропишана согласно Изборниот законик и Бети беше како член на ИО заедно со претставниците од останатите партии“, вели Јаревски за РСЕ.

Меѓу оние кои патувале во едно од гласачките места во дијаспората се појавува и поранешната пратеничка Павлинка Честојанова и нејзината поранешна асистентка во Собранието на РСМ, Надица Мицова. Заедно отпатувале во Прага.

„Ми се јавија од ДИК дека ќе бидам член на ИО и заминав во Прага. Стигнавме вечерта, сабајле во 6 часот ве земаат па немаш ни каде да јадеш. Вечерта те враќаат назад во 11 или 12 и во 4 утрото те земаат од хотелот и на аеродром. Дневници има предвидено ама тој ден ништо од амбасада не ти даваат, немаш доволно ни да си купиш нешто за јадење“, вели Мицова за РСЕ.

Од владејачката партија имињата на списоците уште се поврзуваат и девојка на актуелен помошник министер во МВР која патувала во Лондон, вработена во адвокатска канцеларија на поранешниот претседател на правната комисија Менкиновски исто така во Лондон, додека пак на листата за патување во Анкара се нашле четири припаднички на Унијата на жени од Велес.

СДСМ испратиле роднини на екс министри и пратенички, шеф на кабинет, директори

Вашингтон во Соединетите Американски Држави е дестинацијата каде што како член на избирачки одбор отпатувал сопругот на тогашната заменик министерка за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.

Тој дава и изјава во текот на изборниот ден за Гласот на Америка на македонски јазик во САД, за тоа како тече гласањето.

Аврамовска Мадиќ во разговор за РСЕ вели дека е нормално нејзиниот сопруг да си има круг на пријатели од СДСМ и е предложен од оваа партија.

„Сепак како дошле до неговото име најдобро е да се обратите до шефот на штаб кој го одобрил списокот или до партијата. Јас не сум го правела списокот, јас бев во регионален изборен штаб ангажирана на овие избори. Ова оди преку централа и таму се прават списоците“, вели Аврамовска Мадиќ.

Според списокот кој го доби РСЕ само тој патувал од Скопје до Вашингтон и назад во двата изборни дена. Една од членовите Катерина Таневска најверојатно останала на своја сметка во Америка и избегнала прекуокеански летови во кус период велат од ДИК, додека кај Горан Козаров, Нертил Османи и Валдрим Мехмети кои биле предложени од партиите се појавуваат нула трошоци.

Од ДИК објаснуваат дека тоа значи дека е можно воопшто да не отпатувале и покрај тоа што биле предложени.

На предлог на социјалдемократите патувал и сопругот на поранешната пратеничка Тања Ковачев. Тој бил дел од избирачкиот одбор во Мелбурн, Австралија.

Таа смета дека таму каде што го предложиле таму треба и да се бараат одговори.

„Поврзаноста на овие избори со мене директно за во дијаспора нема, ниту гласам таму ниту пак знам како се бирале. Луѓето кои влегуваат во избирачки одбор на предлог на партиите знаете дека се од партиите. Мојот сопруг е член на СДСМ, и основно право е секој да членува во партија и не можам да ја разберам тенденцијата зошто мене ми се обраќате за да ме прашате за мојот сопруг“, вели Ковачев.

Шефот на кабинет кај поранешниот директор на Царинска управа и потпретседател на СДСМ Стефан Богоев, бил член на ИО во Торонто. Игор Трајчевски за РСЕ, вели дека е на предлог на партијата и дека оди втор пат на гласање на дијаспората.

„Во 2019 година бев во Мелбурн. Како одам? Кај нас е базирано врз основа на искуство, дали си бил член на избирачки одбор во твојата општина“, вели Игор Трајчевски.

Од СДСМ се појавуваат уште неколку „звучни“ имиња како Филип Нечевски кој беше директор во железници и Младен Давидовиќ кој се појавува како претседател на младите на партијата во Куманово.

Албанскиот политички блок со поранешни министри и пратеници

Едно од актуелните имиња во последните денови, а кое се појавува на списокот како дел од избирачки одбор во италијанското туристичко место Венеција е Зеќир Кадриу. Тој е поранешен пратеник во Собранието како тогашен член на Демократската партија на Албанците.

