Достапни линкови

Меѓу парите и пожарите


Илустрација
Илустрација

Унгарската милијарда на премиерот Христијан Мицкоски одекна еднакво гласно како и десетината шумски пожари. А меѓу два рапорти на Стојанче Ангелов од ЦУК и кавгата на опозицијата и власта за орбановиот заем беа ребалансот, Украина, Трамп... Њузлетер 19.07.2024

Милијарда

Се „крчка“ закон со кој Владата на Северна Македонија ќе се задолжи кај Унгарија. Ова доаѓа откако лично премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон, каде присуствуваше на НАТО самитот, обелодени дека се договорил со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан за задолжување од пола милијарда евра. Од 11 јули кога беше објавена веста за договорот со Унгарија па до денес Мицкоски во неколку наврати се дообјаснува на оваа тема. После реакциите дека по изборната победа најави дека ќе донесе една милијарда евра, а донесе половина од сумата, тој кажа дека втората половина ќе ја земе од Унгарија, но следната година.

И во Унгарија се бараат одговори за милијардата од Орбан за Мицкоски. Според унгарските медиуми во кои исто така има многу малку податоци за заемот од „Ексим“ банката која е во сто процентна сопственост на државата и ќе го финансира кредитот. Радио Слободна Европа испрати прашања до банката за детали околу исплатите и условите, но одговор од таму нема. Го поставуваат и прашањето што добро ќе извлече Унгарија од заемот кој го дава на земјата од каде доаѓа и поранешниот осуден премиер Никола Груевски кој доби азил токму во Унгарија.

Графичка илустрација - Христијан Мицкоски и Виктор Орбан
Графичка илустрација - Христијан Мицкоски и Виктор Орбан

За нашите пари

Неделава и други милијарди беа актуелни во Северна Македонија. Оние од Буџетот. Новата Владата, која по победата најави фуриозен старт, вели дека наследила хаос и долгови и со ребалансот очекува дека ќе ја подобри економската состојба на граѓаните. Дали ќе се зголемува минималната плата како што бараат синдикатите, засега нема конкретен одговор. Првичната проекција за економски раст е неостварлива. Новата власт обвини дека иако морале, претходниците не испланирале голем број расходи и трошеле недомаќински. СДСМ, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара само алиби и нема да ја зголеми ниту платата ниту стандардот на граѓаните.

Според проекциите, приходите што се планираат во државната каса се на ниво нешто повеќе од 318 милијарди денари, додека расходите се очекува да бидат во износ од речиси 363 милијарди. Тоа значи дека дефицитот ќе биде околу 44 милијарди денари, што е за околу 11 милиони денари повеќе од тоа што го предвиде минатата влада.

Лажни вести за вистински пари

Европол и Интерпол со македонската полиција трагаат по измамниците со лажните вести за трговија со крипто-валути, велат од МВР. Дел од трагите на измамничките сајтови водат до адреси во Британија, САД, Сингапур и бараат внесување лични податоци за тргување со крипто. Политичари и новинари кои се злоупотребени во измамата веќе поднеле пријави.

Илустрација
Илустрација

Кампањата со вакви измами најмалку две недели е активна на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Таму се објавуваат линкови од стории со лажни вести за македонски јавни личности, кои имитираат познати медиуми за публиката. Злоупотребени се имињата на поранешниот премиер Зоран Заев, актуелниот премиер Христијан Мицкоски, на поранешниот директор на ТИРЗ Виктор Мизо, како и многу новинарски имиња.

Во текстовите кои што ги анализиравме се тврди дека со едноставно кликнување на линкот граѓаните може да започнат лов на големо богатство. Вакви веб-страници се генерираат секој ден со нови ликови, ама со иста приказна, која на крај може да заврши со испразнета сметка на читателот.

Повеќе пари за раѓање деца, ама не сега

Во програмата за работа на новата Влада, пишува дека ќе се зголеми помошта од државата за новородени деца. Колку ќе изнесува - не е прецизирано.

Но, во предизборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ имаше конкретни цифри - еднократна помош од 250 евра за првородено дете, 500 евра за второ, 750 евра за близнаци, за трето и за секое наредно дете.

Но, за тоа, семејствата ќе почекаат. Според нашите информации, не се знае од кога ќе почне да се исплаќа оваа помош, но сигурно нема да биде оваа година. Како причина се наведува лоша кондиција на буџетот.

Вистински пожари

Освен финансиските пожари, кои, како што вели новата власт, треба да се гасат, оние вистинските - на Серта, во битолско, во новоселско, росоманско... - веќе се гасат. Опремата е истата, старата, па на помош стасаа модерни канадери, херкули и хеликоптери од Романија, Србија, Турција... Се гасат десетина активни пожари, од кои само еден, на планината серта, како што рекоа од Центарот за управување со кризи, има 10-километарски огнен фронт.

Владата мораше да прогласи крзина состојба, која, според опозицијата, е со задоцнување. Како и да е, во гасењето, покрај пожарникарите, месното население, ловните друштва и доброволците, се вклучи и армијата.

Најкритично беше во неготинско. За шест дена, вели неготинскиот градоначалник, изгорела површина колку два града.

Пожар во ЕУ?

Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше во, како што тој ја нарече, „мировна мисија“. На тој пат, беше кај Вилодимир Зеленски, па кај Владимир Путин, во пекинг и на крајот кај Доналд Трамп во Флорида. Од ЕУ кажаа дека тој на тие патувања не ја претставувал Унијата, иако Унгарија е претседавач. Интересно е тоа што Орбан не се залага за украинскиот мировен план поддржан од ЕУ, ниту пак неговото писмо укажува дека тој ја повикал Москва да ја запре нејзината целосна инвазија на Украина, која започна во 2022 година.

Виктор Орбан и Владимир Путин
Виктор Орбан и Владимир Путин

Наместо тоа, тој во писмото истакна дека „гледаме зголемување на опасни воени капацитети, а негативните економски ефекти од војната ставаат голем товар врз секојдневниот живот на нашите граѓани и врз конкурентноста на ЕУ“.

Орбан, исто така, пренесе некои точки од разговорот со Путин: дека Москва има детални планови за нова европска безбедносна архитектура по војната, дека Путин проценува дека Киев губи 40 000-50 000 војници секој месец и дека времето е на страната на Русија.

Некој ни по низина, а некој на велосипед на вуклан

Никола Нешкоски, планинар, велосипедист, екологист и едукатор. Личност која ужива во предизвици, но и човек кој сака младите да ги научи на здрав живот, на спорт и на љубов кон животната средина. Со него во поткастот Зошто разговараме за задоволствата, успесите, но и предизвиците со кои тој се соочува во остварувањето на неговата мисија. Разговорот со Нешкоски во „Зошто“ можете да го слушате тука.

XS
SM
MD
LG