Деновиве пак се појавува како секретар на „Здружението Албанска академија на науките и уметностите“ кое со коалицијата „Вреди“ заговара создавање на паралелна академија на МАНУ. Нема податоци за тоа од која политичка партија бил предложен како член на одбор.

Со него во Венеција би и извесен Ремзи Мамуди. И за него нема на чиј предлог заминал во Италија, но ако се пребара неговото име во медиумите се појавува во дел од основачите на извесно здружение на Бугарите „Шемето“ кое се декларирало како „Албанци со бугарска самосвест“. Сепак во централниот регистар неговото име не се јавува како дел од здружението.


Џемаил Чупи и Лиман Авдиу се попознати на јавноста бидејќи првиот беше Министер задолжен за дијаспора во владата на Ковачевски, се додека Алтернатива не излезе од владината коалиција, а вториот е член на Централно раководство на Алтернатива. Двајцата биле на иста локација во Брисел.

Арлинда Ѓакова чие име се појавува како дел од коалицијата ВРЕДИ, била во Софија. Таа на нејзиниот линкедин профил пишува дека е вонреден професор, директор во пошти и советник во Влада.

Пекинг најскап, а со најмалку пријавени гласачи

Од сите дестинации на кои патувале партиските членови на избирачки одбори главниот град на Кина, Пекинг е дестинацијата за која е најмногу потрошено. Членовите можеби и никогаш не помислиле дека ќе го посетат еден од водечките светски центри на своја сметка, но државата им го покрила патувањето, сместувањето и дневниците за да реализираат гласање на само 12 пријавени Македонци.

Меѓу оние кои патувале РСЕ не можеше да најде позвучни имиња, но нивните авио билети се најскапите од 31 локација на која требало да се стигне. За првиот круг повратната ката чинела 110.420 денари или околу 1.700 евра, а за вториот круг 94 521 денари или 1 500 евра. Вкупно за шестмина членови се потрошени околу 20 илјади евра само за билетите.

Хотелското сместување било нешто поевтино па од член на избирачки одбор за двата круга е околу 500 евра или вкупно за шестмина 3 000 евра. На ова се додаваат и дневниците од околу 500 евра по човек па вкупно за гласањето во ова дипломатско претставништво се потрошени 26 илјади евра.

Податоците на ДИК покажуваат дека во Пекинг се пријавиле само 12 гласачи, а во вториот круг гласале само 8 и тоа со 6 важечки и 2 неважечки ливчиња. Според неофицијалните информации до кои дојде РСЕ од извори од ДИК, всушност поголемиот дел од гласачите биле вработените во МНР кои работат во дипломатското претставништво.

Пресметката на РСЕ покажува дека во Пекинг еден гласач ја чинел државата 3 250 евра.

Инаку цените на хотелските сместувања и билетите варираат во зависност од дестинацијата, па така до Абу Даби авио картата чинела околу 38 илјади денари, а исто толку и хотелското сместување.

До Мелбурн картата чинела 80 илјади денари сместувањето 26 илјади. До Детроит картата била 75 илјади, а хотелот 24 илјади денари. За да се стигне во Лондон се потрошени 36 илјади денари, а за сместување 30 илјади. Поевтини се балканските земји особено соседните, каде членовите патувале групно со комбе, а и сместувањето е со пониска цена.

Инфографика - Трошоци за гласање на македонските државјани во Пекинг за Изборите 2024
Инфографика - Трошоци за гласање на македонските државјани во Пекинг за Изборите 2024

Државата предвиде 800 илјади евра за гласање на дијаспората

Државната изборна комисија пред стартот на изборите предвиде дека целосното гласање на дијаспората би чинело 800 илјади евра. Од податоците кои ги добие РСЕ може да се види дека всушност за хотелското сместување и транспорт на членовите на ИО се потрошени 366 илјади евра, но тука не се вклучени дневниците. Дневниците се променливи бидејќи зависат од земјата во која патувале членовите.

Од списокот кој го доби РСЕ тие се изразени и во најразлични валути, но може да се земе дека во просек еден член земал околу 300 евра вкупно дневници. Тоа значи дека за нив државата одвоила околу 60 илјади евра па збирно за членовите кои патувале се потрошиле 426 илјади евра. Во оваа сума не се вклучени дневниците за конзуларно дипломатските претставници од чии редови беа претседателите и замениците, ниту пак трошокот за гласачките ливчиња.

Неодамна Центарот за граѓански комуникации излезе со истражување во кое наведе дека Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва, кој чини 813 илјади евра, е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 748 илјади евра.

Од ДИК објаснуваат дека не може однапред со сигурност да се предвиди колку пари ќе чинат картите и сместувањата, па за тоа се предвидени повеќе пари.

Договорот го реализирала туристичката агенција Њу вејс оф травел, а според податоците од бизнисмрежа таа во изминатите години добива јавни набавки од повеќе институции. На пример само минатата година склучила 40 договори, а реализирала 28 со вкупна вредност од околу 600 илјади евра.

Според Центарот за граѓански комуникации на тендерот понуди доставиле две фирми, а поради високата вредност постапката била под надзор на Бирото за јавни набавки.

„Во текот на контрола се дадени одредени насоки до ДИК, но и во повторната евалуација на понудите, за најповолна е избрана понудата на Њу вејс оф травел.“, пишуваат од центарот.

Според информации од ДИК другата фирма која се пријавила на огласот сама се откажала.

Партиите и Владата не се откажуваат од гласање на дијаспората

Според Владата, секој што поседува валидно македонско државјанство има неприкосновено право на глас на избори и тоа е демократија. Конкретно не одговараат дали се размислува за промени на законите.

„Укинувањето на право на глас, односно одземање на право на глас не кореспондира со демократијата. Во однос на подобрување на процесот на гласање, тој се одвива постојано согласно препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но и согласно договор меѓу сите политички чинители“, велат од Владата за РСЕ.

И партиите се повикуваат на правото да си кандидираат свои членови на одбори за дијаспората.

„Во рамки на законските можности партиите имаат право да испратат свои претставници во избирачките одбори во ДКП. Во однос на критериумите за избор на членовите, надлежна е правната комисија во ВМРО ДПМНЕ. Сите се членови на партијата и не гледаме како и зошто би се проблематизирало“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Сличен е ставот и на опозициската СДСМ.

„Начинот на избор на членовите е согласно законските прописи. СДСМ ги почитува законските критериуми кои беа исполнети во целост. Сметаме дека отворање на изборниот законик треба да биде со консензус од сите партии. Секако, СДСМ е подготена да поддржи предлози за намалување на трошоците за изборните циклуси“, одговорија од СДСМ.

ДУИ на овие избори се откажа од правото да испрати свои членови во одборите, а кои ги замени одговор нема.

Според списоците може да се забележи дека дел од одборите биле членови на Алијанса на Албанците и Беса.

Незадоволна и дијаспората и членовите на одборите

За да се организираат избори во дипломатско конзуларните претставништва потребно беше да се пријавени најмалку десет избирачи. Овој услов беше исполнет во 31 преставништво, но за да се гласа и за Парламентарните избори додатно беше потребно да има пријавено најмалку 5 355 гласачи, во сите 52 ДКП. Ова не се случи па поради тоа дијаспората не учествуваше во изборот на пратениците.

Дел од членовите на одборите со кои разговараше РСЕ велат дека е вистинско малтретирање да се оди за толку кусо време во странство и назад.

„Еднаш бев и никогаш веќе. Јас се надевам дека ќе го сменат овој систем“, вели Надица Мицова.

И дијаспората е незадоволна од овој начин на гласање бидејќи дел од Македонците треба да патуваат и по 500 километри за да дојдат до амбасадите каде се одвива гласањето.

Додатно проблематично на овие избори беше тоа што се одржуваа во среда работен ден. Најгласна беше македонската дијаспора во Малта која на пример требаше да патува до најблиското ДКП кое е во Рим за да гласа.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG